Кој има подобар авион: Путин, Трамп, Макрон или Колинда?

Наука и технологија
ДЕНИС КРНИЌ
Russia Beyond-Македонија ви ги претставува најлуксузните летечки резиденции на денешнината.

Авионот на Владимир Путин

Секоја странска турнеја на рускиот претседател Владимир Путин е можност не само за демонстрација на политичката моќ, ами и за презентација на авиони – симбол на престиж на политичкиот врв на нова Русија. Шефот на руската држава лета со Иљјушин-96-300 ПУ (М1) од ескадрилата на Специјалниот авионски парк, дирекција која се грижи за авионите за потребите на рускиот шеф на државата и на владата. Врвен широкотрупен авион долг 55 метри, тежок 230 тони, има дострел до 12.000 километри, а еден ден лет на меѓународна тура чини 1.2 милиони американски долари.

Со проценета вредност од 300 милиони американски долари, авионот со кој лета Путин, но и рускиот премиер Дмитриј Медведев, се смета за еден од најскапите авиони на светот. Според раскошниот ентериер без сомнение е најлуксузен државнички авион на денешнината. Освен најсовремениот систем за блиска противракетна и противавионска одбрана (систем „Стрела 2“), врската, телекомуникациите и навигацијата, еден од најпознатите луѓе на планетава, Путин, на располагање има и работен кабинет, четири спални соби, тоалет со сауна, сала за состаноци, соба за одмор, кабинет за рекреација и кујна.

Овој авион има вграден систем за зголемен летен дострел, како и опрема за наредба на вооружените сили, дури и во околности на нуклеарна војна, па затоа некои го нарекуваат и „авион на судниот ден“.

„Чудото од техника“,Иљјушин-96-300 ПУ, секое патување на Путин го претвора во гламурозно шоу во кој улога има секој детаљ: од големиот натпис „Русија“ на страните, до кратенката „ПУ“ кој се толкува како „Пункт на управување“. Првиот авион од ваков тип е изграден за рускиот претседател Борис Елцин, но за потребите на Путин го има доработено една британска фирма, што чинеше околу 40 милиони американски долари. Покрај другото, истата сума пари беше дадена и за седишта од најфина италијанска кожа, ѕидови преслечени со руска свила и со ореово дрво, најскапи кристални чаши, модерен телевизиски систем, три бара во трупот на леталото, а исто така и работен кабинет со големина од 10 квадратни метри. Вообичаена процедура е, поради безбедноста на претседателот на Русија, од московскиот аеродром „Внуково 2“ во оддалеченост од само неколку минути да полетаа два идентични Иљјушини. Податокот во кој од нив е Путин е државна тајна. Се претпоставува дека храната ја подготвуваат воени готвачи во самиот авион за да бидат сигурни што се става во оброците. Има ли авионот на Путин вградена капсула за спасување, која, како се зборува, ја има и авионот на американскиот претседател? Ова е прашање на кое можеби никогаш нема да добиеме одговор... Инаку, првиот во историјата странски службен лет на шеф на Кремљ се случил во ноември 1943 година кога Јосиф Сталин заминал на Техеранската конференција. Да додадеме дека во последните две декади се изработени четири претседателски Иљјушини.

Авионот на Доналд Трамп

„Air Force One“ е широко познат авион на американскиот шеф на државата. Тоа е всушност продолжен Boeing 747-200B VC-25AS, со напреден систем на навигација, антинуклеарен штит, систем за обезбедување гориво за време на летот. На сериските Боинзи од оваа класа потсетува само однадвор. Но, однатре е нешто сосема друго. Најточен опис би можел да биде дека тоа е Белата куќа со крила. Во критични ситуации овој авион може да остане во воздух цели 7 дена без слетување.

Боингот на Доналд Трамп има поскромен ентериер. Иако никогаш не е потврдено, со години се нагаѓа дека во опашката на овој авион има капсула од легура од алуминиум и титан за евакуација на претседателот на САД во случај на погодување на авионот со проектил.

Во функција на летачки бункер претседателскиот авион бил само еднаш: на 11 септември 2001 година по нападот на Ал Каида на Њујорк и Вашингтон. Во исто време беше и летачка скривница на тогашниот Џорџ Буш со оглед на фактот што не се знаеше дали ќе има уште напади.

Дизајниран е да преживее електромагнетен удар, а притоа сите системи да останат недопрени и покрај фактот што и понатаму користи традиционални аналогни инструменти за управување зашто се помалку чувствителни. Овој авион му овозможува на Трамп да биде во контакт со флотата нуклеарни подморници, дури и ако комуникациите на копното се уништени. „Air Force One“ е со препознатлива светлосина боја во комбинација со сребрена боја и претседателскиот грб добиен во 1962 година.

Авионот на Емануел Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон лета во Airbus A300-200 вреден 170 милиони евра кој го има нарачано неговиот претходник Николас Саркози.

Кога е работен, според екстравагантните желби на Саркози, францускиот Airbusu A300-200 е десет метри подолг и два метри повисок од идентичните ербаси на останатите европски државници. Не само тоа, ами е неколку метри подолг и од авионот на Трамп.

Според достапните извори, авионот има 12 конференциски сали, три спални соби, 60 бизнис-седишта, па и посебни филтри кои му овозможуваат на првиот патник на Француската Република слободно да ужива во цигарите за време на летот. Собата за комуникации е посебно дизајнирана.

Сите пораки кои се испраќаат од авионите се кодирани, а овозможено е претседателот на Франција „од воздух“ да ја води земјата. Во авионот се наоѓа мала операциска кабина опремена за итни медицински зафати.

Другите светски државници летаат во поскромни и сосема обични авиони. Италијанскиот премиер користи Ербас 319, германската канцеларка исто така лета во таков авион, кинескиот претседател лета со Boeing 767-330R. Поради овој авион своевремено изби меѓународен скандал откако Кинезите открија дека американските разузнавачи за време на производството во Сиетл во трупот на авионот вградиле 27 уреди за прислушување. Дури и во спалната и во тоалетот.

Авионот на Колинда Грабар-Китаровиќ

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ лета со CL-604 Challenger што го има произведено канадската фабрика „Bombardier“. Во однос на погоре наброените летачки резиденции, хрватскиот Челинџер е мошне поскромно и според димензиите помало летало, која одговара на потребите на хрватските официјални лица. CL-604, со ознака 9A-CRO, е турбомлазен интерконтинентален бизнис-авион со должина од 20 метри, кој заедно со посадата може да превезува вкупно 19 патници до максимален долет од 7.550 километри. Со полн резервоар со гориво може без слетување да лета, на пример, на релација Загреб-Владивосток. Многу влади во светот го користат овој тип авион.

Како и да е, едно е сигурно – мора да се лета. И тоа со стил.

Авторот ДЕНИС КРНИЌ е долгогодишен воен и бродограден коментатор од Сплит. Како новинар има интервјуирано бројни хрватски, европски и руски генерали и министри за одбрана. Како новинар има посетувано воени бази низ Европа и Русија, меѓу кои и воената база „Громов“ во Жуковски каде се вршат испитувања на руските борбени и цивилни авиони, потоа на најголемата авионска база на НАТО на Медитеранот „Дачимоману“ на Сардинија, како и „Брунсум“ во Холандија каде се наоѓа штабот на НАТО за Северна Европа. Исто така, има напишано и бројни читани статии од подрачјето на хрватската и светската бродоградба, а и известувал од средбите и саемите на хрватските и руските бродоградни претпријатија во Москва.