10 восхитувачки фотографии на руски авиони снимени на небо

Наука и технологија
КСЕНИЈА ЗУБАЧОВА
Погледнете ги авионите и хеликоптерите од необична перспектива!

Алексеј Нагаев, авионски инженер и фотограф од Москва, повеќе од десет години снима уникатни фотографии на руските летала.

Има овековечено авиони низ цела Русија, вклучувајќи ги Арктикот, Камчатка, Крим и Кавказ. Сите фотографии се снимени на небото, над земјата.

Воздушната фотографија зазема значајно место во работата на Алексеј Нагаев. Како што вели и самиот за Russia Beyond-Македонија, тоа било љубов на прва фотографија, и наскоро бил претрупан од нарачки и повици да земе учество во различни летови.

„Фотографирам нешта кои сметам дека се интересни, вклучувајќи деца, женска убавина, архитектура и разни градби... Но, немам доволно време за сè, па морав да се фокусирам на нешто. За мене пред сè тоа беше воздухопловството, поларните теми и Москва“, вели Алексеј Нагаев за Russia Beyond-Македонија.

Фотографирањето авиони не е едноставно и постојат голем број ограничувања. Според фотографот, при снимањето постојат премногу нешта кои едноставно не можат да се контролираат: времето на летот, временските услови и композицијата обично не се онакви какви што би сакал фотографот да бидат.

„Членовите на летечкиот екипаж често стануваат соавтори на фотографиите. Резултатот во голема мера зависи од нивната способност да сфатат што сака фотографот и да ја оживеат неговата визија“, објаснува Нагаев. „Пилотот треба да лета по точен агол, а самиот авион има определени физички ограничувања во тој поглед“.

Искусен фотограф знае што можат или не можат да направат пилотот и неговиот авион, но секој лет е уникатен и е невозможно да се предвиди како ќе помине и какви би можеле да бидат резултатите. Нагаев во тоа гледа определен шарм.

„Понекогаш фотографиите можат да ги надминат очекувањата, а понекогаш можат и да разочараат. Дури и кај настани како што се воздушни паради, кога би можеле да помислите дека сè е испланирано, тоа всушност не е така“, вели фотографот. „Летот може од некаква причина да биде откажан, и сите подготовки ќе бидат за џабе. Морате да се подготвите за тоа“.

Самото снимање не е брз процес. Пред сè зашто подготовките одземаат многу време. Морате сè да организирате, да дојдете до локацијата и да ги почекате вистинските временски услови. „Летот би можел да трае еден или неколку часа – тоа зависи од низа фактори“, објаснува Нагаев.

Снимањето може да се одвива различно зависно од леталото: фотографирањето може да се врши низ прозорец или низ отворена рампа или врата. Според фотографот, најтешко е да се поклопат сите различни фактори, вклучувајќи ја среќата, зашто времето е нешто што има големо влијание на исходот.

Сакате да видите повеќе? Делата на Алексеј Нагаев моментално се изложени во галеријата „Фотоцентр“ (www.foto-expo.ru) во Москва. Можете да ги погледнете до 19 ноември.