Генетичари во Русија го открија најстариот бацил на чума во светот

Википедија

Научниците успеја да го реконструираат геномот на најстариот бацил на чума чии траги се пронајдени во коските на луѓето кои живееле во околината на рускиот град Самара во бронзеното доба, пред 3800 години.

Јохан Краузе од Институтот за проучување на историјата на човештвото во Јена, Германија, изјави дека откриениот бацил на чума „според структурата на ДНК значително се разликува од раните верзии на овие микроорганизми и дека е во целост прилагоден на болвите за пренесување“. Краузе веќе неколку години заедно со колегите ја проучува една од најпогубните епидемии во историјата, таканаречената „црна смрт“, која во 14 век ги одзела животите на 50 милиони луѓе во Европа и која била предизвикана од бацил на чумата Yersinia pestis.

Тимот на германскиот научник го реконструирал во 2011 година геономот на тој бацил и потоа ги пронашол мутациите кои безопасната бактерија од тлото, псевдотуберкулозниот бацил, ја направиле една од главните смртоносни болести во 14 век. Проучувајќи ги коските на жртвите на епидемијата на чума во Марсеј во 18 век тимот на Краузе открил дека епидемијата била предизвикана од истиот бактериски сој Yersinia pestis кој бил и предизвикувач на „црната смрт“. Сознанието за истражувачите било изненадувачко, затоа што сметале дека таквиот вид на микроорганизми исчезнал, отстапувајќи им место на помалку заразните и помалку смртоносните соеви на бацили на чумата.

Научниците тогаш почнале истражување на трагите на чумата во разни делови на Европа и Азија. Во Ставропол успеале да откријат докази дека чумата постоела на Стариот континент уште во камено време, само што во тоа време бацилот на чумата не го ширеле болвите, што спречувало епидемија. Во еден гроб во околината на Самара тимот на Краузе пронашол добро зачувани останки на двајца луѓе. Како што утврдиле научниците, едниот од скелетите припаѓал на маж веројатно од протословенско или едноставно индоевропско потекло и имал мноштво фрагменти на ДНК на древна Yersinia pestis.

Коските на второто лице, чиј пол и етничка припадност не било можно да се утврдат, исто така биле покриени со траги од бацили на чума, што зборува за фактот дека умреле од зараза заедно и дека се закопани во исто време.

Истражувачите го реконструира микроорганизмот и објаснија дека бацилот на чума од Самара немал никакви сличности со бактеријата чии остатоци пронашле во Ставропол. Имено, во нејзината ДНК се наоѓал генот ymt, неопходен за битисување во стомакот на болвата. Освен што една иста бактерија усмртила двајца луѓе, тоа сведочи и за нејзиното пренесување од човек на човек на ист начин како што се ширеле и „црната смрт“, Јустинијановата чума и други големи епидемии во минатото. Покрај тоа, како што покажа споредбата на нивните геноми, самарскиот бацил може да се смета за „предок“ на сите тие епидемии и за потврда на теоријата на Краузе дека забрзаното населување на Стариот континент со индоевропски народи можело да биде предизвикано од епидемија на чума, која ги уништила или ослабила племињата на ловци-собирачи кои ги населувале Европа и Азија пред околу 35 до 40 илјади години.

Претходно научници од Норвешка и Италија претпоставија дека пренесувачи на „црната смрт“ не биле стаорците, туку луѓето.

Прочитајте повеќе: Во Русија пронајдено жариштето на средновековната чума

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња