Анализа: Резултати на рускиот воено-индустриски комплекс во 2017

Наука и технологија
СЛОБОДАН ЃУКИЌ
Нови офанзивни подморници, нови и модернизирани ловци и бомбардери, офанзивни хеликоптери, беспилотни летала, борбени роботи, тенкови, патнички авиони, тактичко и стратешко вооружување со дефинирање програма која има за цел колосално опремување на руската армија... Сево ова ја одбележа изминатата 2017 година која според своите настани е практично неисцрпна кога зборуваме за оваа тема.

2017 година која измина ќе остане запаметена како мошне успешна кога станува збор за руската одбранбена воена индустрија. Таа во голема мета ги оправда очекувањата на рускиот државен и воен врв за овој исклучително важен сегмент на руската индустрија, која претставува еден од симболите на нејзината сила и моќ, да продолжи од година во година да го зголемува својот асортиман кога станува збор за производството на врвно вооружување и борбена техника. Притоа, најновиот производ на рускиот воено-индустриски комплекс со ништо не заостанува во однос на странските конкуренти, а голем број моментално нема апсолутно никаква конкуренција на меѓународниот пазар за вооружување, кога станува збор за неговата борбена можност, но и за цената на овие средства. Благодарение на осовременувањето на техничко-опитните центри, сложената процедура на тестирање поквалитетно и побрзо се завршува, вооружувањето побрзо се усвојува во сериско производство, во голема мера се скратува процесот на опремување на оперативниот состав со нови борбени системи. Со инвестирање во проширување на производните капацитети, од година во година се остварува сè поголем извоз на нови и модернизирани видови вооружување кој не ја попречува динамиката на опремување на руската војска која во квалитативен поглед секој ден е сè посилна и посилна.

Акцент на зголемувањето и на модернизацијата на ракетно-нуклераните капацитети

Пред сè ова се однесува на вооружувањето кое е составено од таканаречената нуклеарна тријада. Настан од примарно значење за овој исклучително важен сегмент за руската војска се случи во ноември 2017 година кога во вода беше пуштена стратегиската нуклеарна офанзивна подморница Кнез Владимир, која инаку припаѓа на класата 955А Бореј-А. Оваа подморница е вооружена со 16 интерконтинентални балистички ракети Булава-30 кои можат да носат повеќе независно насочени нуклеарни боеви глави со исклучителна сила. Инаку, руските стратешки нуклеарни сили во овој систем имаат уште три оперативни подморници од истата класа: Јуриј Долгоруки, Александар Невски и Владимир Мономах. Но, овие подморници припаѓаат на изворната класа 955 Бореј, која за да нема никаков сомнеж, и понатаму претставува мошне модерно и бескрајно морничаво борбено средство. Нуклеарната подморница Кнез Владимир во однос на овие подморници е уште помодерна во поглед на значајното намалување на нивото на подводни вибрации за време на пловидбата, пософистициран систем за врски, унапреден комплекс за откривање и следење на непријателските цели, како и на системите за вооружување.

Покрај овие подморници минатата година беше пуштена во вода уште една нуклеарна офанзивна подморница од класата 885М Јасен-М. Како што е и случајот со претходно спомената подморница од класата Бореј-А, и оваа подморница е направена од исклучително моќната компанија која е специјализирана за производство на овие подводни морски џинови „Севмаш“. Станува збор за офанзивна подморница чие главно вооружување се крстосувачките ракети „Калибар“, но и противбродските ракети „Оникс“. Нејзината универзалност е од исклучително голема важност зашто може да се употреби како во масовен судир кој има размери на тотална војна, така и во локални конфликти, како што е, да кажеме, оној во Сирија. Подморницата е спуштена во вода во март 2017 година и моментално се наоѓа во фаза на сложени воено-технички тестирања. Покрај оваа подморница, руската воена морнарица во својот состав го има и „Северодвинск“ кој е истата подморница само што станува збор за основниот модел 885 „Јасен“.

Третиот, исклучително важен настан, кој се одигра минатата година, а е поврзан со нуклеарната компонента на руската армија, е прототипскиот приказ на длабоката модернизација на суперсоничниот стратегиски бомбардер Ту-160М2. Медиумите за првпат можеа да го видат овој авион во средината на ноември во рускиот град Казањ. Русите планираат на стандардот М2 да подигнат флота од 36 бомбардери Ту-160, што драматично би ја зголемило стратегиската способност на рускиот нуклеарен потенцијал.

Зошто?

Па, зашто токму овој авион во својот борбен арсенал поседува ракети со исклучително голем дострел од класата воздух-земја, како што се на пример Х-102 и Х-555, а кои носат термонуклеарни боеви глави со еквивалент од 150-300 Кт. Кај оваа модернизација особено внимание е посветено на унапредувањето на офанзивно-навигацискиот комплекс на овие авиони, како и неговите погонски групи кои ќе бидат составени од четири млазни мотори НК-32-02. Поради големото количество ракети што ќе може да ги носи еден авион Ту-160, тој уште се нарекува и „ракетоносач“.

Проект за унапредување на воздухопловната компонента со полн спектар

За овој авион да има практично неограничен оперативен борбен радиус, Русите ја модернизираа и воздухопловната цистерна Ил-78. Имено, овие авиони се специјализирани да го снабдуваат со гориво во воздух бомбардерот Ту-160. Модернизираната верзија на овој авион ја носи ознаката Ил-78М-90А и има можност да полета со речиси 130 тони керозин. Овој воздушен танкер го има направено руската компанија Авиастар-АП, а Русите планираат на овој стандард да подигнат флота од 30 авиони Ил-78;-90А. Покрај овој авион, оваа компанија со Министерството за одбрана на Руската Федерација потпиша договор за набавка на 39 модернизирани воено-транспортни авиони Ил-76МК-90А. Покрај тоа на овој авион ќе се базира и најновата рука концепција за „летачки“ радар, за рана детекција на широк спектар цели, нивна параметарска обработка и наведување на военото воздухопловство о на земските системи за ПВО со цел за нивна елиминација. Секако, станува збор за авионот А-100 кој исто така за првпат полета кон крајот на оваа година.

2017 ќе остане забележана и по значајните новитети кога станува збор за цивилното воздухопловство, пред сè патничките авиони од новата генерација МС-21. Кон средината на октомври овој авион за вкупно шест часа лет помина оддалеченост од 4.500 километри (линија Иркутск-Москва). Врз основа на базичната концепција на МС-21-2300, Русите ќе направат цела плејада вакви авиони кои ќе се разликуваат по капацитетот на патничките места, и ќе земат сериозно учество на меѓународниот пазар кога станува збор за комерцијалните авиони. Едноставно станува збор за авион кај кој во голем обем е применето вградувањето композитни материјали на база на полимер. Поради тоа овој авион е во голема мера полесен од своите конкуренти, и има натпросечна брзина на лет. Благодарение на овие карактеристики, неговиот долет изнесува над 6.000 километри.

Треба да се издвои и настанот што се одигра на почетокот на декември минатата година кога перспективниот ловец од петтата генерација Су-57, за првпат полета со новиот мотор Тип-30 кој го разработува корпорацијата „Обединета корпорација за изградба на мотори“. За разлика од моторот АЛ-41Ф1 овој модел се одликува со значително поголема потисна сила (10.500 Kn Тип-30 наспроти 9.500 Kn АЛ-41Ф1 во режим без дополнително согорување), како и (17.500 Kn Тип-30 наспроти 15.000 Kn АЛ-41Ф1 во режим на дополнително согорување-форсаж). Исто така се отстранети и проблемите околу неговата радарска и Иц невидливост. Ваквите карактеристики на моторот според мислењето на руските конструктори ќе бидат доволни за постигнување стабилна суперсонична брзина во бесфорсажен режим на работа, односно со крстосувачка брзина. Ова во голема мера ќе ја намали потрошувачката на гориво и со тоа ќе го зголеми борбениот радиус на овие летала, како и нивната вкупна оперативна способност.

Русите оваа година го претставија и специјалниот авион Ил-76ЛЛ кој е опремен со најсофистицирана техника за следење на работата на авионските мотори и неговите технички карактеристики за време на испитувањето во летните услови. На него е интегриран новиот турбоелипсен мотор ТВ-7117СТ кој е предвиден да биде интегрален дел од флотата на новите воено-транспортни авиони Ил-112В. Публиката можеше да го види и перспективниот повеќенаменски хеликоптер Ка-62, како и новиот школско-борбен авион со свртена геометрија на крилата Ср-10.

Она што е уште интересно се однесува на мошне современите повеќенаменски хеликоптери „Ансат“. Имено, потпишан е првиот меѓународен договор со НР Кина за испорака на хеликоптерот „Ансат“ за оваа држава, а и продолжена е неговата испорака за Министерството за одбрана на РФ кое досега има купено 60 хеликоптери од овој тип. На хеликоптерските единици на руската армија кои се опремени со офанзивните хеликоптери Ми-28Н, испорачана им е најновата верзија на школско-борбениот хеликоптер Ми-28 УБ кој е наменет за обука на пилоти на овие машини, но и за изведување класични борбени задачи.

Претставено е и новото беспилотно летало „Орион“. Според производителот, станува збор за тактичко беспилотно летало со зголемена автономија на летот. Во неговиот состав влегува самото беспилотно летало, систем за автоматско полетување и слетување, земска станица за насочување и технички елементи неопходни за негово одржување. Кога станува збор за перспективната ракетна техника, веќе далеку е отидено во развојот на офанзивната суперсонична ракета BrahMos-A од класата воздух-земја, и фамозната хиперсонична ракета „Циркон“ која треба да оствари руска доминација на светските мориња и океани.

Извоз измерен во тони „зелени“ банкноти

Без оглед на значајниот обем на испорака на најсовремено оружје и воена опрема за Министерството за одбрана на РФ, склучените договори со странските купувачи остануваат и понатаму мошне важен аспект за руската воена индустрија, но и за државата во целина. Благодарение на огромниот девизен прилив кој на овој начин се обезбедува во државата, во голема мера е стабилизиран и курсот помеѓу руската рубља и останатите светски валути, кој, пак, беше во благ пад по воспоставувањето на режимот на меѓународни санкции кон Русија. Еден од најголемите извозни успеси на руската воена индустрија во 2017 година е секако фантастичниот ловец Су-35С, за кој постои исклучително голема побарувачка. И компанијата МиГ со својот производ МиГ-29М2 потпиша одличен договор со една арапска држава (Египет).

Русија неодамна од Турција доби аванс за испорака на рускиот универзален систем за противвоздушна одбрана С-400 „Триумф“ за оваа држава. За овој систем се мошне заинтересирани и други држави како што се НР Кина и Индија, а во целата приказна одеднаш се приклучи и Саудиска Арабија со своите нескротливи апетити. Русија за време на посетата на кралот Салман на Москва, која се случи на почетокот на октомври минатата година, со Саудиска Арабија склучи договори за продажба на вооружување во вредност од три милијарди долари. Покрај споменатиот систем за ПВО С-400, Саудијците се мошне заинтересирани и за тешките ракетни фрлачи ТОС-1А, за ракетите Корнет-ЕМ и за автоматски фрлачи на гранати. Целиот пакет подразбира и обука на саудискиот екипаж за управува со овие системи, како и разработка на модел за нивно ефикасно интегрирање заедно со американското оружје со слична намена.

Добри веси доаѓаат и од Индија каде овој веќе традиционален купувач на руското оружје и воена техника сака да продолжи со лиценцираното производство на руската оклопна техника која се состои од тенковите Т-90С/МС и БМП-2. Оваа држава е исклучително сериозно заинтересирана за сума од најмалку три милијарди американски долари да набави шест дизел-електрични подморници за потребите на своите поморски сили. Индијците се заинтересирани за подморницата „Амур-1650“ која по своите вкупни техничко-тактички параметри е уште подобро решение од „Варшавјанка“. Станува збор за извозна модификација на класата 677 „Лада“ која има минимално ниво на бучава за време на пловењето, а може и да ги користи сите шест торпедни цевки за испукување крстосувачки ракети од типот „Калибар“ или противбродски ракети „Оникс“.

Компанијата „Уралвагонзавод“ може да ги трие рацете откако за најновата модификација на тенкот Т-90МС, покрај Индија, се заинтересира и Виетнам, како и две арапски држави. Производниот капацитет на оваа компанија ќе биде во целосен обем зафатен зашто Министерството за одбрана на Руската Федерација има нарачано поголемо количество основни борбени тенкови Т-72Б3 со посилни погонски агрегати, како и перспективното борбено средство за непосредна огнена поддршка „Терминатор“.

Покрај овие новитети, треба да се стави акцент и особено да се пофали високата активност на научно-истражувачките и на конструкторските бироа кои оваа година претставија десетици футуристички проекти кои имаат реална шанса еден ден да се усвојат во вооружувањето и да влезат во сериско производство. Сево ова укажува дека 2018 година ќе биде уште побогата кога станува збор за новитетите од кујната на рускиот воено-индустриски комплекс.