„Една од клучните задачи на одбранбено-индустрискиот комплекс до 2020 година подразбира 70 отсто современа техника во вооружените сили на Русија. Овој удел е назначен во претседателскиот указ бр. 603 од 7 мај 2012 година (еден од прочуените мајски укази). Во стратешките нуклеарни сили напорите ќе се концентрираат на хиперсоничните средства за испорака на боевите глави на целта, ширење на можностите за совладување на ПРО, зголемување на ефикасноста на ракетните сили, создавање нови воздушни ракети и модернизација на електрониката кај стратешките бомбардери“, рече Борисов, а пренесоа медиумите.
„Покрај хиперсоничната нема да заостане ниту нуклеарното вооружување. До 2027 година треба да се обезбеди негова употреба со висока прецизност, и тоа во секоја доба од денот и од годината, и при активно противдејство на противникот, како и гарантирано совладување на непријателските системи за ПВО-ПРО. Пред силите на воздушно-космичката одбрана поставена е задача за обезбедување на стратегиско одвраќање за време на реализацијата на противничката концепција за глобален удар, осигурување на противвоздушната и противракетната одбрана на најважните објекти и зачувување на сегашното темпо на развој на ново оружје“, истакна потпретседателот на руската влада.
„Новите средства на Воздушно-космичката одбрана ќе се одликуваат со зголемена ефикасност благодарение на стандардизацијата и на поврзаноста во единствена линија на борбена команда, поголемиот потенцијал на сметка на отворената архитектура на групите за ПВО-ПРО и ешалонирање на противвоздушната ракетна одбрана, дејствување на целите во космичката зона, зголемување на мобилноста во сите временски услови и во секој дел од денот“, рече Борисов.
Државната програма за вооружување предвидува обнова на орбиталните единици, разместување космички апарати од новата генерација, создавање еколошки чисти ракети-носачи и потисни блокови, премин на стандардизирани командно-мерни и телеметриски системи.
Како главна насока во развојот на Воената морнарица потпретседателот на руската влада го наведе зачувувањето на бројната состојба на флотата и нејзино опремување со стандардизирани примероци ново оружје, вклучувајќи високопрецизно и хиперсонично, како и ефикасни средства за противторпедна заштита и ПВО-ПРО.
Јуриј Борисов наведе и шест руски новитети кои немаат конкуренција никаде во светот, а тоа се тешката интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, ловецот од петтата генерација Су-57, тенкот Т-14 на платформата „Армата“, противвоздушниот систем со голем дострел С-500, мобилниот систем за ПРО „Нудољ“ и земскиот комплекс за радиоелектронско неутрализирање на телекомуникациски сателити „Тирада-2С“
За првите четири системи од „Сармат“ до С-500 многу е пишувано, додека за системот ПРО А-235 „Нудољ“ се знае само дека ќе го замени системот за противракетна одбрана на Москва и на Централниот индустриски реон А-135 „Амур“. Главните одлики на новиот систем се неговата мобилност, која ќе биде составена од три ешалона, ќе може да пресретнува цели на ниската Земјина орбита (500-750 километри). Во периодот од 2016 до 2018 година извршена е серија успешни тестирања на противракетниот систем „Нудољ“, вклучувајќи и мобилен лансирен систем.
Треба да се каже дека во јавнодостапните извори „Тирада“ практично не се ни споменува. Познато е само дека проектантската работа е започната во 2001 година, како и дека целта на перспективниот комплекс се космичките апарати на Земјината орбита. „Тирада“ може да ги онеспособи со помош на електромагнетно зрачење.