Доколку би дошло до воен судир помеѓу војските на САД и на Русија на тлото на Европа, тој веројатно брзо би се проширил и во размена на удари со нуклеарни боеви глави. Но, за време на ваквото злокобно сценарио кое би значело почеток на Трета светска војна, постои реална можност воведниот судир на борбеното поле сепак да помине без употреба на оружје за масовно уништување. Да го земеме на пример фактот дека до тој судир би дошол во третата деценија од овој век, некаде кон средината на дваесеттите години. Епицентарот на тој судир веројатно би бил рускиот „џеб“ кој се наоѓа во околината на Калининград, Каде сигурно едни наспрема други би стоеле најелитните тенковски единици со кои располагаат двете војски.
Кон средината на следната деценија американските тенковски единици главно би биле опремени со основните борбени тенкови „Абрамс“ и тоа со неговите најнапредни модификации М1А2 SEP v.4. Доколку оваа верзија се спореди со денешната SEP v.2 и со следната SEP v.3 која наскоро се очекува да влезе во оперативна функција, последната модификација ќе се одликува со многу понапредна сензорика, со системи за дигитални комуникации и секако со мошне подобра оклопна заштита. Во секој случај, овој тенк во својата суштина нема визуелно да се разликува од денешните во американската армија.
Кога станува збор за руските елитни оклопни единици, тука ситуацијата ќе биде малку „пошарена“. Кон средината на следната деценија, руските тенковски единици во својот состав ќе ги имаат основните борбени тенкови Т-72Б3М, потоа Т-80БМВ, Т-90М „Прорив-3“ и најверојатно ќе има и определен број тенкови од четвртата генерација Т-14 „Армата“. Нас особено нè интересира последниот, зашто сигурно ќе има најквалитетен систем за оклопна заштита, како и борбена купола без екипаж. Исто така, според информациите што доаѓаат од страна на американската разузнавачка мрежа, како и од медиумите кои се занимаваат со воена проблематика, овој тенк ќе се одликува со врвна мобилност на фронтот.
ОБТ Т-14 "Армата"
ShutterstockКапетанот Стефан Бухлет, кој важи за исклучителен познавач на оклопните борбени машини (инженер на технички науки и старешина во оклопните борбени единици), токму нагласува дека благодарение на исклучителниот однос на силата и тежината, рускиот тенк ќе биде многу посупериорен од основните борбени тенкови М1А2 SEP v.4 и Леопард 2 кога станува збор за мобилноста на фронтот.
„Рускиот тенк има мошне подобар однос на силата и тежината во однос на тенковите на НАТО (М1А2 SEP v.4 и Леопард 2). Со својата тежина од 48 тони, тој е за 20% полесен од овие тенкови што резултира со негова поголема специфична сила која е основна за агилноста, мобилноста. Така на пример, 'Армата' има однос 33.1 коњски сили на 1.000 килограми, додека кај западните тенкови овој однос изнесува 24 коњски сили на 1.000 килограми. Значи, во однос на наште тенкови, рускиот тенк веќе сега може да се класифицира како екстремно агилен тенк“, констатира Бухлер. „Неговите гасеници се нешто потесни кога ќе се споредат со оние што се наоѓаат на тенковите Леопард 2 или на М1 Абрамс, но во суштина тоа и не е важно, зашто и самиот тенк е значително полесен во однос на западните противници. Поточно, специфичниот притисок на тлото што го создаваат овие тенкови се наоѓа во приближно ист размер“, пишува Бухлер.
Понатаму, со оглед на комбинацијата на активната оклопна заштита, реактивниот оклоп и основниот повеќеслоен оклоп, Т-14 ќе има подобра оклопна заштита во однос на овие два тенка. Значи, без оглед што овој тенк ќе биде многу полесен, неговиот оклоп ќе биде оспособен да издржи многу посилни удари (кинетички проектили, кумулативни гранати, тандем-кумулативни ракети и слично) од своите западни конкуренти. Бухлер особено го истакнува техничкото решение на куполата без екипаж која ќе овозможи мошне повисок степен на преживување на екипажот доколку дојде до пенетрација во основната оклопна заштита.
Кога станува збор за примената на оптичката електроника, западните тенкови, според Бухлер, сепак ќе ја задржат предноста. Но, Бухлер го истакнува проблемот на квалитетот на сензорот кој инаку се вградува во тенковите. „Во споредба со постарите оптички системи, видеокамерите и оптичко-електронските нишани кои денес се применуваат на тенковите, не се помалку чувствителни на непријателскиот оган. Оптиката и понатаму е „Ахилова петица“ на секој борбен тенк, вклучувајќи го и рускиот Т-14“, смета Бухлер.
Постои и уште еден недостаток кога станува збор за куполата без екипаж. Командирот на тенкот не може да ја исфрли главата низ отворот на тенкот, и на тој начин да стекне целосна слика за ситуацијата на боиштето на кое се наоѓа тенкот. Овој проблем се обидува да се реши со промена на модерната технологија. „Експертите се конфронтираат околу прашањето дали претераната дигитализација на тенкот (во дизајнерски облик во кој денес го гледаме), со начичкани лцд-монитори и камери кои ја следат ситуацијата 360 степени околу тенкот можат да го заменат природното чувство што се стекнува со своите очи“, пишува Бухлер.
„На овој план најмногу се отидени Израелците со развојот на нивниот систем „Ајрон вижн“ кој го разви познатата компанија ЕЛБИТ Системс. Тој се состои од борбени шлемови кои ги носат командирите на тенковскиот екипаж, а кои работат на истиот принцип како шлемот на пилотот. Значи хед-ап дисплејот е комплетно поврзан со сите оптиско-електронски сензори на тенкот и на видеокамерата, така што командирот има целосен преглед на ситуацијата околу тенкот. Тој сега нема потреба нон-стоп да се „ѕвери“ во мониторите, ами целата ситуација ја има директно пред своите очи кои набљудуваат со едноставно движење на главата. Има чувство како да ја извадил главата од тенкот. Ова повеќекратно го зголемува чувството на ситуациската тактичка свест во однос на моделите на другите производители. Доколку, на пример, со сличен систем би била опремена „Армата“ тогаш дефинитивно куполата без екипаж би имала предност во однос на стандардната“.
Секако, Русите не седат со скрстени раце. Пред извесно време беше лансирана сторијата за проектот „Птеродактил“ кој всушност е дополнување на постоечкиот панорамски нишан за откривање на непријателот и за наведување оган на него. Но, овој проект може да биде употребен и за проширување на вкупната тактичка слика околу тенкот која неговиот екипаж секако може да го искористи. Станува збор за група беспилотни летала кои би биле вклопени во специјални „боксови“ во внатрешноста на тенковскиот оклоп, и кои би имале задача постојано да летаат околу тенкот, самостојно покривајќи посебен квадрант на кругот (се претпоставува дека во склоп а системот „Птеродактил“ ќе бидат ангажирани вкупно 4 летала од типот квадкоптер). Овие летала со кабел би биле врзани за тенкот и нивната употреба би била индицирана во текот на изведувањето активни борбени дејствија каде во радиус и до 100 метри би го следеле тенкот. Би биле опремени со најсовремена оптичко-електронска техника со висока резолуција која на екипажот во тенкот би давала кристално чиста слика во реално време. Нејзината оперативна височина би изнесувала 90-100 метри, од каде видливиот хоризонт се зголемува на 35-40 километри оддалеченост, што навистина претставува импресивен простор кој на овој начин се покрива. Исто така, преку кабел овие летала нон-стоп би се напојувале, така што нивната автономија би била практично бесконечна.
Заклучокот што се наметнува на крајот е таков што Т-14 „Армата“, но и некоја помодерна верзија на „Абрамс“ ќе имаат приближно еднакви карактеристики. Ниту еден тенк нема да има некоја радикално поголема предност во однос на другиот. Очигледните предности што ќе ги има „Армата“ ќе се компензираат со понапредна сензорика, како и со увежбаност на посадата и елементите на напредната борбена тактика кои според овој автор се на страната на Американците.
Но, сите овие технички аспекти, од типот кој тенк ќе има поголем топ или посилен мотор итн., на крајот паѓаат во вода ако од тактички судир со конвенционално оружје се премине на масовна размена на нуклеарни боеви глави која ќе доведе до целосен холокауст. Во тој случај споредбата на тактичкото оружје е целосно беспредметна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче