Што го предизвика падот на рускиот авион Су-30СМ и дали тоа можеше да се спречи?

Сергеј Пивоваров/Sputnik
Вчера МО на РФ и официјално го потврди падот на повеќенаменски борбен авион Су-30СМ, кој се сруши во водите на Средоземното море, недалеку од сирискиот брег. Двајцата пилоти кои се наоѓаа во авионот се чини дека не се ни обиделе да се катапултираат бидејќи практично до последниот момент имале доверба во своето семоќно борбено летало. Во следниов текст ги пренесуваме зборовите на познати руски експерти и легендарни пилоти кои го изразија своето мислење за овој несреќен настан.

Според зборовите на поранешниот заменик-командант на руските Воздушно-космички сили, генерал-полковник Николај Антонишкин, при падот на ова летало дошло до откажување на двата мотора. „Доколку авионот поминал низ јато птици тогаш оваа моја верзија е реална. Меѓутоа, доколку се работело за само една птица која предизвикала оштетување на еден мотор, тука е вториот мотор кој може да го надомести неговиот недостаток и безбедно да го врати леталото во базата“, изјави генералот. Притоа генералот напоменува дека доколку дојде до откажување на моторите на толку ниска висина, практично е невозможно да се спаси авионот.

Слично мислење со генералот Антонишкин има и генерал-полковник Владимир Шаманов, кој е претседател на Комитетот за безбедност кој се наоѓа во рамките на Федералното собрание. „Висината не дозволувала ефикасна примена на какви било мерки за да се спаси авионот“, истакнува Шаманов. Тој е сигурен дека дополнителната истрага ќе ги утврди вистинските причини за оваа несреќа. Шаманов исто така потсетува дека екипажите кои управуваат со своите борбени летала секогаш се обидуваат да го спасат авионот од тешки ситуации. Едноставно, овие пилоти се свесни какви летачки можности имаат нивните авиони и често се обидуваат од практично невозможни ситуации да го спасат леталото. А во такви околности, за жал, сѐ се одвива во временски интервал кој се мери во секунди (кога висината е толку мала тогаш се во прашање и делови на секундата), каде што не постои никаков простор за носење на рационални процени.

Легендарниот пробен пилот од времето на СССР и Херој на Русија Анатолиј Квочур верува дека причината за оваа несреќа е птица која влетала во моторот, при што настанале непоправливи оштетувања, по што авионот претрпел авиокатастрофа. „Постои голема веројатност дека причината за оваа трагедија е птица. Авионите се движат со такви брзини што контактот со воздушни објекти како поголема птица, која поминува низ вшмукувачот на воздух и доаѓа до моторот, може да предизвика негово уништување“. Овој пилотски ас на своја кожа има почувствувано што значи тоа кога неговиот авион се соочил со слична ситуација. Имено, во 1989 година Квочур со својот авион МиГ-29 учествувал на аеромитингот во Ле Бурже (Франција), кога при изведување на комплекс агилни маневри на мала висина одеднаш престанал да работи едниот од моторите, а причина за неговото откажување била токму птица која едноставно не можела да го избегне авионот. Авион стрмоглаво почнал да ја губи висината, а на пилотот му преостанало точно толку време со инстинктивна реакција да го пренасочи авионот во безбедна насока каде што немало публика и истовремено да се катапултира.

Главниот уредник на журналот „Арсенал отечества“ Виктор Мураховски истакнува дека загубата на Су-30СМ е случај кој едноставно се случува. „Ние во овој конкретен случај можеме само да го изразиме своето жалење што се случуваат вакви нешта. Едноставно, тоа се случувало и секогаш ќе се случува. Особено ако се имаат предвид димензиите и обемот на борбена експлоатација на нашите воздухопловни сили кои се наоѓаат на просторот на авиобазата Хмејмим“, логично заклучува стручњакот.

Прочитајте повеќе: Во Сирија се урна руски Су-30СМ, загинаа двајцата пилоти

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња