Тенк на млазен погон: Модернизација на рускиот тенк Т-80

Наука и технологија
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Тенковите од типот Т-80 со млазни мотори собираа прав во воените магацини уште од распадот на СССР. А, кога беше потребно ново оружје за Арктикот и за решавање на безбедносните прашања во регионот, Министерството за одбрана на РФ одлучи наместо да прави нови, да ги модернизира веќе постоечките тенкови.

„Уралвагонзавод“ (главната руска фабрика за тенкови) во изминатава половина година работеше на модернизација на тенковите Т-80, потпишувајќи претходно соодветен договор со Министерството за одбрана.

Конечно, на 15 март министерството ги доби првите примероци од тенкот Т-80 подготвени за примена во најстудените региони на Русија, на Крајниот Север. На самиот почеток на ширењето на присуството на Арктикот, руската армија имаше потреба да ги заштити границите на Русија во нова насока. Наместо инвестирање милијарди за правење нови техники и исцрпување на буџетот со излишни трошоци, раководството на земјата одлучи да ги вложи парите во модернизација на веќе постоечката, но запоставена техника.

Основите на руската армија ја сочинуваат тенковските единици. Сега во Русија има приближно 18.200 тенкови од различни модели.

Што е модернизирано?

Конструкторите успеаја да ги решат клучните недостатоци на тенкот Т-80, а тоа е големата потрошувачка. Овој тенк на најтешките терени трошеше 2-4 пати повеќе гориво од моделот Т-72 со дизел-мотор. Сега потрошувачката е намалена и е изедначена со тенкот Т-72 благодарение на новиот систем за синхронизирано движење на моторот и на неговиот реактивен генератор. Со други зборови, конструкторите овозможија моторот да работи на „лер“. Претходно реактивниот мотор кај моделите Т-80 од крајот на седумдесеттите години од минатиот век секогаш беа „во брзина“ – и кога се движеше и кога стоеше.

Тенковското оружје доби современи термовизиски и ласерски системи што ја зголеми неговата ефикасност во борбата независно од времето на денот. Покрај тоа, оклопот е прекриен со плочи за динамичка заштита, а кабината на екипажот е прилагодена на температура од -40 степени според Целзиус.

Топот со калибар од 125 милиметри остана ист, како и митралезот со голем калибар на куполата на тенкот.

Како изгледаше Т-80 на почетокот?

Тенкот Т-80 е направен кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Тоа беше прв тенк на светот кој наместо вообичаениот дизел-мотор имаше турбомлазен мотор сличен на моторите што се користат кај авионите. Поради тоа Т-80 „урла“ на полигонот како ловечки авион на писта.

Ваквата оклопна аждаја со турбомлазен мотор имаше многу предности во споредба со тенковите од своето време. За разлика од дизелашите, овој тенк можеше да тргне во акција за само три минути по палењето, а не по 30 минути како Т-72.

Т-80 без дополнување гориво може да помине 440 километри. И покрај тоа што е тежок 40 тони, побрз е и има поголеми маневарски можности од дизелашите. Т-80 беше првиот руски тенк кој по непристапен терен можеше да развие брзина од 70 километри на час. Денес вакви можности има само новиот тенк „Армата“.

За каква цел е направен Т-80?

Во времето на Студената војна и трка за вооружување, олку брз тенк беше потребен како оружје за прв напад. Поради тоа сите 4.000 тенкови Т-80 беа лоцирани на западната граница на Советскиот Сојуз, во Источна Германија и во Источна Европа. Беше замислено во случај на војна тие за неколку дена да ја минат Европа и да стасаат до Ла Манш.

Овие челични тенкови можат да користат каков било бензин, што значи дека недостигот од гориво може секогаш да биде решен „на терен“, односно на европските бензински пумпи, во нивните фабрики и во касарните.

Но, кога започна перестројката и се распадна СССР во 1991 година, едноставно исчезна потребата за вакви брзи единици, како што исчезнаа и плановите за хипотетички борбени дејствија во Европа. Поради тоа поголемиот број тенкови Т-80 чмаеја во хангарите каде полека 'рѓосуваа. Ваквата ситуација владееше до неодамна.