Руски научници добија струја од 15 до 40 микровати од гликоза во човечка крв, што е доволно за поддршка на модерен пејсмејкер.
Getty ImagesМожете да купите безжични полначи за вашиот мобилен телефон; технологијата за безжично полнење на батериите постои неколку децении. Но, методот не може да се примени на пејсмејкерите од кои зависат некои животи. Ако нешто тргне наопаку со батеријата, целиот уред треба да се замени. За повеќето луѓе со кардиолошки проблеми ова значи нова операција на секои 8-10 години.
Во институтот „Курчатов“, водечката руска научноистражувачка институција во сферата на нуклеарната енергија, научниците работат на производство на електрична енергија од гликоза во човечка крв. Тие веруваат дека ова ќе им овозможи на пејсмејкерите да работат засекогаш.
Нашата крв и други телесни течности содржат гликоза, а „електричната енергија се генерира преку директна хемиска трансформација“, вели Павел Готовцев од институтот „Курчатов“. За да се усоврши новата технологија, научниците создадоа модел на циркулаторниот систем во лабораторијата и воведоа мал (околу 5 см во обем) елемент од биогориво.
Научниците добија електрична струја од 15 до 40 микровати, што е доволно за модерен пејсмејкер. Според Готовцев, „лицето нема да чувствува никаква непријатност“.
Елементите од биогориво се создаваат од биокомпатибилни материјали за да се минимизираат ризиците од можното отфрлање. Се претпоставува дека пациентот ќе биде опериран само еднаш и дека пејсмејкерот ќе остане во телото засекогаш. Истражувањето ќе помогне да се развијат други имплантилни уреди кои бараат постојано напојување со електрична енергија.
Многу истражувачи работат на решение за пејсмејкери. Тим на Универзитетот „Британска Колумбија“ во Ванкувер, Канада, создаде горивна ќелија која може да генерира енергија од плазма на човечка крв. Научниците на универзитетот „Фудан“ во Кина изнајдоа решение кое генерира електрична енергија од движењето на крвта. Тоа е долго влакно кое е дебело помалку од милиметар.
Меѓутоа, сѐ до денес, повеќето научници се соочуваа со еден проблем: нивните решенија не генерираа доволно електрична енергија за напојување на пејсмејкер.
Тимот во институтот „Курчатов“ сега планира да ја тестира својата нова технологија врз животни и ако методот успешно ги помине претклиничките тестови, ќе биде имплементиран во клиничка пракса. Ова би можело да потрае, велат научниците, и пациентите можеби ќе треба да чекаат 10 години пред новата технологија да има официјална дозвола за примена.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче