12 нетипични руски туристички дестинации

Мавзолејот на Ленин на Црвениот плоштад, Храмот на Христос Спасителот и Третјаковската галерија се вклучени во сите водичи, но во оваа голема земја постојат многу интересни места кои треба да се видат, а кои не се предвидени во обичните екскурзии.

Езерото Баскунчак

Оваа руска верзија на Мртвото Море, се наоѓа недалеку од градот Астрахан и претставува голема депресија на врвот на една солена планина. Името Баскунчак во превод значи „глава на куче“. Според легендата, еден карван со трговци се изгубил во овие предели. Едно од кучињата што патувале со нив почнало да пие од водата, но таа била толку солена што кучето веднаш паднало и умрело; на површината останала само неговата глава.

Езерото е навистина солено, а концентрацијата на сол во него изнесува 90 отсто. Езерото претставува најголемо наоѓалиште на сол во Русија: се предвидува дека во него има сол за наредните неколку илјади години. Повеќето извори ги обновуваат резервите на сол, носејќи околу 2.500 тони сол секој ден.

Урнатините на Аркаим


Аркаим, кој се наоѓа на Сибир, е рускиот Стоунхенџ. Научниците сè уште дискутираат за тоа дали станува збор за разурнат град или за древна опсерваторија. Араким е во кружна форма и е завртен кон ѕвездите, но археолозите утврдиле дека овој древен град е 1.000 години постар од легендарната Троја. Неговите моќни ѕидини се направени од дрвени конструкции исполнети со земјени тули.

Овие урнатини се повод за многу легенди. Една од нив е дека пророкот Заратустра го завршил својот живот тука; според друга се вели дека Исус Христос ја посетил тукашната Планина на Причината, а локалните убавици сметаат дека можат да си ја вратат својата младост со миење на лицето и рацете со вода од реката Караганка, покрај која се наоѓал древниот град. Аркаим стана „Мека“ за руските езотерични фанови кои сметаат дека градот поседува мистична моќ, па затоа го посетуваат често.

Шамани и пирамиди

Руската алтернатива на египетските пирамиди се наоѓа на брегот на Бајкалското Езеро. Мистериозен 333-метарски ѕид со конуси и пирамиди се протега долж еден од ‘ртовите. Не е јасно кој и кога ги изградил. Потребна е храброст и решителност за да се дојде до пирамидите, зашто на бродовите не им е дозволено да истовараат патници тука.

Мештаните не ги сакаат туѓинците, сметајќи дека тие можат да земат дел од светата моќ на местото. Ако не можете да стасате до самиот ‘рт, може да се задоволите со посетата на Онгурјон, каде што не само што можете да видите шамани, туку и уникатни градби: локомотива од Втората светска војна која е претворена во електрична централа и е единствена во Русија.

Аверкиевата мистериозна пештера


Оваа туристичка атракција во Челјабинската област ќе го привлече вниманието на „Островот на богатството“ од Роберт Луис Стивенсон. Според легендата, тука Емелјан Пугачов, предводникот на најголемата селска буна во Русија, го скрил своето злато. Сепак, скриеното богатство никогаш не било пронајдено. Наместо тоа, во пештерата научниците пронашле дрвена врата и дрвена машина со многу коски, меѓу кои и човечки.

Некрополата Цој-Педе

Руската верзија на Градот на мртвите, Цој-Педе се наоѓа во Чеченија. Се состои од стражарски кули, ѕид и од околу 40 крипти. Според теоријата, некрополата била создадена за време на една ужасна епидемија: имало толку многу мртви што нивното погребување станало проблем и оние што очекувале да умрат, самите доаѓале на гробиштата за да ја дочекаат својата смрт таму. Историчарите, пак, даваат свое објаснување, велејќи дека гробиштата припаѓале на едно ближно село, кое постојано било во конфликт со своите соседи.

Денес постојат два пагански олтарски столба на некрополата, како и заштитнички симболи и крстови, а на стражарската кула е сè уште видлива човечка фигура, која е најверојатно Свети Ѓорѓија. Единствениот проблем за да го посетите Градот на мртвите е што ќе ви биде потребна специјална дозвола од Федералната Служба за Безбедност, зашто гробиштата се наоѓаат на границата со Грузија.

Полот на студот


Оваа атракција се наоѓа во јакутското село Ојмјакон и ги привлекува љубителите на екстремниот туризам. Средната температура во јануари изнесува -61°C, а може да стаса и до -68°C. Најверојатно ова е единственото место на земјата, каде што луѓето живеат и работат на толку ниска температура. На Дедо Мраз ова место толку му се допаднало што 2004 година тој си изградил резиденција тука. Со него можете и лично да се запознаете на фестивалот „Полот на студот“. Дедо Мраз доаѓа во Ојмјакон од Лапонија за да учествува во трката со ирваси и за да ги покаже своите вештини во скокање преку санки и во подводен риболов.

}

Споменикот на домашните папучи


Многу Руси дома носат папучи, односно „тапочки“ како што се нарекуваат на руски. Со оваа статија сакаме да им одадеме признание на жителите на Томск. Две бронзени папучи се поставени на пиедестал пред градската болница со охрабрувачки натпис „Чувствувајте се како дома“. Секој, дури и оние со големи стапала, може да ги овие овие бронзени обувки кои се долги 32 сантиметри.

Тунгуска експлозија

Оваа атракција е за фановите на „Војна на ѕвездите“, „Досиеја Икс“ и на паранормалните мистерии. Овој метеорит е дојден од вселената во 1908 и се спуштил во руската тајга. Моќта на експлозијата била слична со онаа на атомска бомба, при што биле искорнати дрвјата во радиус од 2.000 километри квадратни, додека експлозијата се слушнала на оддалеченост од 800 километри. Уфолозите сметаат дека Тунгускиот метеорит не е природен феномен, туку дека станува збор за вселенски брод испратен од некоја друга цивилизација.

Претставниците на традиционалната наука се придржуваат до поконзервативна теорија: експертите од НАСА сметаат дека метеоритот бил составен од мраз, така што молекулите од вода и микрочестичките од мраз формирале огромна маса која поминувајќи низ атмосферата создала сребрени облаци во горниот слој на атмосферата, што претставува редок атмосферски феномен кој бил регистриран еден ден откако метеоритот удрил во земјата. Со оваа верзија се согласуваат и руските научници од Институтот за атмосферска физика при Руската академија на науките. Некои велат дека при посетата на местото на експлозијата луѓето добиваат позитивна енергија и оти ова место може да лекува болести.

Бункерот на Сталин

Ова место е откриено неодамна: овој бункер беше чуван во тајност цели педесет години. Се наоѓа на длабочина од 37 метри, што претставува висина на една дванаесеткатница. Ова е многу посигурно скривалиште и од бункерот на Хитлер во Берлин, кој е длабок само 16 метри. Бункерот на Сталин бил изграден многу брзо, за време од девет месеци. Опремен е со автоматски воздушен систем и со електрична енергија. Тоа структура со повеќе простории на повеќе нива со лифт. На приземниот кат има сала со 115 седишта и соба за рекреација за Сталин, додека просториите за чуварите, објектите за складирање и техничките услуги се наоѓаат на горните катови.

Маска на тагата


Градот Магадан, без оглед на суровата клима и на мразот, е погоден за оние што сакаат необични места. Тука се наоѓа еден од најзначајните руски споменици – Маската на тагата, спомени посветен на жртвите на политичката репресија на Сталин, кои ја издржувале својата казна во Гулагот на Колима. Во средината на споменикот е претставен човечки лик со солза на левото око, додека десното око е во облик на затворен прозорец. На задната страна се наоѓа жена што плаче покрај нозете на обезглавен човек на крст.

Музеј на мразот

Во Краснојарската област се наоѓа единствениот музеј на мразот во светот. Тој се наоѓа на територијата на лабораторијата за ефекти на мраз. Главната атракција на музејот се подземните простории, во кои има и сали и ходници кои се наоѓаат на длабочина од 14 метри, каде што температурата никогаш не е повисока од -5°C. Ѕидовите на подземните ходници се декорирани со предмети од природата, како што е аришот кој е стар 36.000 години. Во еден од подземните ходници се наоѓа и капсула со весници: таа била оставена тука од страна на научниците во 1950 година, за таа да биде отворена во 2045 година.

 Музејот на мамути

Музејот на мамути е отворен во Јакутск во 1991 година. Ова е единствениот музеј во светот кој е посветен исклучиво на мамутите. Локацијата на музејот е сосема логична: во праисториските времиња Јакутија била населена со многу животни, како што се носорози, мошуси, бафала и пештерски лавови. Музејот на мамути во Јакутск е член на Меѓународниот совет на музеи (ICOM). Посетителите исто така имаат можност да ја посетат подземната лабораторија на Институтот за мраз, каде што скелетите на мамутите биле чувани долго време откако биле пронајдени и тоа на длабочина од 12 метри. Првиот скелет на мамут бил пронајден во Јакутија во дамнешната 1799 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња