Стравотна сила на високопрецизното оружје: 500 ракети „Калибар“ ги парализираат САД

Слободан Ѓукиќ
На Американците итно им се потребни 100 батерии нов ласерски или хибриден топовско-ракетен комплекс „SHORAD“ со вкупна вредност од 60 милијарди американски долари. Од тоа количество најмалку 50 батерии треба да се разместат во Европа. Во целата оваа операција содејствува моќниот медиумски картел кој е интегрален дел од целата приказна, а кој ќе пали оган за наводното загрозување на „западните“ држави од евентуален руски напад.

Американците внимателно ги проучуваат искуствата од војната во Авганистан, Ирак и Сирија. За ова многу може да се прочита во воено-аналитичкиот медиум Task and Purpose кој е поврзан со Пентагон. Заклучоците на експертите се следниве: терористите имаат многу напредувано во усвојувањето нови технологии. Тие одамна не се група бандити со експлозив и пушки, ами лица со инженерско образование. Денес тие немаат некои големи технички проблеми да создадат ракета, или да конструираат квадкоптер со експлозив на далечинско управување. Тие ја совладале оваа материја и во голема мера ја користат за да ја материјализираат својата деструктивна имагинација, заклучуваат американските воени аналитичари кои се занимаваат со проблемите на современиот тероризам. Затоа американската војска е принудена да го активира проектот „SHORAD“ (мобилен комплекс за противвоздушна одбрана од краток дострел), без оглед на својата неспорна доминација во воздухот. Иако „SHORAD“ во гласниктo Task and Purpose се класифицира како антибунтовничко средство, ултранационалистичкиот Breaking Defense, од друга страна, го вбројува во одбранбено оружје со многу поголемо значење. „Ние мораме да ги браниме САД од надворешна агресија, зашто ова е наша земја“,.. „Додека Русија и другите наши непријатели трупаат арсенал ракети и беспилотни летала, ние се трудиме да развиеме адекватно средство кое ќе ги неутрализира“, пренесува Breaking Defense. 

Американските генерали сонуваат верзија со борбен ласер 

Како што изјави за порталот Breaking Defense началникот на штабот на Копнената војска на САД генерал Марк А. Мили, иднината диктира итна потреба за повторно образување на баталјон опремен со системи за ПВО со краток дострел, а кои по завршувањето на Студената војна во голема мера беа расформирани. „Во ера на модерни воени дејствија, ако останете на едно место подолго од два или три часа, таму сигурно повеќе ќе ве нема“, нагласува генерал Мили. Тој критички се осврна на големите стационарни системи на противвоздушната одбрана. Според него, форсирањето на ваквите системи за одбрана е надминато и претставува фрлање пари во ветар. „Потребно ни е нешто поново и мобилно“, истакнува американскиот генерал. 

Во септември оваа година на ракетниот полигон во Њу Мексико, кое е инаку еден од најголемите воени полигони во САД, тестиран е нов мобилен противвоздушен систем со краток дострел „SHORAD“. Дописникот на весникот Task and Purpose, Џаред Келер лично присуствуваше на ова тестирање и напомена дека и покрај добрите резултати што овој комплекс ги прикажал, истиот, според сè, претставува краткорочно решение. Нему особен впечаток му оставиле офицерите на американската војска кои по секое успешно соборување на имитација на воздушна цел, скокале како деца. Како да станува збор за соборување астероид. Очигледно станува збор за однапред испланиран перформанс кој треба да изврши позитивно психолошко влијание на присутните политички бирократи кои во своите раце ги држат клучевите од државниот буџет.

Инаку, станува збор за семејство борбени противвоздушни системи кои се поставени на платформа на оклопно возило на тркала Stryker MSL. „SHORAD“, според извори за порталот Task and Purpose е опремен со мошне квалитетна радарска станица, со средства за противелектронска борба (ПЕб), она што е особено интересно се ракетите AGM-114L „Longbow Hellfire“ опремени со радарски насочувачки боеви глави, како и нов тип автоматски топ со калибар од 30 милиметри. Во своите планови, развојните инженери на корпорацијата „Боинг“ се надеваат дека на ова возило наскоро ќе се интегрира комплекс со борбен ласер, за кој сонуваат американските генерали.

Израелскиот „IRON DOME“ како мостра 

THEL/ACTD

Забележано е дека проектот во голема мера и понатаму ќе ги разработува достигнувањата на израелскиот систем за противракетна одбрана „Iron Dome“ кој го произведува компанијата „Рафаел“. И понатаму дефинитивно не е јасно кое возило ќе биде платформа за овој комплекс, иако се споменува дека таа ќе биде на база на споменатиот Stryker. Генерал Марк А. Мили во оваа смисла ги навести основните барања кои треба да ги задоволи носечката платформа. Секако тоа не би било возило кое има габарити на камион, ами оклопно повеќенаменско возило со зголемено ниво на проодност. Но, сериозен проблем претставува инсталацијата на прилично габаритен систем за напојување на борбениот ласер кој би требало да стане интегрален дел на новата концепција на „SHORAD“. 

За да може овој ласер да собори сериозна воздушна мета како што е на пример ракета, неговата сила мора да има најмалку 60 кВт. Американската корпорација „Боинг“ наводно нашла решение за овој проблем, така што конструирала компактен квантен генератор со сила од 2кВт. Но, многу авторитети кои добро ја познаваат оваа материја се многу скептични кога станува збор за ефикасноста на ова оружје во практика. Сериозен противник кој поседува адекватно техничко знаење, може на мошне едноставен начин да ги заштити своите проектили и беспилотни летала од ласер кој има релативно мала сила. Секако, овој ласер ќе има своја практична намена во случај условниот противник да користи, на  пример, комерцијални или импровизирани беспилотни летала, што сепак е малкуверојатно. Значи, за некои сериозни работи е потребен посилен ласер, а со самото тоа и поголема платформа на која би се сместил адекватен генератор за напојување. Затоа на тестирањето во Њу Мексико  „SHORAD“ сепак се појави на камионска платформа на која изгледаше прилично кабесто. 

Ако ги оставиме настрана вообичаените фрази за постигнување добри резултати кога станува збор за воведната верзија на овој проектил, неговиот понатамошен развој, според сè, ќе биде долг и неизвесен. Топовско-ракетната верзија на системот „SHORAD“ која е демонстрирана на ракетниот полигон во Њу Мексико, не ги задоволи амбициите на американските генерали. Според нив, неговите техничко-тактички способности мораат да се зголемат за дури четирипати од оние кои се демонстрирани за време на тестирањето. Ова пред сè се однесува на (не)можноста за истовремено пресретнување на поголем број цели, и веројатноста за нивно соборување, односно уништување. За да се решат овие проблеми потребно е да се поттикне овој проект со кој знае колку милиони зелени паричници (тоа всушност беше поентата што на државниот врв имплицитно им ја пренесоа американските генерали). Познато е дека многу високи функционери на американската војска се всушност продолжена рала на ненаситниот воено-индустриски комплекс, на кој единствена и исклучива цел им е „дебела“ заработувачка. Тука конкретно се работи за заткулисна операција за олеснување на американскиот буџет која од една страна ја води бескрупулозниот менаџмент на компанијата „Боинг“ и корумпираните генерали од Пентагон. 

Ако не може со ласер, тогаш направете го да биде како „Панцир-С1“

Панцир С-1

Истовремено, Американците имаат и план Б во развојот на овој комплекс. Ако се запне со ласер, тогаш приоритет ќе има развојот на спарени автоматски топови со калибар од 30 милиметри. Презентацијата на комплексот со нови топови би требало да се одржи на почетокот на следната година. Доколку дојде до прифаќање на ваквата концепција на американскиот перспективен систем со краток дострел, тој според својата намена, техничко-тактички карактеристики, па дури и изгледот ќе биде копија на рускиот аналог „Панцир-С1“( НАТО ознака SA-22 Greyhound). Не е тајна дека во техничките кругови Американците имаат голем респект кон рускиот пандан, и дека во извесна мера им завидуваат на Русите на навистина одлично комбинираното и оперативно решение. 

Интересно е да се истакне дека штандот со Strykerom MSL заедно со израелскиот систем „Iron Dome“ беше особено истакнат на големиот саем за вооружување и воена опрема AUSA-2017, кој неодамна се одржа во Вашингтон. Секако со причина, зашто една батерија стационарен систем за противвоздушна одбрана на израелскиот производител чини околу 50 милиони американски долари. Ако на тоа се додаде специјалната мобилна платформа и останатите новини што го чинат овој проект, само една единица хибриден систем монтирана на Stryker MSL даночните обврзници ќе ги чини околу 100 милиони американски долари. Такви се прелиминарните процени на Пентагон. За споредба, рускиот „Панцир-С1“ чини помеѓу 13 и 14 милиони американски долари по единица, што е седумпати помалку од американскиот еквивалент. Притоа Русите веќе со децении го развиваат овој концепт на оружје, а Американците немаат такво искуство. Значи, постојат оправдани индиции дека рускиот комплекс покрај далеку пониската цена е и далеку поквалитетен од „Американецот“.

Иницијалната/пробна набавка на ова средство нема да биде помала од шест единици (1 батерија), што би изнесувало околу 600 милиони американски долари (или 43 единици од споменатиот руски комплекс за противвоздушна одбрана „Панцир-С1“). Но, тоа е капка во морето кога станува збор за одбраната на територијата на САД која може да биде цел на терористички напад. На Американците за каква-таква безбедност им се потребни 100 батерии од овој комплекс, каде вкупната вредност на договорот достигнува астрономска цифра од речиси 60 милијарди американски долари! Од тоа количество најмалку 50 батерии би требало да бидат разместени во Европа, што е уште една лукава замисла на воено-индустрискиот комплекс, за со овој проект да ги оптовари и владите на европските држави. Секако, во целата оваа операција треба да содејствува моќниот медиумски картел, кој е интегрален дел од целата приказна, а кој ќе пали оган за наводното загрозување на „западните“ држави од евентуален руски напад. 

Пентагон со голема нетрпеливост го очекува опремувањето на првиот баталјон перспективни средства за противвоздушна одбрана со краток дострел „SHORAD“. Тоа е нивниот сон. Американскиот генерал Марк А. Мили очекува дека овој систем на база на Stryker MSL во оператива употреба ќе влезе во следните две години, нагласувајќи дека набавката на овие системи е еден од приоритетите на војската на САД. 

Енергетски колапс 

Процените на американските стручњаци се дека војската на САД немаат адекватна ПВО архитектура за победа во евентуален судир со руските воздухопловни борбени ефективи, особено кога станува збор за борба против новите генерации руско високопрецизно оружје. Во хипотетичка војна, главнината на руските ракетни сили составени од високопрецизни крстосувачки ракети „Калибар“ и „Х-101“ би удриле по целата територија на САД, особено зафаќајќи ги најважните објекти за енергетско функционирање на државата, како што се нуклеарните електрани. За целосно обезглавување на САД се потребни 103 високопрецизни конвенционални удари кои би ја парализирале целата држава на подолго време. За САД да потонат во целосен мрак потребен е истовремен масовен удар кој би се состоел од 500 до 700 крстосувачки ракети „Калибар“. Со оглед на внатрешната состојба на американското општество, комодитетот и навиките на просечниот американски граѓанин без кои тој не може да функционира, доволно е да се онеспособат 80% од енергетскиот потенцијал на САД за во државата да настане целосен хаос. Доколку тој удар би предизвикал трајни оштетувања кои не можат да се санираат во догледно време, огромен број од американската популација би се нашол на работ на опстанокот и би бил уништен од последиците на меѓусебните судири, болести и глад. Инаку, ова се процени на Џејмс Вусли, поранешен директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња