Областа на реката Подкаменаја Тунгуска е напуштено место, дури и според мерките за Централен Сибир: најблискиот поголем град Краснојарск (3.350 километри источно од Москва) се наоѓа на 640 километри јужно. Кога на 30 јуни 1908 година над Подкаменаја Тунгуска прелетува и експлодира она што подоцна ќе биде именуван како Тунгуски метеорит, во непосредна близина на епицентарот на експлозијата нема ниту еден човек.
Тоа е голема среќа: според пресметките на научниците, силата на експлозијата се проценува на 10-40 мегатони тротилов еквивалент што е споредлив со средна по големина нуклеарна бомба. Експлозивниот бран ги носи дрвјата во радиус од околу 40 километри од епицентарот, експлозиите се слушнати во села оддалечени 800 километри, земјата во Сибир се тресе насекаде. 24 часа по експлозијата на целата северна полутопка беснеат магнетни бури, а на небото се набљудуваат чудни пукнатини, сребрени облаци и хало.
Очевидци на чудниот феномен стануваат сибирјаните кои живеат во околните села, и ловците од народот Евенки кои ја имаат „среќата“ да талкаат низ тајгата на десетици километри од местото на експлозијата. Тие раскажуваат за „огнена топка“ која прелетала во небото од југоисток кон северозапад и „истрели“ или „пукотници“ во далечината. „Сите жители на селото во паничен страв истрчаа на улиците, жените липаа, сите мислеа дека настапува крајот на светот“, вака весникот „Сибир“ ја опишува реакцијата на луѓето во едно од селата, кое се наоѓа на 200 километри од епицентарот.
Истражувачот Инокентиј Суслов цитира двајца браќа – Евенките Чучанча и Чекарен од родот Шанјагир чија шатор (чум) на 30 јуни се наоѓа на 20 километри од епицентарот: „Дрвјата паѓаат, борината гори, сувата земја гори, мовта кој ја јадат елените гори. Сè е исполнет со чад, пареа на очите, топло е, многу жешко, човек да изгори. Утрото беше сончево, немаше облаци, нашето сонце блескаше светло, а ненадејно се појави второ сонце!“. Чумот на браќата е однесен од експлозивен бран, тие се изгорени, но сепак преживуваат.
Селаните и Евенките не можат да сфатат што се случува. Освен мистични верзии (христијаните претпоставуваат дека е започнато второто доаѓање, а паганите Евенки мислат дека на земјата слегол богот на бурите Агда), се појавува и политичка - почнала втора Руско-јапонска војна (вистинската војна е завршена три години пред тоа, во 1905 година). Првата сериозна експедиција со цел истражување на Тунгуската аномалија е преземена од научниците дури во 1927 година, за време на советската власт.
Споровите за природата на Тунгускиот метеорит (името е условно, нема докази дека паднатото небесно тело е токму метеорит) продолжуваат и до ден денешен. На прво место, бидејќи ниту една експедициска студија започната во реонот на експлозијата, досега не открила ниту кратер (кој би требало да е огромен), ниту супстанции кои можат сигурно да бидат дефинирани како траги од падот. По експлозијата гигантското небесно тело фактички исчезнува без да остави траги.
Двете главни до денес верзии за она што се случило во Подкаменаја Тунгуска се за камен метеорит или ледена комета. Претпоставката за комета, лансирана и од физичарот Генадиј Биби, кој ја проучувал Тунгуската аномалија повеќе од 30 години, се објаснува со недостаток на шрапнели и кратер: ледената комета, под дејство на притисокот и топлината на Земјината атмосфера, била целосно уништена во експлозијата.
Од друга страна, постои и верзија дека траги од метеорит веќе се присутни. Во 2012 година италијанските истражувачи од Универзитетот во Болоња сугерираат дека големото езеро Чеко, сместено недалеку од наводниот епицентар на експлозијата е кратер од падот. Впрочем во почетокот на 2016 година руски научници дефинираат дека всушност езерото постоело пред падот на метеорити.
Според една друга верзија, изложена од физичарот Иван Мурзинов од Руската академија за космонаутика „Циолковски“, метеоритот влегува во атмосферата на Земјата под таков агол што не се замрзнал во почвата, ами поминува „по тангента“. По експлозијата, претпоставува научникот, парчињата би можеле да се разлетаат на стотици и илјадници километри од епицентарот – „да паднат во Атлантикот, па дури и да отидат повторно во вселената“.
Додека повеќето научници се занимаваат со дилемата „метеорит или комета“, на виделина излегуваат и алтернативни мислења. Не поминува и без „вонземјанска“ верзија: уште во 1946 година писателот-фантастичар Александар Казанцев го објавува расказот „Експлозија“ - тој е на мислење дека над Тунгуска експлодирал вонземски вселенски брод со атомски мотор. Впрочем научниците се однесуваат со скептицизам кон идејата дека прсти во Тунгуската аномалија има замешано вонземска цивилизација.
Постојат и уште поегзотични верзии. На пример незначителен дел од истражувачите сметаат дека Тунгускиот метеорит во реалноста е компресирана антиматерија која при судирот со земната материја е целосно уништена како резултат на исфрлањето на енергија. И бидејќи засега антиматеријата не е добро изучена, тогаш оваа верзија не може со сигурност да биде потврдена или демантирана.
Други сметаат дека зад воздушната експлозија од 1908 година стои пронаоѓачот Никола Тесла, кој од лабораторијата во САД врши моќен „енергетски истрел“ во реонот на Алјаска, за да го провери новиот изум, но „не погодува“. Според оваа верзија експериментот на Тесла не успева и тој, исплашен од деструктивните последици, претпочита да молчи и да не покажува вмешаност во Тунгуската аномалија.
„Околу 30% од истражувачите сметаат дека тоа е метеорит. Исто толку сметаат дека земјата се сретнала со комета, а другите 40% искажуваат најразлични хипотези, вклучувајќи и фантастични“, ја резимира палетата од мислења на научниците околу Тунгуската аномалија Иван Мурзинов. Од моментот на експлозијата помина повеќе од еден век, но човештвото е речиси толку далеку од објаснување на она што се случило над реката Подкаменаја Тунгуска, колку и селаните и ловците кои биле сведоци на „огнената топка“.
Овој текст е дел од серијата „Russia X-Files“, во која „Руска реч на македонски“ ви раскажува за мистериите, тајните и аномалиите поврзани со Русија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче