Пекол на тркала: Новиот руски пламенофрлачки систем „Тосочка“ ќе биде помобилен и поубиствен

Слободан Ѓукиќ

Како што пренесува интернет порталот РИА „Новости“, руските артилериски единици наскоро ќе добијат ново убоито оружје. Пред сѐ, за разлика од своите претходници, тоа ќе се одликува со значително поголем степен на мобилност. Се работи за повеќецевниот пламенофрлачки ракетен лансер „Тосочка“.

Според изворите од овој текст, „Тосочка“ се наоѓа во завршната фаза на испитувањата, а од следната година би можела да влезе и во сериско производство, а со самото тоа и во оперативните единици на руската армија.

Принципот на орудието ќе биде сличен како кај тешките пламенофрлачки повеќецевни лансери „Буратино“ и „Сонцепјок“. Основната разлика ќе биде платформата на која ќе се наоѓаат ракетите. Имено, за разлика од гасеничната платформа, „Тосочка“ ќе се движи на тркала.

„Платформата на тркала е избрана врз основа на борбените искуства од Сирија и Ирак. Пневматиците обезбедуваат изведување на брз оперативно-тактички маневар на големи растојанија. За разлика од гасеничарите, ова возило нема да бара поширока логистика за свое транспортирање, како што се различни приколки и теглачи кои се користат со цел зачувување на погонскиот мотор, но и за заштита на патната комуникација од оштетувањата кои ги прават тешките гасеници. Едноставно, платформата на тркала има далеку подолг ресурс на употреба и секаде стигнува на време, без претходна подготовка“, истакнува за РИА „Новости“ воениот експерт Алексеј Леонков.

Експертот додава  дека платформата на тркала дава далеку поголеми можности за извоз, т.е. за продажба на овие системи, затоа што многу држави во светото во зависност од релјефот, развиената патна комуникација и сл. користат исклучиво техника на тркала.

Батерија „Сонцепјок“ во дејство

Основната маана на ова возило може да биде малку помалата отпорност на ефектите на непријателското противдејство поради послабото ниво на оклоп за разлика од тешките гасенични платформи. Меѓутоа, неговата мобилност и способноста да влезе во заштитени простори значително ќе ја намали можноста од непријателско противдејство.

Покрај новата платформа на тркала, руските конструктори работат и на понатамошно усовршување на ракетната муниција за овој тип на орудие. Интензивно се работи на зголемување на нејзиниот ефективен дострел, како и на зголемување на разорната сила на нејзината боева глава.

Инаку, повеќецевните пламенофрлачки лансирни системи кои користат ненаведувани ракети опремени со термобарички боеви глави денес претставуваат најефикасно средство за уништување на непријателска жива сила која се наоѓа отворено или во засолништа, вклучувајќи и леснооклопни борбени средства.

Погледнете како дејствува „Сонцепјок“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња