Со чума против Црвената армија

Тајниот комплекс на „Одредот 731“ се состоел од преку сто објекти. Во овие згради Јапонија го подготвувала бактериолошкиот напад врз СССР.

Тајниот комплекс на „Одредот 731“ се состоел од преку сто објекти. Во овие згради Јапонија го подготвувала бактериолошкиот напад врз СССР.

За време на Големата татковинска војна јапонската армија интензивно се подготвувала за бактериолошки напад врз СССР. Центар за подготовка бил „Одредот 731“, таен комплекс изграден во близина на советската граница, во кој јапонските лекари со години на живи луѓе на монструозен начин тестирале бомби наполнети со нов вид болви заразени со чума. Но, се покажало дека е тешко да се поведе ваков вид напад против земја со високо развиена наука: единиците на Црвената армија и руските инфектолози не можеле да бидат изненадени. Персоналот од „Одредот 731“ кој успеал да ѝ избега на Црвената армија ја продолжил својата работа по војната на територијата на САД.

Во Јапонија во триесеттите години од минатиот век по наредба на царот Хитохито формирана е специјална единица чија задача била да работи на создавање бактериолошко оружје. Се нарекувала „Одред 731“. По образование биолог, царот, по неговите зборови, верувал дека науката отсекогаш била „најдобар пријател на убијците“ и дека токму бактериолошкото оружје ќе ѝ помогне на Јапонија да победи во секоја војна.

„Превентивна заштита“

За надворешниот свет ова место го носело називот „Главна управа за снабдување со вода и за превентивна заштита на Кванунската армија“. „Одредот 731“ не зависел од надворешниот свет и имал сè што е потребно за живот: електрани, извори за вода, аеродром, железнички јазол, како и авијација чија задача била да се бори со сите летачки објекти кои ја надлетуваат територијата на комплексот.

Единицата била сместена во манџурското село Пинг Фан во близина на Харбин. Околу 300 кинески селски куќи биле запалени за да се подготви терен за тајниот комплекс кој се состоел од над сто објекти.

Единицата била сместена во Кина, а не во Јапонија, од повеќе причини. Прво, на територијата на Јапонија би било потешко да се сочува во тајност овој потфат. Второ, во случај да стасаат опасни материи во природната средина би настрадало кинеското, а не јапонското население. И трето, во Кина локалните власти на „молба“ на единицата секогаш обвинувале нови „трупци“ – така офицерите и научниците од оваа единица ги нарекувале луѓето врз кои вршеле експерименти.

„Одредот 731“ бил составен од 3 илјади луѓе, првенствено лекари кои завршиле на најпрестижните јапонски универзитети, а на чело на единицата бил мајор Широ Иши. Тие одгледувале предизвикувачи на опасни болести: на чума, колера, антракс, тифус, лигавка, сипаници, тетанус и др. Бактериите биле тестирани на Кинези, Корејци и Монголци, а меѓу „трупците“ имало и руски емигранти кои живееле во Харбино. За време на војната против САД, меѓу „трупците“ се нашле и заробени Американци. сè на сè, според различни податоци, од „медицински експерименти“ во маки животот го загубиле помеѓу 3 и 10 илјади луѓе.

Мајор Широ Иши, раководител на „Одредот 731“ и главен заговорник за употребата на заразни болести во борба против Советскиот Сојуз.

Сите нови „трупци3 кои биле носени во единицата добивале троцифрен број наместо име. Биле многу добро хранети – имале по три оброка на ден, а им биле давани дури и овошни десерти. Режимот на исхрана бил таков, зашто на членовите на „Одредот 731“ им било мошне важно експериментот да биде „чист“; инаку своите заробеници ги третирале како суштества кои се полоши од стока и биле сосема уверени дека уништувањето на овие суштества е сосема природна работа.

По добрата исхрана и контролата на здравствената состојба следувале „медицинските експерименти“. Заробеникот бил заразуван со некоја инфективна болест, а потоа биле следени промените во неговиот организам. Најчесто ја тестирале чумата, и тоа со причина. Европските земји на почетокот од триесеттите години од минатиот век ја симнале бактеријата на чумата од списокот на можни агенси за бактериолошко оружје, поради што Иши дошол до заклучок дека Европејците ниту теоретски не можат да имаат средства за сигурна заштита од оваа болест, со оглед дека таа во Европа не се проучува. „Одредот 731“ кон средината на четириесеттите години од минатиот век по пат на експеримент добиле чиста култура на бактеријата која предизвикува чума, 60 пати повирулентна од обичната.

Експериментите врз луѓето се вршеле во специјални кафези, толку тесни што заробениците во нив не можеле ни да се помрднат. Во поголеми кафези заедно биле држени болни и здрави луѓе, со цел да се види со која брзина се пренесува болеста.

Бактериолошка бомба произведена во одделенијата на „Одредот 731“. Вакви керамички бомби, наполнети со по 30.000 болви заразени со чума, јапонската армија планирала во огромни количества да ги фрли во источните делови на Советскиот Сојуз.

Но, со што и да бил заразен човекот, порано или подоцна жив го сецирале, вадејќи му ги органите за да видат како се шири болеста во организмот. Притоа главно не користеле никакви анестетици, зашто се плашеле дека тоа може да го наруши природниот тек на експериментот. Така жив човек го оставале неколку дена со отворена утроба, за да можат да го следат процесот и да не мораат да се „мачат“ со постојано отворање и затворање. Во тоа време постоела само црно-бела фотографија, а со неа не можело да се забележи промена на бојата на ткивото, па затоа за определени експерименти биле ангажирани уметници кои ја сликале моменталната состојба на хартија.

Тестирање на биолошко оружје не било вршено само во Пинг Фану. „Одредот 731“ покрај основната база имал и четири филијали дол советско-кинеската граница и еден аеродром со полигон за тестирања. Таму врз заробениците се усовршувала ефикасната примена на бактериолошките бомби. „Трупците“ биле врзувани за колци или на крстови забодени во земја во концентрични кругови околу една точка на која потоа биле фрлани бомби наполнети со болви кои пренесуваат чума. Притоа заробениците биле во железни шлемови и штитови за случајно да не умрат од гелерот и како последица на самата експлозија.

По „лабораториските“ експерименти во објектите и на полигонот, припадниците на „Одредот 731“ вршеле испитувања и во „природни услови“. Од авиони фрлале бомби врз кинески градови и села, а секоја бомба содржела околу 30 илјади болви кои пренесуваат чума. Во книгата „Фабрика на смртта“ историчарот Шелдон Харис од Калифорнискиот државен универзитет тврди дека од вакви бомби погинале над 200 илјади луѓе.


Работен ден во „Одредот 731“.

Жанг Ли Жонг, еден од потомците на жртвите од „Одредот 731“, покажува фотографија од своето семејство од 1938 година во Токио, 20 јули 2005. Еден ден пред тоа токискиот суд ја одби тужбата од 180 кинески државјани кои бараа извинување и материјална компензација за мачењата на оние чии предци биле подвргнати на експериментот со бактериолошко оружје од страна на Јапонија. Извор: АР.

Работата во „Одредот 731“ станала многу поинтензивна по нападот на Германија врз СССР. Бактериолошките диверзии против СССР започнале со напади на специјалните одреди на камиказе уште за време на првите борби помеѓу јапонската и советската војска кон крајот на триесеттите години од 20 век. Било планирано првите бактериолошки бомби да бидат фрлени врз Советскиот Сојуз на подрачјето на Усуријск, Хабаровск, Благовешченск и Чита.

Летото 1942 година специјална експедиција била упатена на подрачјето на Троречје (област каде во реката Аргун се вливаат три притоки: Генхе, Телбур и Хаул), кое од дамнина било под влијание на руска колонизација. Целта на експедицијата била да се испитаат можностите за примена на бактерии на антракс и на лигавка во природни услови во близина на подрачјата каде се веројатни воени дејствија, долж границата на Советскиот Сојуз. За време на оваа експедиција вршени се експерименти во кои реките и езерата биле заразувани со лигавка, а речиси сета тревна површина со антракс. Тоа всушност била необјавена бактериолошка војна против СССР, водена под параванот на експеримент. Не е исклучено дека и во самиот СССР јапонската разузнавачка служба извршувала диверзантски акции, насочени кон ликвидација на личности чие значење за одбраната на земјата било најголемо.

Податоци за јапонските пилоти
За потребите на јапонското Царско воено воздухопловство биле вршени експерименти во барокомори. Според сеќавањата на еден стажант во единицата, заробеникот бил затворан во барокомора и од неа постепено бил испумпуван воздухот. Како што се зголемувала разликата помеѓу надворешниот притисок и притисокот во внатрешните органи, така на човекот најпрво му испаѓале очите, потоа му набабрувале крвните садови и цревата му излегувале надвор, за на крајот целото тело да пукне. Така јапонските лекари го определувале и дозволениот праг на висина на летот за своите пилоти.

Но, Советската армија навреме се подготвила за бактериолошки напади. Сите војници и офицери од Далекоисточниот воен округ биле вакцинирани со мошне ефикасен серум против чума и против антракс. Освен тоа, во СССР во 1944 година започнал да се произведува пеницилинот, а тој и денес се користи за лекување антракс. Централизираната доставка на вода оневозможувала таа да биде инфицирана со колера од заразени извори, а советската ветеринарна служба знаела оперативно да ги одвои и да ги неутрализира животните кои биле заболени од лигавка.

Производството на бактерии, болви и стаорци по налог на Широ Иши дополнително била зголемена во мај 1945 година, а тоа било поврзано со новата војна помеѓу Јапонија и СССР. Кон крајот на советско-јапонската војна имало толку многу бактерии, што според сведоштвата на еден припадник на „Одредот 731“ со нивна помош можело да се зарази целото човештво, доколку во идеални услови би се разнеле низ целиот свет.

Во рускиот кварт во Харбино одреди Јапонци демонстративно ловеле глувци и стаорци, потврдувајќи ги со тоа гласовите, кои и без тоа одамна се ширеле, дека во Пинг Фан постои фабрика за производство на бактериолошко оружје. На тој начин сакале да го предупредат Советскиот Сојуз дека Квантунската армија се подготвува за бактериолошка војна. Тоа, според нивната замисла, требало да ги загрижи командите на советските трупи кои се концентрирале на границата со Манџурија и со тоа да се пролонгира почетокот на воените дејства. Но, Советскиот Сојуз на 9 август 1945 година тргнал во офанзива против јапонската армија и советските трупи брзо ја ослободиле Манџурија, што било доказ дека бактериолошкото оружје само по себе не е доволно за победа во војна против земја со модерна армија и со високо развиена економија и наука.

Сега групата на Иши тесно соработува со САД, подготвува за нас големо количество материјал и согласна е да ни стави на располагање осум илјади слајдови со снимени луѓе и животни врз кои се вршени бактериолошки експерименти. Ова е мошне важно за безбедноста на нашата држава, зашто вредноста на овој материјал е многу поголема од она што би го постигнале со покревање судска истрага за воени злосторства. ... Во врска со исклучителната важност за информациите за бактериолошкото оружје на јапонската армија, САД донесува одлука да не покрева обвинение за воено злосторство против припадниците на одредот за подготовка на бактериолошка војна на Јапонската армија.

Специјален меморандум поделен на избрани луѓе од Стејт департментот и од Пентагон

Ноќта помеѓу 10 и 11 август во „Одредот 731“ стасала наредба да се постапи „по сопствено видување“. Командата на единицата донела одлука за повлекување. Иши наредил пред повлекувањето да се скријат трагите, односно да се уништат сите заробеници и да се запали сè што би можело да биде искористено за откривање на дејноста на единицата. Сите заробеници биле отруени со цијанид или биле стрелани од непосредна близина, а телата им биле фрлени во јама и запалени. Првата група припадници на единицата за првпат „забошотиле на работа“, односни телата ги фрлиле во јама пред тие да изгорат до крај. Откако тоа се дознало, командата, без оглед на големото брзање, наредила телата да се откопаат и работата да биде завршена до крај. По вториот обид пепелта и коските биле фрлени во реката Сунгари, заедно со експонатите од „изложбената соба“, односно од салата каде во реторти со раствор биле чувани отсечени човечки органи, екстремитети и препарирани тела.

Така СССР фактички стави точка на постоењето на „Одредот 731“. Советската страна документите за неговата работа ги изнесе на судски процес против јапонските воени злосторници, одржан во периодот помеѓу 1946 и 1948 година. Но, главниот тужител во овој процес, Американецот Џ. Кинан, ја искористи својата положба и спречи овие документи да излезат во јавноста, со што ги спаси Јапонците од казна.


Командантот на Квантунската армија генерал Јамада (трет од десно) прима од претставникот на Советскиот Сојуз ултиматум за капитулација (Чанчун, август 1945). Воениот суд на Приморскиот воен округ на Црвената армија го осуди на 25 години во поправно-работно одделение заради „раководење со злосторничка дејност извршена по одредбите со број 731 и 100“. 

Николај Жуков-Вережников (1908-1981), потпретседател на Академијата на медицински науки на СССР, заменик-министер за здравство на СССР и еден од главните советски стручњаци за опасни заразни болести, специјалист по епидемиологија, генетика и имунологија на чумата. Познат е по тоа што својата нова вакцина против чума во 1942 година прво ја тестирал на себе: се вакцинирал, а потоа се изложил на агенсот на оваа болест. За време на војната бил началник на епидемиолошката служба на југоистокот на СССР. Веројатно тој стоел зад многу одлуки на Црвената армија кои се однесувале на „Одредот 731“.

Во тоа време властите на САД и самите подготвувале бактериолошка војна против социјалистичките земји. Американците ја почнале својата програма за развој на биолошко оружје дури во 1943 година, така што резултатите од јапонските експерименти им дошле како нарачани. Јапонските бактериолози тогаш биле повикани да работат во американските лаборатории, каде и завршила тајната документација на „Одредот 731“, заедно со определени култури бактерии. Неколку тома документи со ознака „Постои во еден примерок, да се чува вечно“ сè уште се наоѓаат во воената база Форт Детрик во Мериленд. Оваа база во САД е позната како центар за развој на бактериолошко оружје за американската армија.

Интересно е дека и САД во јули 1944 година избегнале бактериолошка катастрофа само благодарение на одмерената одлука на премиерот Тоџо. Јапонците планирале на американска територија со балони да пренесат вируси кои се смртоносни за човекот и стоката, но Тоџо навреме сфатил дека Јапонија ја губи војната и дека во случај на напад со биолошко оружје одговорот на Америка би бил разорен.

Властите на СССР во 1950 година во два наврата го покренувале прашањето за формирање специјален меѓународен суд за бактериолози кои извршиле злосторства, но штабот на американската армија во Јапонија издало официјално соопштение дека неговото хемиско одделение спровело „комплетна истрага“ и дека не може да ги потврди информациите за подготовка на Јапонија за бактериолошка војна. Така мнозинството припадници на „Одредот 731“ ја избегнале казната. Казнети биле само оние што не успеале да ѝ избегаат на Црвената армија.

Многу научници кои сецирале живи луѓе во повоена Јапонија станале декани на факултети, академици и бизнисмени. Меѓу нив се и поранешниот градоначалник на Токио, претседателот на јапонската медицинска асоцијација и високи функционери на Националниот институт за заштита на здравјето. Војници и лекари кои вршеле експерименти врз заробените жени по војната отвориле приватно родилиште на подрачјето на градот Токио. Принцот Такеда, близок роднина на царот Хирохито, кој лично ја контролирал единицата, исто така останал неказнет, па згора на тоа бил поставен на чело на јапонскиот Олимписки комитет за време на Игрите во 1964 година. А, Широ Иши, мозокот на единицата, спокојно живеел во Јапонија и умрел во 1959 година.

Припадниците на „Одредот 731“ до денешен ден тврдат дека тестирањето на биолошко оружје врз живи луѓе било оправдано. Еден од нив во интервју за „Њујорк тајмс“ изјавил: „Не постојат гаранции дека нешто слично нема да се повтори никогаш, зашто во војна секогаш мора да се победува“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња