Снимката од слетувањето на ловците ја направија возачите кои стоеја во колоната на автопатот Комсомолск – Хабаровск, пишува „Амурмедиа“. На снимката се гледа како авионот прелетува неколку метри над автомобилите и слетува на патот. Колоната автомобили беше долга неколку километри.
Се соопштува дека тоа била планирана воена вежба. Ловци Су-30СМ, Су-35С и МиГ-31 тргнаа во пресретнување на условниот непријател применувајќи фигури на акробатско летање, а потоа се впуштија во борба на помали и поголеми растојанија. Потоа авионите избегнаа гаѓање од земјата и слетаа на скратената и условно оштетена писта.
Во маневрите учествуваа и други авиони, како и хеликоптери.
Сообраќајот на делницата од 91 до 93 километар на автопатот ќе биде запиран неколку часови на 17, 20, 21 и 23 август, соопштија хабаровските власти.