Најновите руски стадиони: 12 градби поради кои Мундијалот 2018 никогаш нема да биде заборавен

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Русија со години се подготвуваше за Светското првенство во фудбал, а резултатите се фасцинантни. Ова е сè што треба да знаете за стадионите кои оваа година се домаќини на спортистите и навивачите од целиот свет.

1. Стадионот „Лужники“

Отворен во 1956 година како Централен стадион „Ленин“, најголемиот спортски стадион во Русија исто така има и најбогата историја и ќе биде централно место за одржување на Светското првенство во фудбал. На него се одржа отворањето, а исто така таму ќе се одвива и финалниот натпревар (како и уште пет други натпревари), што нема да претставува никаков проблем за овој стадион со 80.000 места на кој претходно беше одржано финалето на Лигата на шампионите 2008, финалето на Купот на УЕФА 1999 година и Олимпијадата во 1980 година. Откако во 2013 година беше затворен поради темелно реновирање, повторно беше отворен минатиот ноември и изгледа прекрасно.

Најдобар поглед на „Лужники“ кој е исто толку легендарен, колку што е величествен, го има на Воробјови гори, на спротивниот брег на реката Москва, која на панорамата на градот живописно го дели од Московскиот државен универзитет.

На стадионот „Лужники“ едноставно се стасува со метро, тука се станиците „Спортивнаја“ и „Воробјови гори“ (двете се на црвената линија број 1). Во близина на станицата „Воробјови гори“ има фуникулер кој ќе ве доведе до стадионот преку реката. На оние што сакаат да ја избегнат турканицата им предлагаме да излезат од метро една станица претходно на „Фурнзенскаја“ и да прошетаат околу два километри до стадионот, по пат можат да каснат нешто на богатиот Усачовски пазар.

2. Арена „Откритие“

Се чинеше дека новиот стаднион на клубот „Спартак“ од Москва кој претходно беше сместен на стадионот „Лужники“, засекогаш ќе биде во состојбата „се работи“ сè дури работата не ја забрза кандидатурата на Русија за Светското првенство. Завршен во 2014 година, стадионот за 24.000 гледачи на североистокот од Москва, во населбата Тушино, е омилен кај навивачите, а на гостите за време на натпреварите ќе им понуди доживување на атмосферата на локалниот клуб, за разлика од стадионот „Лужники“. Ова е помала, повеќе затворена арена со седишта кои се поблизу до теренот.

Секако, овој стадион се наоѓа во близина на метро-станицата „Спартак“ на линијата број 7. Исто така до него може да се стаса пеш од станицата „Тушино“.

3. Крестовскиот стадион

Вториот по големина стадион во Русија е неодамна отворен во Санкт Петербург и покрај контроверзиите што го следеа. Беше предмет на неколку жалби поврзани со безбедноста, а имаше и обвинувања за корупција (од некоја причина за неговата изградба беа потребни десет години, а чинеше над една милијарда долари, што е еден од најскапите стадиони на сите времиња).

Но, неговата цена се одразува и на изгледот кој предизвикува восхит, Новиот дом на екипата на „Зенит“ од Санкт Петербург на реката Нева изгледа импресивно. Тоа е сјајна градба со металик боја и личи на вселенски брод со неколку столбови кои се извиваат кон небото.

За разлика од претходниот стадион на „Зенит“ „Петровски“, „Крестовски“ е нешто подалеку од центарот на градот. Но, до него едноставно се стасува со метро до „Новокрестовската станица“ (линија број 3) или до станицата „Крестовски остров“ (линија број 5). Исто така може пеш да се мине Јахтени мост кој се наоѓа недалеку за да го доживеете еден од најубавите погледи на северната престолнина на Русија.

4. Арена „Екатеринбург“

Архитектонски можеби една од најинтересните градби на овој список, стадионот на фудбалскиот клуб „Урал“ изгледа грандиозно и влева страхопочит. Тој има необичен преден дел кој е одвоен од главниот дел на зградата. Власта остатокот од стадионот во целост го реконструираа (стадионот е од 1957 година), зголемувајќи го неговиот капацитет од 20.000 на 35.000 гледачи, но решија да го задржат стариот изглед на фронталниот дел од стадионот. Ова на социјалните мрежи предизвикува доза потсмев, но исто така дава и уникатни погледи за посетителите.

Арената во Екатеринбург се наоѓа источно од центарот на градот и до неа најлесно и набрзо се стасува пеш.

5. Арена „Казањ“

Стадионот на фудбалскиот клуб „Рубин“ од Казањ беше отворен во 2013 година. Има модерна купола и се наоѓа на убаво уредениот брег од реката. Исто така го има и најголемиот ха-де екран на отворено на светот од 4.000 квадратни метри. Иако е повеќе прилагоден за атлетски натпревари и често не може да ги исполни трибините за време на одржувањето на натпреварите на „Рубин“, тој копнее по зовриена атмосфера од големите натпревари. Арената во Казањ исто така ќе биде еден од најкористените стадиони на ова Светско првенство, зашто на неа ќе се одржат шест натпревари (вклучувајќи и еден во четвртина финалето).

За жал, метрото во Казањ не застанува во близина на арената. Затоа е најдобро да се дојде со трамвај (број 5 и број 6). Од казањската железничка станица за време на првенството ќе сообраќа посебна автобуска линија до стадионот.

6. Стадионот „Фишт“

Овој неверојатен стадион во облик на школка е сместен зад брегот на Црно Море и на планината, и претставува радост за очите. Со оглед на тоа дека е наменски изграден за Зимските олимписки и параолимписки игри во 2014 година, Светското првенство во фудбал ќе биде првиот фудбалски настан на ова место под долго време. Локалниот фудбалски клуб „Жемчужина-Сочи“ е расформиран во 2013 година, една година пред отворањето на стадионот. Но, нема причина за загриженост: стадионот со 48.000 седишта претходно беше добар домаќин на церемонијата на отворањето на Олимпијадата и на Купот на конфедерации и е подготвен, меѓу другото, да ги воодушеви посетителите со своите светлосни ефекти.

Стадионот се наоѓа во населбата Адлер. Станицата Имеретински курорт (Олимписки парк) покрај стадион е поврзана директно со железничките станици на аеродромот и во центарот на градот. До него исто така се стасува од железничката станица во Адлер со автобусот број 57.

7. Стадион „Нижни Новгород“

Стариот стадион на фудбалскиот стадион „Локомотив“ со 18.000 седишта не беше доволно голем за да ги дочека натпреварите од Светското првенство. Затоа падна во сенка на новото ремек-дело на архитектурата и дизајнот кој може да прими 45.000 гледачи. Величествените столбови и импресивниот покрив го прават овој стадион еден од најубавите и тоа дури и ако не го земеме предвид неговото осветлување, прозрачната фасада. Недалеку се наоѓа прекрасната црква Александар Невски во која можете да се помолите за својот тим (ако го правите тоа).

Стадионот се наоѓа на само два километри од Московската железничка станица и до него може да се дојде пеш од градскиот центар. Ако саката да користите метро, стадионот е 15 минути пеш од новата метро-станица „Стрелка“, а до него може да се стаса и од Московската метро-станица. Исто така може да се користат автобусите со броевите 7, 41, 57, 66 или 69 до станицата „Микрорајон Седмое небо“, на само 500 метри од стадионот.

8. Арена „Ростов“

Изгледот на оваа арена е наводно инспириран од брановите на реката Дон и локалната планина Курган, а нејзиниот покрив потсетува на Сиднејската опера. По низа тешкотии арената конечно беше отворена во декември 2017 година со моментален капацитет од 45.000 гледачи. По Светското првенство капацитетот ќе биде намален на 25.000 за потребите на рускиот фудбалски клуб „Ростов“.

До овој стадион исто така се стасува пеш од градскиот центар, или, ако не сакате да пешачите, можете со трамваите со броевите 1 и 4 да стасате до станицата „Ворошиловски проспект“ или со автобусите со броеви 39 и 516 до самиот стадион.

9. Арена „Самара“

Самара, домот на советската вселенска програма, на Светското првенство учествува со карактеристичен стадион со футуристички изглед. Ова е еден вид диско или паноптикум кој изгледа како да стасал директно од вселената. Овој стадион, кој е седиште на локалниот клуб „Крилја Советов“ беше предмет на бројни контроверзии, со оглед на одлагањата кои доведоа до тоа стадионот да биде официјално отворен дури во април оваа година, на само два месеци пред почетокот на Светското првенство. Сепак, овој стадион на две нивоа е мошне убав. Ќе биде домаќин на шест натпревари ова лето, вклучувајќи и еден од четвртина финалето.

Како најнов стадион, оваа арена има веројатно најлоши сообраќајни врски со центарот. До неа се стасува со неодамна воведениот тролејбус или со автобусите со броевите 1, 45, 51, 67, 110 и 410а. Но, најдобар пат до стадионот без сомнение е по реката Волга. Бродовите тргнуваат од центарот на градот и за 20-30 минути се стасува до стадионот.

10. Стадион „Калининград“

Најмалиот стадион на Светското првенство се наоѓа во Калининград и може да прими нешто повеќе од 35.000 гледачи (по турнирот бројот ќе биде намален на 25.000). Се наоѓа на живописниот остров Островски во близина на центарот на градот. Тоа е блескава сребрено-бела градба која малку потсетува на арената „Алијанц“ во Минхен. Од неа има прекрасен поглед на реката Прегоља. Како и арената во Самара, овој стадион е отворен дури во април годинава.

До стадионот ви се потребни околу 20 минути пеш од централната црква во Калининград.

11. Арена „Мордовија“

Саранск е најмалиот град-домаќин на Светското првенство. Тој за оваа пригода доби нов стадион со 45.000 гледачи, кој по турнирот ќе биде намален за да служи како домашен стадион на локалниот клуб од втората лига „Мордовија“. Изгледа како правилно, заоблено, правоаголно гнездо со примамлив ентериер и скапа модерна покривна конструкција. Иако нема да види голем број натпревари на турнирот, дефинитивно е еден од најубавите стадиони што ги нуди Русија.

Една од предностите за одржување натпревари во мал град како што е Саранск е во тоа што е лесно да се стаса до стадионот. Тој се наоѓа на помалку од еден километар од Советскиот плоштад во центарот на градот. А, до него може да се стаса и со автобусот со број 14.

12. Арена „Волгоград“

Овој фотогеничен стадион во облик на гнездо е уше една сосема нова арена што Русија ја подигна откако беше урнат некогашниот Централен стадион во Волгоград. Наскоро во него ќе се всели фудбалскиот клуб „Ротор“ од Волгоград. Има 45.000 места и интересен мрежест ентериер, како и убав покрив со јасни линии слични на торта. Ова е прозрачен стадион со многу воздух. Иако во 2014 година под стадионот беа пронајдени неколку неексплодирани бомби од Сталинградската битка, сите подготовки течеа според планот.

До овој стадион лесно се стасува со трамвајот кој поминува покрај неколку локации во центарот на градот и води до станицата „Центраљни стадион“ покрај самата арена.