Меѓународниот саем на комерцијални моторни возила во Меѓународниот изложбен центар „Крокус Експо“ за претставниците на медиумите веќе е отворен, а на 9 септември ги отвора вратите и за останатите посетители.
Нарачките за УАЗ „Профи“ со носивост од 1,5 тони веќе се примаат. Засега е можно да се порача верзијата со погон на задни тркала. Се очекува подоцна до крајот на годинава да се појави во продажба и модел со погон на сите четири тркала, а во 2018 година да излезе на пазарот и „Профи“ со двојна кабина.
Според првичните информации, новитетот е опремен со 2,7 литарски бензински мотор од 149 коњски сили со петостепен механички менувач Dymos. Во основната опрема „Стандард“ УАЗ „Профи“ има ABS+EBD, воздушно перниче за возачот, електрични прозорци, централна брава, грејачи и електрични странични ретровизори.
Во верзијата „Комфор“ се предвидени магленки, клима уред, аудио систем, греење на ветробранското стакло во целосен опсег, грејачи на седиштата, акумулатор со зголемен капацитет (75А). Како опција се достапни блокадата на задниот диференцијал, помош при паркирање, мултимедијален систем.
Цената на камионот „Профи“ на официјалниот сајт на производителот не е наведена. Меѓутоа, според ценовникот кој во јуни се појави на интернет, најевтиниот модел чини 729000 рубли – околу 10600 евра (шасија со кабина).