Каков „ѕвер“ ни стасува напролет? Т-90М „Прорив-3“ се симнува од монтажната лента

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Воведната партија тенкови Т-90М „Прорив-3“ која за неколку месеци ќе биде испорачана на единиците на руската армија ќе биде со еквивалент на еден тенковски баталјон. Во следниот период концернот „Уралвагонзавод“ планира модернизација на околу 400 тенкови Т-90А на најновиот стандард Т-90М „Прорив-3“.

Да споменеме дека договорот за испорака на тенковите „Прорив“ (мак. Пробив) е потпишан уште минатата година на меѓународниот воено-технички саем „Армија-2017“. Потписници на договорот се Министерството за одбрана на Руската Федерација и концернот „Уралвагонзавод“ од Нижни Тагил. Договорот е тежок 24 милијарди рубли (343.42 милиони евра), и предвидува модернизација на основниот борбен тенк Т-90А „Владимир“, на основа на стандардот Т-90М „Прорив-3“.

„Основана е заедничка комисија која ја следи неговата реализација. Основните активности веќе наголемо се спроведуваат. Во блиска иднина, која се брои со месеци, ние можеме да потврдиме дека најновата модификација на Т-90М „Прорив-3“ ќе влезе во вооружувањето на руската армија. Првата партија на овие тенкови која ќе биде испорачана на оклопните единици на руската армија ќе биде од рангот на еден тенковски баталјон“, истакнува извор од корпорацијата „Уралвагонзавод“, а пренесува Интернет-порталот РГ.

Државната програма за превооружување на руската армија предвидува обнова на тенковскиот парк на Т-90 кој ќе биде доведен на стандард Т-90М „прорив-3“. Овој стандард претставува длабока модернизација на основната верзија на тенкот Т-90А „Владимир“, и Русите го имаат доведено практично до совршенство кога станува збор за семејството тенкови модернизирани на база на Т-90. Нешто слично, како на пример Су-35С во воздухопловната индустрија, кога станува збор за модернизација на авионите на база на апаратот Су-27.

Го карактеризира интеграција на системот за управување со оган од последната генерација „калина“ кој според своите вкупни карактеристики претставува можеби и најдобар систем кој се произведува моментално во светот.

Според засега непроверени информации, се шпекулира дека на оваа верзија од тенкот со кој би се опремиле исклучиво руските оклопни единици, ќе биде интегриран тенковскиот топ 2А82-1М со калибар од 125 милиметри, кој е инаку основно вооружување наменето за тенкот „Армата“.

Ова ќе му овозможи драматично зголемување на огнената моќ благодарение на можностите на самиот топ, но и примена на нова генерација муниција која инаку се развива за овој топ. Преку основниот оклоп ќе биде инсталиран динамички систем за оклопна заштита „Реликт“, а не е исклучена и интеграција на системот за активна заштита Арена-М. На чувствителните делови на тенкот како дополнителна оклопна заштита се наоѓаат и противкумулативни решетки. Голем дел од конструкторските иновации е фокусиран токму на максималното зголемување на нивото на оклопна заштита, со цел до крајни граници да се зголеми борбената отпорност на тенкот.

Руската армија планира на овој стандард да ја подигне армијата од околу 200 тенкови Т-90А, а кои во моментот се наоѓаат во оперативните воени единици.

Покрај набавката на тенковите Т-90М, оклопните единици на руската војска наскоро ќе добијат и ново оружје кое е наменето непосредно за огнена поддршка на тенковите во напад. Руската армија во март конечно ја добива првата партија универзални борбени оклопни возила за поддршка БМПТ-72 „Терминатор-2“. Станува збор за екстремно вооружена борбената концепција наменета за остварување огнена предност на копно.

БМПТ-72 „Терминатор-2“ е опремен со два автоматски топа 2А42 со калибар од 30 милиметри кој има борбен комплет од 850 гранати. Овие топови се со производство на познатата фабрика „Туламаш“ од Тула. Топот испукува муниција со калибар 30х165 милиметри, а балистичките карактеристики на гранатата обезбедуваат ефективен хоризонтален дострел од 4.000 метри (пробојност до 50 милиметри хомоген челик под агол од 60 ст. на далечина од 1.000 метри). За овој топ се развиени 2 типа муниција со калибар 30х165 милиметри – панцирна и фугасна. Со нив е спарен и митралезот ПКТМ со калибар од 7.62х54 милиметри, како и два автоматски фрлачи на гранати со калибар од 30 милиметри (секој со по 300 гранати). Ударното ракетно вооружување се состои од четири ласерски насочувачки противтенковски ракети „Атака-Т“ кои се сместени во ист број транспортно-лансирни контејнери. Оваа ракета се одликува со исклучително висока брзина на летот, и според брзина спаѓа во најбрзите ракети од овој тип на светот. Нејзината брзина изнесува околу 550 метри во секунда. Ваквата брзина ѝ овозможува до максималната точка на нејзиниот дострел да стаса за само 10 секунди. Специјално за БМПТ-72 се развиени два типа од овие ракети со кумулативна (9М120-1) и со термобарна боева глава (9М120-1Ф). Максималната далечина на која се лансира ракетата е 6 километри, а на оваа далечина таа може да пробие низ секој современ тенк чиј оклоп е зајакнат со динамичка заштита. Треба да се спомене дека напредните верзии на оваа ракета со тандем боева глава, имаат зголемен дострел кој стасува до цели 10 километри, а зголемена е и нејзината пробивност која изнесува 1.000 мм+ хомогена челична плоча заштитена со структура за динамичка заштита.

Треба да се додаде и тоа дека е потпишан договор тежок 4 милијарди рубли (околу 57.23 милиони евра) во врска со испораката на првото количество модернизирани оклопни борбени возила БМП-3.

Интересно е да се истакне дека овие средства ќе бидат испорачани со борбената купола „Епоха“ која инаку е иницијално предвидена за опремување на борбените оклопни возила од новата генерација Курганец-25 и Бумеранг.

Инаку, станува збор за борбен модул без екипаж кој далечински се управува од местото на командирот на возилото или од нишанџија. На него е интегриран модерен СУО (Систем за управување со оган) кој има способност автоматски да пронајде и да селектира цел и тоа во два дијапазона на работа – активен и пасивен. Оптичкиот локатор може да идентификува и замаскирани цели, а компјутерот овозможува и гаѓање до две цели истовремено. Куполата има висок степен на модуларност, што значи дека на неа со ситни преправки и модификации може, на пример, да се стави и најновиот топ со исклучително борбени способности А-220М* со калибар од 57 милиметри, кој сè уште е во фаза на тестирање.

Во својата основна варијанта, борбениот модул „Епоха“ е опремен со автоматски топ 2А42 со калибар од 30 милиметри, ефективен дострел од околу 4.000 метри и капацитет од 500 гранати. Покрај овој топ, тука е и спрегнатиот митралез ПКТМ 7.62милиметри со борбен комплет од 2.000 куршуми, како и можеби најсилниот адут во видот ласерски наведувачки ракети „корнет“, опремени со тандем кумулативни и термобарни боеви глави. „Епоха“ има способност да носи четири вакви ракети со ефективен дострел и до 10.000 метри, максимална пробојност од дури 1.300 милиметри оклоп зајакнат со динамичка заштита (тандем-кумулативна ракета).

Во план е интеграција со современите системи за активна заштита како што е на пример комплексот „Дрозд-2“ кој би обезбедувал заштита во радиус од 360 степени околу возила од различни типови кумулативни и насочувачки противтенковски ракети.

*Конкретно, станува збор за топ кој е дел од роботизираната купола кој во комплет ја произведува познатото руско биро „ЦНИИ Буревесник“. Се претпоставува дека поткалибарната граната со калибар 57х348 милиметри, исфрлена од овој топ, ќе може да пробие хомогена панцирна плоча со дебелина од 150 милиметри на далечина од 1.500 метри. Освен тоа, овој тип може да дејствува и по воздушни цели на висина и од 4 километри. Неговата брзина на испукување изнесува 120 гранати во минута, додека хоризонталниот дострел е вртоглави 12 километри.