Стратешката воена вежба „Запад-2017“ ќе трае од 14 до 20 септември. Маневрите ќе се одржат на територијата на Република Белорусија на 6 воени полигони. Дел од вежбите ќе ја зафатат и територијата на Руската Федерација во Ленинградската, Псковската и Калининградската област. Покрај набљудувачи од организациите ОДКБ, ЗНД и ЕАЕС, на вежбата ќе присуствуваат и набљудувачи на ОБСЕ и НАТО.
Според различни процени, во воената вежба „Запад-2017“ ќе учествуваат околу 13000 војници и офицери. Што се однесува до борбената техника, покрај 70 авиони и хеликоптери, во вежбата ќе учествуваат и околу 250 тенкови, 200 артилериски единици од различен калибар, како и 10 бродови на Балтичката флота. Колку за илустрација, за потребите на превозот на контингентот на руската војска кој треба да учествува во оваа вежба, Министерството за одбрана на Русија ангажираше повеќе од 4000 патнички и товарни вагони.
Планирано е вежбата да се одржи во 2 етапи, кои ќе подразбираат борба против диверзантско-терористички групи на непријателот со истовремено групирање на силите по длабочината на фронтот, како и заедничко планирање, изработка и спроведување на план на битка во случај на масовна воздушно-копнена агресија врз една од членките на Сојузот на Русија и Белорусија. Според својата природа, оваа вежба има класичен одбранбен карактер.
Вежбата инаку предизвика голема загриженост кај земјите кои се во составот на НАТО НАТО (Полска, Литванија) и кои се граничат со Белорусија, вклучувајќи ја тука и Украина. Тие сметаат дека оваа вежба е закана по нивниот суверенитет и генерална проба за голема конфронтација со НАТО-пактот, изоставајќи го притоа фактот за големиот број агресивни вежби на НАТО (и според кодниот назив, но и според структурата на ангажираните сили) кои веќе со години се одржуваат буквално на границите на Русија и Белорусија. Притоа западните воени аналитичари излегуваа во јавност со процени за вкупниот број на жива сила и борбени средства во оваа вежба. Тој број достигнуваше и до 100000 учесници, со неколку илјади единици борбена техника, правејќи директна паралела со масовните воени маневри „Запад-81“ уште од времето на поранешниот СССР.