PAK FA
Виталиј Кузмин (CC BY-SA)Авионите од петтата генерација Т-50 (ПАК ФА) ќе се појават во вооружување на Воздушно-космичките сили на Руската Федерација по 2018 година, изјави заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација Јуриј Борисов.
„Најверојатно тоа ќе се случи со следната Државна програма за вооружувањето - односно 2018-2025 година“, рече тој.
Според него, авионот сè уште има потреба од доработка и воените структури нема да брзаат да купуваат нови скапи машини. А, во меѓувреме нивните функции ќе ги вршат авионите од генерацијата 4 ++ Су-35С.
„Спроведуваме експериментална експлоатација на Т-50, го купивме ограничени серии, гледаме како се однесуваат во практика, ги откриваме сите недостатоци, ги внесуваме сите измени, па кога ќе дојде време, да ги купиме примероците кои се испробани во практика“, истакна Борисов.
Најновиот авион продолжува да има голем број проблеми. Во првите неколку години по воведувањето во вооружувањето авионите Т-50 сè уште ќе се усогласуваат со општоприфатените принципи и индикатори за авионите од петта генерација, изјави за „Руска реч на македонски“ шефот на меѓународната лабораторија „Механика и енергетски системи“ на Универзитетот за информатички технологија Павел Булат.
„Сè уште не постојат мотори од петтата генерација од „Тип 30“. ПАК ФА засега лета со обновената верзија на моторот на Су-27, Су-30 и други машини од оваа серија“, истакнува експертот.
Моторот што се разработува ќе им овозможи на Т-50 во нефорсиран режим да достигнува суперсонична брзина и да ја одржува за време на летот.
„Мислам дека тоа ќе биде брзина 1.6 маха - приближно 2.000 километри на час во зависност од местото над кое ќе лета авионот. Моторот, исто така, значително ќе ги подобри карактеристиките за слаба забележливост на ПАК ФА благодарение на новите композитни материјали“, додава Булат.
Конструкторите ќе ги започнат тестирањата на авионите по година - година и половина. Може да се очекува дека целосната интеграција на новиот мотор ќе биде реалност во 2020 година.
„Покрај моторот, сега треба да се доработат две нешта: радарските станици и да се отстранат последните недостатоци во концептот на едрилица, која е најсовремената во светот од сите летачки авиони“, вели аналитичарот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче