Пука мразот на Волга: Повеќе од 10000 руски војници почнаа голема воена вежба

Константин Чалабов/Sputnik
Над 10000 војници на Централниот воен округ, опремени со 1500 единици борбена техника, започнаа воени вежби во Поволжје. Вежбата ја спроведуваат артилериски и ракетни единици на руската војска, засилени со ешалониран систем за противвоздушна одбрана.

Повеќе артилериски и ракетни полкови кои се наоѓаат во состав на Централниот воен округ, почнаа со изведување вежбовни активности во Самарската, Саратовската, Оренбургската и Пензенската област. Единиците имаа задача по добивањето на тревога што побрзо да ги напуштат местата на своето базирање и да излезат на огнени позиции. Проверувани се сите елементи за извршување на вежбовната операција како што се организирање и движење на колона во марш, уредување и маскирање на огнените позиции, подобрување на вештините кога станува збор за наоѓање цели и нивното уништување.

Сите оперативно-тактички задачи се извршени со висока оцена. Краткиот временски лимит за реагирање беше едно од клучните барања на оваа вежба. Сите екипажи на ракетните системи класа „земја-земја“ и „земја-воздух“ ги извршија задачите и пред зададениот временски рок.

Во вежбата учествуваат повеќе од 1500 единици на современа борбена техника. Во полн капацитет се ангажирани борбени единици опремени со оперативно-тактички ракетни системи „Искандер-М“, артилериско-ракетни единици со ПФР „Град“ и „Ураган“, системи опремени со самоодни артилериски хаубици „Мста-С“.

Противвоздушната одбрана на поширокото подрачје на операцијата ја организираа единици опремени со ракетни системи со среден дострел „Бук-М2“. За експлоатација на артилериско-ракетен удар се ангажирани оклопно-механизирани борбени системи чија ударна тупаница се тенковите Т-72Б3 и останатите борбени оклопни средства.

Прочитајте повеќе: Руската армија доби рекордна количина ракети за ТОС-1А „Сонцепјок“

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња