Оклопната „Бура“ сериозно им конкурира на „Тигрите“

Фотографија од слободни извори
Компанијата „Нижегородское авиационое обшчество“ на штотуку завршениот меѓународен авиокосмички салон МАКС-2017 го прикажа својот најнов производ – оклопниот автомобил „Буран“.

Руските инженери од Нижни Новгород го прикажаа своето најново „чедо“ во лицето на оклопниот теренец „Буран“ (Бура – заб. прев.) кој според своите технички карактеристики има сериозен потенцијал да му конкурира на познатиот руски оклопник ГАЗ „Тигр“. Според должината и едниот и другиот автомобил не надминуваат 6 метри (Буран е незначително подолг, за 11 сантиметри). Но, она што паѓа в очи е фактот што Буран потежок цели 1.2 тони од Тигр (8.8 наспрема 7.6 тони).

Ова е последица на интеграцијата на помасивните оклопни плочи на корпусот на возилото кои обезбедуваат степен на заштита 6А.

Овој степен на заштита ја чува посадата на возилото од дејствија од сите видови стрелечко оружје со обични и панцирно-запаливи зрна, вклучувајќи и муниција испукана од снајперска пушка СВД (куршум 7-Б3-3 со панцирно-запаливо зрно Б3-32). Тигр на овој план заостанува зад својот колега зашто во зависност од верзијата се разликува и степенот на неговата оклопна заштита која се движи од класа 3 (карактеристична за основниот модел на Тигр), па сè до класа 5 која е применета на најоклопната верзија на ова возило (ГАЗ-233036 — СПМ-2 „Тигр“).

Слични им се и погонските агрегати. Станува збор за 4-цилиндричен турбодизел-мотор ЯМЗ-534, кој во случајот на Буран е значително послаб одошто кај Тигр, иако станува збор за пооклопно, односно потешко возило. Силата на погонскиот агрегат што се наоѓа во Буран изнесува 135 коњски сили, додека Тигр поседува помоќна верзија на погонски агрегат од речиси 215 коњски сили. Ова имплицира и поголема потрошувачка на гориво кај Тигр, така што со полн резервоар ова возило може да премине растојание од околу 1.000 километри, додека Буран може да премине и до 1.400 километри.

Во врска со трансмисијата односно менувачот, Буран е опремен со мануелен менувач, додека Тигр поседува автоматски менувач. Исто така и самиот ентериер на Буран е посиромашен од Тигр, зашто сепак станува збор за концептуално возило.

Она што го карактеризира Буран и што му дава предност во однос на Тигр е покомотниот простор за десантната посада која се наоѓа во возилото. Пред возачот и совозачот, секој член од посадата има своја посебна врата, со што во голема мера се забрзува процесот на влегување и на излегување од возилото, односно нивната мобилност.

Особено е важно да се истакне дека оклопните капсули можат да се менуваат во речиси „полски“ услови, така што Буран во техничките кругови се нарекува и „трансформер“ возило.

Според прикажаниот модел на возилото Буран (експозицијата на неодамна одржаната манифестација МАКС-2017), посадата се состои од шестмина. Напред се наоѓаат возачот и командирот на возилото, а зад нив уште 4 војници кои со грб се свртени еден кон друг. Но, во посебниот модул кој се наоѓа во продолжението на возилото се наоѓа простор кој може да прими уште четворица војници кои имаат нешто поограничен маневарски простор и мобилност. Значи, вклучувајќи ги возачот и командирот, Буран може да транспортира 10 членови на посадата, што е еднакво со Тигр. За разлика од нив, тука војниците се свртени со лице еден кон друг, додека со грб се потпрени на капсулата на возилото.

Исто така, овој дел не е армиран, ами преку него е поставена цирада, што укажува дека станува збор за повеќенаменско решение. На ова продолжение можат да се закачат различни видови оружје како што е на пример тешкиот митралез Корд, послуга со противтенковски ракетен систем Корнет и слично.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња