Борбено тестирање во Сирија
Во февруари годинава голем број медиуми кои се занимаваат со воената проблематика под ознаката итно ја пренесоа информацијате дека две нови летала Су-57 слетале на руската воздухопловна база Хмејмим која се наоѓа во Сирија која е зафатена со војна. Не мина многу време, та и самиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ја потврди оваа информација.
„Да, таму се наоѓаат два наши авиони. Тие таму одлетаа со придружба која беше составена од специјални авиони на таканаречената летачка лабараторија, која ги следи практично сите параметри на авионот, од неговите маневарски способности до системот на вооружување“.
Нешто подоцна министерот додаде дека овие авиони во текот на својот дводневен престој во Сирија се тестирани и во реални борбени услови. Имено, од нивните борбени магацини кои се наоѓаат во трупот на авионот, лансирани се неколку оперативно-тактички ракети, најверојатно од класата воздух-земја. Сета оваа активност беше наменета за „реална проверка на борбените можности на перспективната воена техника која се наоѓа во фаза на развој“; истакна Шојгу.
Иднината на воената авијација
Познатиот тест-пилот и херој на Руската Федерација Мухамед Толбаев особено ги истакна уникатните способности на новиот руски ловец во однос на својата конкуренција. Тој новиот руски авион од петтата генерација Су-57 го окарактеризира како технолошки најдобар производ што го има направена руската воздухопловна воена индустрија, но и тоа дека според големиот број техничко-тактички аспекти е најдобриот авион што досега го има направено човековата рака.
„Не постои ниту еден авион на светот кој може во крстосувачки режим на летање да постигне суперсонична брзина од 1.600 километри на час. За ваква брзина неопходно е да се лета во режим на дополнително согорување. Имено во режим на дополнително согорување-форсаж, авионот се соочува со огромна потрошувачка на гориво, што кај Су-57 не е случај. Такво нешто не постои никаде, Ниту Франција, ниту Англија, ниту Ролс Ројс, па ни Прат анд Витни немаат такво нешто,.. никој!“, категоричен е Толбаев.
Тој исто така го искоментира текстот што се појави на сајтот на „Нешионал интерест“ каде се тврди дека новиот руски авион од петтата генерација е направен врз база на системите кои се развиени за авионите Су-35, и дека во својата основа претставува исклучително скап проект кој нема некоја сјајна иднина.
Според Толбаев овој текст нема врска со реалноста. Новиот руски авион во мошне голема мера се разликува од Су-35 од 4++ генерација, а голем број од неговите технолошки аспекти ја носат ознаката на строга воена тајна.
„Су-58 е иднината на руската авијација. Кај него е применета најсовремена воена технологија со која јавноста сè уште не е запознаена. Практично, пошироката јавност може да го види само неговиот надворешен облик, но она што е внатре, што го сочинува неговиот мозок и срце го знаеме само ние: конструкторите, пробните пилоти, највисокото политичко и воено раководство. Технологијата која е применета во овој авион е строго чувана тајна и сè што ќе се појави на Интернет-медиумскиот простор е правено со намера да го зголеми рејтингот на тие сајтови, и спаѓа во чист дилетантизам“, нагласува Толбаев.
Според воениот експерт Дмитриј Дрозденко, веста за скората набавка на авионот Су-58 и почетокот на неговото сериско производство, е од исклучително значење за руските ВКС.
„Овој вид на нашата армија за првпат во своето вооружување ќе има 'невидливи' летала, а ние како земја ќе станеме втората на светот која користи авиони со вакви можности. Нашиот авион ќе има напредни особености кои ќе му овозможуваат зголемена невидливост-стелтност, ќе има можност без дополнително согорување-форсаж да лета со суперсонична брзина од повеќе 1.600 километри на час, што всушност е интегриран перспективен тип на најсовремено оружје кое го прави нашата воена индустрија. Гледајќи ги неговите летно-тактички карактеристики, нашата машина во голем број аспекти нема да има адекватен конкурент во светот, вклучително и американските авиони од петтата генерација. Неговите извонредни маневарски способности во комбинација со високочувствителните сензори ќе го покриваат практично целиот негов труп, што сè во пакет ќе создаде нова реалност кај пилотите кои сега ќе можат мошне поквалитетно да ја согледуваат ситуацијата околу себе и во најкус можен рок да донесат правилна одлука. Ваквиот пакет не е достапен за американските авиони од петтата генерација“; истакнува експертот.
Ловец од петтата генерација
Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација кој го имаат развиено инженерите на ОКБ Сухој. Тој е наменет за извршување огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување на апсолутна воздушна превласт над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување различни копнени цели и површински бродови кои се зајакнати со современи воздухопловни борбени средства, операции на извидување и надзор на воздушниот простор на голема оддалеченост, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.
Во конструкцијата на авионот се применети композитни материјали врз база на пластика со јагленски влакна, што во голема мера ја намалува рефлективноста на леталото. Повеќенаменскиот радарски комплекс може не само да открие копнени и воздушни цели, ами и да решава задачи од навигацијата, препознавањето, радиоелектронското извидување и ефикасно електронско противодејствие. Су-58 ќе биде карактеризиран со зголемена сила на моторот, корисна носовост на борбен товар, но и рекордна вредност на долет која во зависност од неговата брзина на лет ќе достигнува речиси 4.500 километри.
Авионот за првпат полета на почетокот од 2010 година од аеродромот кој се наоѓа во Комсомољск на Амур. Првата ескадрила од овие авиони на единиците на воздушно-космичката војска ќе биде испорачана во 2019 година.