Ќе можат ли парализирани луѓе да комуницираат преку силата на мислата?

Getty Images
Руските научници развиваат технологија за комуникација на парализирани луѓе, која би можела да им помогне да комуницираат, да ги користат социјалните мрежи, па дури и да работат.

Секоја година околу 400.000 луѓе во Русија и околу 700.000 во САД ја губат способноста да се движи по мозочен удар, по повреди на черепот или на мозокот и поради други компликации.

„Високите индикатори на смртност кај парализираните луѓе по мозочен удар се поврзани претежно со недостатокот на мотивација на болниот и на роднините кои се до него“, вели Наталија Галкина, извршен директор на „Неутротренд“ (Neurotrend), компанијата која го развива проектот НеуроЧат (NeuroChat) - технологија за комуникација на парализирани луѓе.

Овие луѓе се свесни и чувствуваат сè - температурата на воздухот во болничката соба, болката од лежењето во иста позиција. Тие ги слушаат разговорите, но мозокот им е во заробеништво на речиси безживотното тело.

Во таква состојба парализираниот по мозочен удар Жан-Доминик Боби, поранешен уредник на француското списание „Ел“ (Elle), можеше да напише книга. Му помогна трпеливата медицинска сестра, која полека му ги броеше буквите од француската азбука. Жан-Доминик намигнувал со левото око, кога таа ја кажувала бараната буква. Тоа значело „да“. Книгата „Скафандер и пеперутка“ беше објавена во 1997 година.

NeuroChat може да му овозможи на пациентот да се реализира и на професионален план: програмирање, превод, литература, се надева Галкина.

Моќта на мислата

NeuroChat е интерфејс меѓу човековиот мозок и компјутерот, кој е наменет да им помага на парализираните да комуницираат со околниот свет.

За да можат мисловните напори да преминат во команди, програмерите го користат методот на електрично детектирање. Тој одамна се употребува кај апаратите за промена на активноста на мозокот - електроенцефалограф. Само што NeuroChat оди подалеку.

Преку безжична неврогарнитура со електроди на главата на човек „мисловната намера“ се пренесува по каналот блутут на компјутер. Луѓето имаат можност да ги изразат мисли со помош и на букви, и на симболи. На пример преку симбол може да се каже: „ме боли“, „сакам да јадам“, „среќен сум“, а може да напише и зборови и фрази со букви.

На почетокот на 2017 година експертите од NeuroChat го тестираат изумот на десетици парализирани пациенти. Поради болеста вниманието на корисниците може да е отсутно, а психичкиот замор да влијае на резултатот, затоа точноста на технологијата е 95%.

На парализираните од сите земји

Програмерите од NeuroChat се надеваат дека со нивна помош парализираните луѓе ќе можат да добијат пристап до социјалните мрежи и поштата: да пишуваат пораки, да праќаат материјали и да користат апликации. Покрај тоа, пациенти од различни земји ќе можат да комуницираат едни со други: проектот предвидува сестрани преведувачки услуги.

„Работиме веќе 10 години, а во тоа време кај нас имаше неколку илјади луѓе со тешки моторни и говорни нарушувања“, вели Руслан Курбанов, шеф на социјалната служба на центарот за рехабилитација „Надминување“. „Сега, главно, пациентите управуваат со компјутер и со телефонот со помош на гласот, носот, дури и со јазикот. Благодарение на технологиите како што е NeuroChat луѓето со 'рбетни нарушувања и парализа повторно може да станат општествено активни“.

Кога ќе биде можно парализираните да комуницираат?

Научниот консултант и иноватор на NeuroChat - Лабораторијата за неврофизиологија и неврокомпјутерски интерфејси на биолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ во последниве две години ги „шлифува“ алгоритамите за новиот производ.

„По две и пол години ќе биде подготвена серијата за тестирање од 500 примероци“, вели раководителот на лабораторијата, докторот на биолошките науки Александар Каплан. „Цената ќе зависи од материјалите и функциите кои ги има уредот, додатоците и гарнитурите во кои има сензори и засилувачот на биопотенцијалите – некаде од 100 американски долари. Планирано е освен тоа, телефон да може да се земе под наем“.

По издавањето на пилот-серијата на NeuroChat програмерите планираат да направат тестови меѓу пациенти од Русија и Медицинската Школа на Универзитетот во Јужна Калифорнија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња