Што има наследено Су-34 од бомбардерите и ловците?

Су-34

Су-34

Вадим Савицкиј / Global Look Press
Рускиот ловец-бомбардер има миникујна, кревет за членовите на екипажот, па дури и тоалет, додека неговите „големи браќа“ Ту-95 и Ил-76 мораат да се задоволат со обична кофа.

Новата машина спаѓа во категоријата на повеќенаменски летала. Таа со иста леснотија изведува акробатски фигури и гаѓа со високопрецизно оружје на добро заштитени цели.

Авионот Су-34 (според класификацијата на НАТО Fullback – „Заштитник”) во руската армија ги доби прекарите „пајче“ или „клунар“ зашто има „сплескан“ клун. Над стотина вакви летала се користат во воздушно-космичките единици на РФ, а определен број од овие авиони се применуваат во Сирија против терористите од ИДИЛ“.

„Су-34 е необично летало. Однадвор многу личи на ловечки авион зашто има аеродинамичен облик и крилца (канард) на предниот дел од трупот, а според своите можности тоа е вистински 'тешкаш' кој може да крене во воздух осум тони високопрецизни авионски бомби или крстосувачки ракети“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на „Известија“ Дмитриј Сафонов.

 Су-34 / Артјом Аникеев /Global Look Press Су-34 / Артјом Аникеев /Global Look Press

Овој авион без дополнување гориво може да лета седум илјади километри и да дојде до целта, палејќи сè што ќе му се најде на патот.

Су-34 се воведува во руските воздушно-космички единици наместо два типа бомбардери – тактичкиот бомбардер Су-24 и далеку поголемиот стратешки бомбардер Ту-22М3.

„Малку е да се каже дека тој според борбените карактеристики е подобар од споменатите модели. Тој е далеку посупериорен од нив. Направен е врз база на легендарниот Су-27. Од него е преземен аеродинамичниот облик на трупот кој на оваа тешка машина ѝ дава исклучителни маневарски можности, но затоа има изгубено на брзината“, истакнува експертот.

За разлика од Су-27 новиот авион развива брзина од само 2.000 километри на час. Од друга страна тој може да лета под големо оптоварување, што значи дека може да изведува маневри што не ги изведува ниту еден бомбардер на светот.

Специфики на „опасното пајче“

За разлика од прототипот, во овој авион пилотите не седат еден зад друг, ами рамо до рамо, како што е вообичаено во бомбардер. Ова решение во голема мера ја подобрува ергономијата на работното место и ја поедноставува соработката помеѓу членовите на екипажот за време на долготрајни летови.

„Како и што им наликува на 'големите' бомбардери 'пајчето' во кабината има и други погодности кои овозможуваат комфорен лет. Има, на пример кујна со микробранова печка и тоалет. Звучи чудно, но такво нешто нема во многу воени авиони“, нагласува Сафонов.

Според него, денес со ваков систем може да се пофали само стратешкиот бомбардер Ту-160 „Бел лебед“. „Во 'помалку стратешкиот' голем бомбардер Ту-95, како и во транспортниот Ил-76 се користи кофа“, додава тој.

Помеѓу седиштата на Су-34 има доволно место за пилотот да се исправи, па дури и да легне.

Максимално ефикасен

Сето тоа се ситни предности. Најважна особеност на „пајчето“ е во тоа што овој авион може максимално ефикасно да бомбардира и да уништува секакви цели.

Дејствува и ноќе и дење, во сите климатски услови и во услови на електронско попречување.

За првпат во историјата на авијацијата кабината на тактичкиот бомбардер е направена во вид на монолитна и мошне цврсто блиндирана капсула. Екипажот и највиталните системи во авионот се заштитени со оклоп од титаниум дебел 17 милиметри, така што посадата може директно да нападне цели кои се добро заштитени со бетон или со оклоп, без да се грижи за непријателскиот оган кој се отвора на авионот. Кабината на Су-34 не може да го пробие директен погодок од проектил со калибар од 30 милиметри.

Су-34 / Вадим Савицкиј / Global Look PressСу-34 / Вадим Савицкиј / Global Look Press

Авионот е опремен со мошне моќен систем за радиоелектронско попречување на непријателот. Со вклучување на овој систем во целост се задушуваат системите за ПВО и високопрецизното оружје.

„Су-34 не може да се запре кога ќе пикира цел, дури и ако се гаѓа 'во грб', како што направи турската авијација кога го собори рускиот Су-24 во Сирија. Тоа е зашто Су-34 има радар кој го покрива просторот зад авионот и следи дали некој му се приближува од зад грб. Кога ќе се појави опасност, радарот дава сигнал за тревога и насочува на целта ракети воздух-воздух. Потоа следува плотун по кој судбината на гонителот е запечатена“, вели за „Руска реч на македонски“ главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.

Осум тони муниција

Како што истакнува тој, на авионот Су-34 се монтирани 12 подвесни носачи на кои може да се закачат 8 тони муниција.

„Тоа се гравитациски бомби и блокови на ненаведувачки ракети. Исто така се закачуваат 'паметни' авионски бомби и ракети од класата воздух-земја. Наместо оружје може да се користат средства за радиоелектронска борба, дополнителни резервоари со гориво или оружје за воздушна борба, слично на авионот Су-27“, додава Мураховски.

Бомбардерот има и роп со калибар од 30 милиметри.

Јуриј Борисов, заменик-министер за одбрана кој е задолжен за набавка на вооружување и техника вели дека воздушно-космичките сили на РФ ќе добијат најмалку 200 бомбардери Су-34.

Ударното „пајче“ ќе замени два типа руски бомбардери, а воедно ќе внесе нов квалитет во руската авијација. Имено, покрај бомбите и ракетите од типот воздух-земја, односно воздух-вода, ова летало може да применува и противбродско вооружување – крстосувачки ракети 31/35 или супермодерната ракета „Јахонт“.

Имено поради тоа, авионот Су-34 на небото над Балтикот и Баренцово море крева толкав „прав“ во западните медиуми.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња