Сибирски научници предвидуваат распад на Евроазија по линијата на Бајкалското езеро

Наука и технологија
РИНА БИКОВА
Сибирски научници предвидуваат дека за 20 милиони години евроазискиот континент ќе се распадне на два дела по линијата на Бајкалското езеро, на чие место ќе се појави нов океан, пренесува сајтот „Наука во Сибир”.

Како што се наведува, до овој заклучок дошле научниците од Институтот за геологија и минералогија на Сибирското одделение на Руската академија на науки и Новосибирскиот државен универзитет, кои се занимаваат со реконструкција на историјата на Бајкалското езеро и предвидување на неговата можна иднина. Резултатите од истражувањата ги објавиле во специјалниот број на магазинот Gondwana Research.

„Во земјината кора во средината на Евроазија се наоѓа огромен расед – Бајкалскиот рифт (местото каде што се допираат две тектонски плочи на Земјината кора). Тој постепено се шири и, ако не се промени геодинамичката ситуација, за 20 милиони години најголемиот  континент повторно ќе се подели на два дела, а на местото на Бајкалското езеро ќе се појави нов океан”, се наведува во соопштението.

Претходно беше соопштено дека Бајкалското езеро се наоѓа под закана од еколошка катастрофа и дека, ако не бидат преземени мерки, може да исчезне како што некогаш исчезна Аралското море.