Министерството за одбрана на РФ започна да го поставува длабинскиот акустичен систем за набљудување „Хармонија“, соопштува весникот Известија.
Кога новиот проект ќе биде завршен во 2020 година, руската армија ќе може да „гледа“ што се случува во најоддалечените подрачја на светскиот океан, кои претходно беа непристапни за набљудување. Така ќе го следи движењето на бродовите и подморниците на другите светски сили.
Главен изведувач на работите е компанијата „Спецстрој“. Таа работи на создавање команден пункт за управување со системот на островите на Нова Земја. Освен тоа, во близина на Североморск ќе биде направен специјализиран погон за производство на елементи за „Хармонија“.
Според податоците на весникот Известија, за овој проект се издвоени 7 милијарди рубли (околу 108 милиони американски долари).
Системот Хармонија претставува мрежа од роботизирани станици на дното на океанот кои можат самостојно да функционираат на температура од -10 до +45 степени Целзиусови. Ова го овозможуваат посебните литиум-полимерни батерии со автоматски систем на контрола на потрошувачката.
Системот ќе врши акустички мониторинг на светскиот океан со помош на хидролокатор. Кога сензорите ќе откријат објект, сигналот од станицата се пренесува со помош на кабел на површината, од каде преку сателит се испраќа до командниот пункт.
Во случај на потреба станицата самостојно се склопува, по што подморницата која минува може да ја „собере“.
Овој систем ќе овозможи целосна контрола на неколку стотини километри во акваторијата.
„Нè интересираат подрачјата во кои пловат стратешките подморници на САД, на Велика Британија, на Франција во неутралните води на светскиот океан – во Тихи, во Атлантски и во Северен леден океан“, вели за „Руска реч на македонски“ извор од военоиндустрискиот сектор.
Тој нагласува дека Русија во овој правец ќе се потпре на Конвенцијата за право на морето и нема да задира во водите на другите земји, ниту во нив ќе извршува воени активности.
„САД поставуваат слични системи за набљудување во Норвешка, во Баренцово и во Јапонско Море. Америка внимателно ги следи нашите подморници и тоа не само со помош на поморски системи, ами и со помош на сателити“, додава нашиот соговорник.
Воениот експерт на агенцијата ТАСС Виктор Литовкин во интервју за „Руска реч на македонски“ вели дека поставувањето на новиот систем за поморско набљудување е дел од натпреварувањето на вооружените сили на Русија и на САД.
„На секое достигнување на едната страна, следува одговор од другата. Голема е дозата на недоверба помеѓу двете страни, и таа прераснува во трка за вооружување“, истакнува аналитичарот.
Според него, Русија се труди да не биде вовлечена во таа трка и да се задоволи само со она што е неопходно, но развојот на воената техника изискува сè поголеми трошоци за нови технологии и за нивна примена.
Според Дмитриј Корнев, уредник на Интернет-проектот Militaryrussia, прв носач на „Хармонија“ е дизел-електричната подморница Б-90 Саров, која морнарицата ја користи од 2008 година. Според неговите сознанија во овој момент е веќе завршено тестирањето на неколку пробни примероци.
Но, поперспективна база за овој систем ќе бидат нуклеарните подморници. Најверојатно кандидати се Хабаровск и Белгород, кои ќе бидат ставени во експлоатација до 2020 година, кога овој систем во целост ќе почне да функционира.
Роботизираните станици ќе бидат спуштени на дното веќе кон крајот на 2016 или 2017 година. Во врска со ова воениот историчар Дмитриј Болтенков вели дека делумната експлоатација на „Хармонија“ може да започне наскоро.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче