Научниците ги побија претходно наметнатите мислења дека длабински живот во Охотско Море е сиромашен и хомоген. Според Марина Маљутина, заменик-шеф на експедицијата SokhoBio во Курилската котлина живеат околу 1.000 видови различни животни, иако пред тоа беа познати само 50. При тоа повеќе од половината од нив се нови за науката. Станува збор за едноклеточни организми, ракови, мекотели, иглокожи, различни црви и риби. Многу видови од новите животни личат на антарктичките и на атлантските длабоководни видови.
На големи длабочини се среќаваат како познатите октоподи, морски ѕвезди и ракчиња, така и мноштво други животни кои пленат со своите чудесни форми. На пример ова тенко ракче со крив скелет цврсто се фатило за гранчињата и ги лови со своите големи прстиња животните што пливаат покреј него.
Научниците се вчудовидени од големата сличност меѓу видовите длабинска фауна во југоисточниот дел на Курилската котлина и Пацификот. „Тоа е неверојатно, бидејќи фауната во Пацификот е многу стара. Таа се развивала во текот на милиони години - прецизира Марина Маљутина. - Што се однесува до длабоките базени на морињата во Далечниот Исток, тие се релативно млади и имаат доволно комплексна геолошка историја. Тие поминале низ периоди на замрзнување и на целосна изолација.
Истражувањата се одвиваа во зоната со најголема морска длабочина - од 3.5 до 6 илјади метри. Тука притисокот го надминува за 750 пати атмосферскиот и нема никаква светлина.
Овие длабочини се главно населени од животни чии димензии се неколку милиметри. Тешко е тие да бидат уловени со традиционални средства за лов. Сепак, благодарение на специјалната опрема научниците од SokhoBio успеаја да качат на научниот брод „Академик Лаврентиев“ богат лов од животни со големина од 1 до 10 милиметри, морски организми со големина до 1 милиметар. Тие открија и животни, поголеми од 1 сантиметар, вклучувајќи и риби.
Длабокоморските ежови можат да ги зачудат дури и биолозите со својата необична форма и крутост.
„Сите бевме импресионирани од бројот на видовите во најдлабоките станици - вели Ангелика Брандо, професор во зоолошкиот музеј на Хамбург, шеф на германската научна група. - Тоа беше неверојатно, бидејќи не беше очекувано. Во однос на новите видови имаше многу интересни наоди. На пример на најголема длабочина најдовме вид Cephalothrix iwatai“.
Допрва претстои материјалите од експедицијата да бидат изучени во руските, германските и јапонските институти. Научниците велат дека за нивен целосен опис можат да бидат потребни години. Во текот на експедицијата беа откриени не само нови видови, но и непознати родови, дури и ново семејство. Сепак, првите резултати од истражувањата ќе бидат објавени дури по две години.
Покрај тоа, експертите планираат од собраните примероци да извлечат биолошки активни материи за создавање медицински препарати. Институтот за биоорганска хемија во Владивосток ода некои морски организми веќе произведува антиинфламаторни и противотуморни препарати, а исто така и биолошки активни адитиви.
Длабоководната голотурија скотопланес на шега ја нарекуваат „морско свинче“, иако таа е близок роднина со морските краставици и со кукумариите.
Во исто време, при изучувањето на составот на дното во близина на островот Симушир, геолозите на експедицијата успеаја да откријат специфични железно-мангански формации. Тоа е знак дека во регионот има карпи кои содржат злато и сребро. Но, научниците ќе можат да го потврдат тоа, дури откако ќе заврши целосната обработка на собраните примероци од дното.
За 2016 година е планирана четвртата заедничка руско-германска експедиција KuramBio II – „Курилските-Камчатско истражување на биодиверзитетот II“, која ќе се одвива со помош на новиот германски брод „Зоне“. Експедицијата ќе ја истражува фауната на максимална длабочина на Кури-Камчатскиот Ров, на околу 9.5 илјади метри. За споредба, длабочината на Маријанскиот Ров, најдлабокото место на планетава, изнесува околу 11 илјади метри.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче