Новинарите на германскиот весник „Билт“ направија неверојатна споредба за да ги забавуваат малку своите читатели. Тие споредија два потполно различни автомобили со слични имиња – „Бентли Бентајга“ (Bentley Bentayga) и „Лада Тајга“ (Lada Taiga – под тоа име во Германија се продава старата добра руска „Нива“). Со други зборови, тие го споредија најскапиот и најбрз кросовер на светот со обично руско теренско возило кое не се промени многу од 1970-те и е поевтино отприлика 19 пати.
Авторот на текстот Дан фон Апен веднаш предупредува дека двата автомобила што ги тестирал имаат многу малку заеднички нешта: и двата имаат погон на сите четири тркала, подвижен покрив и прилагодливи надворешни ретровизори. Во сето останато се сосема различни, може да се каже дури и спротивни. „Лада“ во Германија чини 12000 евра и ѝ се потребни 20 секунди за да достигне брзина од 100 км/ч, а „Бентли“ чини 224000 евра и развива брзина од 100 км/ч за 4,8 секунди.
Фон Апен констатира дека „Лада Тајга“ е типичен руски автомобил. Му се допаднало тоа што се пали со старински клуч, што стартерот е од левата страна на возачот и што има примитивни копчиња на контролната табла. „Воздушното перниче сѐ уште не постоеше во 1976 година кога се појави „Лада“, така што дури и денес овој автомобил нема“, иронично констатира германскиот новинар и додава дека на „Нива“ не ѝ треба музички уред, затоа што менувачот „пее“ на различни начини во секоја од петте брзини.
„Начинот на управување со „Лада“ е толку старомоден, па дури и архаичен, што тоа е навистина весело“, нагласува тој, но им советува на читателите со бавната „Тајга“ да слезат од патот и да се повозат по терен кој не е прилагоден за возење. Мора да се признае, констатира тој, дека овој автомобил совладува секаков релјеф.
Германскиот новинар го поканува и Карстен Маер, директор на продавницата за автомобили „Бентли“ на познатиот берлински булевар „Курфурстендам“, за и тој да учествува во тестот. И замислете, „Лада“ му се допадна и нему! „Пораснав во автомобил „Фолксваген Буба“ и токму затоа оваа кабина, и овие прекинувачи ме потсетуваат на него“, истакнува Маер. „Сето тоа изгледа многу убаво. Ми се допаѓа што автомобилот е природен и изгледа дека е многу сигурен“.
Од друга страна, колегата на Маер Мартин Кезер, кој продава автомобили „Лада” во источното предградие на Берлин, е повикан да го оцени раскошниот автомобил „Бентли Бентајга“. Тој, се разбира, е воодушевен од опремата и ентериерот на ова возило, што беше за очекување. Меѓутоа, оваа споредба, која од самиот почеток беше апсурдна, е крунисана со исто така апсурдниот резултат кој ќе им се допадне на љубителите на руски автомобили. Имено, Германците ја ставија „Нива“ на исто ниво со најбрзиот кросовер на светот.
„Убедлив победник на оваа чесна споредба е клиентот“, се вели во заклучокот на статијата на „Билт“. „Клиентот засега сѐ уште може да бира меѓу соблазнителното снобовско „Бентли“ и деветнаесет обични руски „Лади“, а во скора иднина сите ќе мораме да се возиме во автомобили „Гугл“ без возач“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче