Веќе неколку пати беше одложувано отпочнувањето на сериското производство на руските ловци од петтата генерација Т-50 (или ПАК ФА). Првобитно конструкторите и Министерството за одбрана на РФ најавуваа дека во 2016 година армијата ќе ги добие новите авиони, а на почетокот на 2017 година овој момент беше одложен на неопределено време.
Заменик-министерот за одбрана на РФ Јуриј Борисов на 2 февруари 2017 година изјави дека засега не постојат слични модели на авион кој ги задоволува потребите на вооружените сили, така што нема потреба да се трошат пари за купување нова скапа техника.
„Тоа најверојатно ќе биде следната државна програма за вооружување, односно за периодот 2018-2025“, рече заменик-министерот за одбрана на РФ.
Освен тоа, според него, авионот треба дополнително да се усоврши, така што воениот врв нема да брза со купување нови скапи летала.
Експертите сметаат дека не дошло до застој во проектот, зашто вообичаена практика е новите авиони да се усовршуваат додека не се постигне потребниот квалитет. „Приказните за застој се обичен мит. Во медиумите се пуштаат вакви 'патки', но во стварноста не постои таков застој. Сите фази во работата на новиот ловец течат по планот, и командата на воздушно-космичките сили на Русија е запознаена со тоа“, вели за „Руска реч на македонски“ главниот уредник на списанието „Арсенал Отечества“ Виктор Мураховски.
Според него, сега конструкторите работат на новиот мотор од петтата генерација „Изделие-30“, за ловецот да одговара на сите барања на авионите од новата епоха.
Кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година започнува тестирањето на новиот мотор „во воздух“.
„Тоа значи дека конструкторите ќе потрошат уште две-три години на усовршување на проектот пред да биде започнато сериското производство и авионот да стане дел од арсеналот на руските воздушно-космички сили“, истакна Мураховски.
Моторот ќе му овозможи на авионот да развие брзина од 1.6 маха. Тоа е некаде околу 2.000 километри на час во зависност од теренот над кој лета авионот. Според тоа, авионот ќе може да крстосува со суперсонична брзина.
Покрај тоа, ќе биде значително потешко авионот да се детектира на радарите благодарение на новите композитни материјали од кои е направен моторот.
„Работата на конструирањето мотор беше привремено запрена во деведесеттите години од минатиот и на почетокот на првата деценија од овој век поради распадот на земјата и технолошкиот застој. Научно-техничките програми во тоа време не се финансираа или за нив се издвојуваа минимални средства. Поради тоа, конструкторите денес мораат за краток период да го надополнат пропуштеното време“, нагласува Мураховски.
Според него, тоа би била една од причините што САД ја престигнаа Русија во создавањето ловец од петтата генерација.
Новиот авион ќе биде вооружен со топ 9-А1-4071К, кој спаѓа меѓу најлесните во својата класа. Топот е предвиден за онеспособување оклопни возила или блиндирани непријателски објекти. Во еден лет пилотот може да испука 150 проектили со калибар од 30 милиметри.
Во арсеналот на новиот авион ќе има и ракети „воздух-воздух“ и „воздух-земја“ кои се конструираат специјално за овој ловец.
Во моментов тие се тестираат на полигоните и уште не се претставени на јавноста.
Руската армија веќе оваа година ќе ја добие првата партија ловци Т-50, но со мотори и со показатели на ловец од генерацијата „4++“ Су-35С.
„Комплетираните авиони од петтата генерација руската армија ќе ги добие дури две-три години по завршувањето на тестирањето. Тоа значи дека од 2021 година руското небо ќе го штитат авиони Т-50“, вели за „Руска реч на македонски“ Павел Булат, раководител на меѓународната лабораторија „Механика и енергетски системи“ при Универзитетот за информациски технологии.
Конструкторите ќе добијат дозвола за извоз три години по воведувањето на новиот авион во арсеналот на руската армија, односно некаде околу 2024 година.
„Овој авион ќе биде помоќен од американскиот ловец од петтата генерација F-22, кој ни е главна конкуренција. Ќе биде подобар од него и според маневарските можности, и според вооружувањето и радиусот на летот“, изјави претседателот на РФ Владимир Путин.
Тој во истата пригода истакна дека Т-50 ќе биде трипати поевтин од странските модели од истиот ранг.
За волја на вистината, цената на извозниот модел засега е под знак прашање поради колебањето ка курсот на рубљата.
„Наши први клиенти ќе бидат Индија, Алжир и Перу. Тие веќе најавија дека сакаат да го купат овој авион. Нивната намера може да биде попречена само од промената на геополитичката сцена“, додаде Мураховски.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче