Lada Vesta SW Cross: Триумф или фијаско?

Lada.ru
Новинарот на порталот Autonews.ru Иван Анањев го тестираше новиот автомобил на „АвтоВАЗ“ Lada Vesta SW Cross со атмосферски мотор од 1800 кубици и атрактивна цена.

Седанот Lada Vesta беше револуционерен модел за „АвтоВАЗ“, меѓутоа новото возило најави и нови вредности. Се работи за караван кој добро се снаоѓа на нерамен терен, а притоа е удобен и елегантен.

Новиот дизајнер на „АвтоВАЗ“, Британецот Стив Метин креираше нов изглед на автомобилот кој го издвојува дури и од седанот. Задниот дел на возилото изгледа хармонично, на бочните страни се задрани испакнувањата во формата икс карактеристични за моделот Lada Vesta. Ако го прашате самиот дизајнер дали е тоа седан или хечбек, тој ќе одговори: „нешто помеѓу“.

На пазарот се истовремено пуштени две возила: караванот Vesta SW и неговата модификација Vesta SW Cross. Кросовер возилото има поголем клиренс (растојанието меѓу подлогата и најнискиот дел на каросеријата), дополнителни заштитни елементи и, воопшто, изгледа попривлечно.

Багажникот на автомобилот е организиран како кај најдобрите претставници на оваа класа. Како и кај седанот, тој изнесува 480 литри, но просторот е многу практично уреден: тука се наоѓаат разни куки и ниши за работи, комплет мрежи за прицврстување и двојно дно, под кое е кутијата за распоредување на нештата која го покрива делот за резервната гума, а во неа има уште една кутија. Да додадеме дека овие делови на багажникот можат да ги заменат местата, како и кутиите.

SW Cross има медиски систем со задна камера и навигација, но и уште еден новитет: кутија под наслонот за раце која наскоро е се појави и кај седанот. Тука е и грејачот на задните седишта, а на наслонот за раце има влез за полнење на мобилен телефон. Што се однесува до внатрешниот простор, SW Cross е покомотен од седанот поради повисокиот покрив.

Не би можело да се каже дека моторот од 1800 кубици со 122 коњски сили е некое посебно достигнување. Меѓутоа, ако го споредиме со моторот од 106 КС и 1600 кубици во основниот модел, можеме да кажеме дека погонот е постабилен и дека во градски услови моторот се однесува мошне сигурно. Најдобро се покажа при возењето на средни и високи вртежи, а кога навремено се префрли во пониска брзина, може да одржува активно темпо на возење. Освен тоа, тука се и францускиот менувач и квалитетното квачило, така што во процесот на палењето и промената на брзината нема грешка.

На пат SW Cross се однесува мошне стабилно, и покрај големата висина и тркалата од 17 инчи. Тоа му дава на возилото европски карактер: и покрај до некаде нервозната реакција на нерамнините, тоа останува флексибилно и на кривините се однесува добро. SW Cross има целосно поинаков волан: додека стандардниот караван Vesta SW е нечувствителен на помали отстапувања од праволиниско возење, кај кросовер модификцијата сѐ е значително попрецизно, така што возењето на овој автомобил е поудобно.

Благодарение на нечујниот мотор и тивкиот менувач автомобилот има добра звучна изолација, така што дури и во случај на силен ветер при големи брзини чувството во внатрешноста на возилото е удобно.

SW Cross има одличен спој на карактеристики. Тоа е европски автомобил кој се снаоѓа добро на руските патишта, а не е прескап. Цената на новото возило со стандардна опрема изнесува 755,9 илјади рубли (11,2 илјади евра).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња