Споредување на неспоредливото: Новата играчка на Илон Маск и првиот руски фрлач на оган

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Најекстравагантниот бизнисмен повторно го шокираше светот со своето ново оружје. Дали е тоа вистински воен фрлач на пламен или е обична играчка?

Компанијата „Боринг“ кон крајот на јануари претстави нови фрлачи на пламен како „пушка од која може да живне секое друштвенце“.

Воените експерти не го третираат овој изум на Маска како оружје зашто е наменет како играчка за цивилите „која може да го забавува друштвото дури се прави скара“.

„Вториот амандман и останатите американски закони им овозможуваат на граѓаните на САД во поголемиот број држави да поседуваат и да применуваат огнено оружје во самоодбрана. Во многу американски држави дури е дозволено да се поседува и фрлач на оган. Постојат многубројни амандмани кои овозможуваат ова, некогаш кобно оружје сега да се користи како играчка“, вели за Russia Beyond-Македонија Виктор Литовкин, воен аналитичар на ТАСС.

Според него, овој комерцијален производ визуелно потсетува на оружје од видеоигра и книги посветени на историјата на 20 век.

„Фрлачите на пламен со текот на времето прераснаа во системи за лансирање ракети со полнење кое ја пали територијата за време на експлозија“, истакнува експертот.

Разликата помеѓу рускиот фрлач на пламен и оној на Маск

Рачните фрлачи на пламен се развија во огромни системи на гасеници кои можат да предизвикаат вистинска огнена бура со километри наоколу.

Руската армија го направи тешкиот фрлач на ракети со повеќе цевки ТОС-1 „Буратино“. Возилото е направено врз база на тенкот Т-71. Наместо топ има 30 цевки (калибар од 220 милиметри). Од нив може да се отвори урагански оган кој со пламен и шрапнели буквално ги растура позициите и луѓето.

Вистинскиот пекол настанува кога термобаричното полнење во секој проектил ќе создаде во воздухот „облак од смеса“ која експлодира и со тоа создава температура од околу 3.000 степени според Целзиус. Во тој пламен се троши сиот кислород и доаѓа до нагло опаѓање на воздушниот притисок.

Лесно може да се замисли што се случува со оние кои се наоѓаат во тој облак. Во радиус од неколку километри се уништува сè – згради, техника и, особено, жива сила.

Денешните играчки на Маск можат да се споредат со вистинскиот фрлач на пламен кој е направен на почетокот од 20 век.

Раѓање на пеколниот оган

Производот на Маск личи на најмалиот фрлач на пламен кој е создаден во 1900 година.

Тоа бил мал челичен контејнер кој можел да се стави на грбот на секој војник. Содржел 30 литри леснозапаллива течност и автоматска запалка која компресираниот гас и течност ги претвора во пламен. Подоцна, по многуте модификации, ова оружје ќе се појави во арсеналот на руската армија, а исто така и на германската и на други европски армии.

Тој мал фрлач на пламен во 1909 година на германскиот инженер Ричард Фидлет му бил претставен на рускиот император Николај Втори. Тој има осмислено и фрлачи со поинакви димензии: „среден“ и „голем“. Тие се проектирани на ист начин само што се многу поголеми.

„Средниот“ можеле да го носат четворица војници. Празен тежел 60 килограми, а со течност над 200 килограми. Бил планиран за примена против помали утврдувања на бојното поле.

Неговиот „голем брат“ бил тежок над еден тон (околу 1.200 килограми кога е наполнет со течност и гас) и можел да предизвика вистински пекол кога ќе почне да исфрла оган.

Но, генералите сметале дека големите фрлачи на пламен не се ефикасни во борбата зашто се премногу кабести. Така дошло до откажување од овие проекти, но најмалиот модел доживеал низа модификации, за во Првата светска војна да стане оружје кое втерува страв во коски кај непријателот и кое го принудува да бега од бојното поле.