Прв руски авион за попречување сигнали

Ил-18.

Ил-18.

Александар Крјажев / РИА Новости
Новите летала можат селективно да ја блокираат електрониката на непријателската авијација и на беспилотните летала, како и на електрониката на копнените системи за противвоздушна одбрана.

Воздушно-космичките единици на Руската Федерација ги добија првите три авиони Ил-22ПП „Порубшчик“.

Опремата за радиоелектронска борба поставена е на авионите кон средината на седумдесеттите години од минатиот век, но и покрај тоа, конструкторите тврдат дека обновените авиони им парираат на најмодерните електронски системи кои ги поседуваат најновите модели на странски авиони.

„Новата опрема овозможува да се ослепат леталата од типот Авакс, како и авионите што радарите ги откриваат на голема оддалеченост. Освен тоа Ил-22ПП Порубшчик е ефикасен и против системите за противвоздушна одбрана Патриот“, изјави за „Руска реч на македонски“ извор во военоиндустрискиот сектор.

Според конструкторот, новиот Ил-22ПП Порубшчик може селективно да ја исклучува непријателската апаратура со помош на мошне моќни попречувачи на сигналот, а исто така да поставува и „придушувачи“ слични на средствата за радиоелектронска борба (РЕБ) што ги поседува противникот.

„Пред почетокот на работата на системот за електронско попречување авионот го скенира радиосигналот во зоната што го покрива. Штом се детектираат сигналите на фреквенцијата на која работи непријателскиот авион, операторот на рускиот авион го вклучува попречувањето во тој дијапазон“, објаснува соговорникот за „Руска реч на македонски“.

Во ноември оваа година Воздушно-космичките сили на Руската Федерација ќе добие уште два вакви авиони.

Зошто системот е поставен на авиони од минатиот век?

Според Михаил Ходарјонок, пензиониран полковник и воен аналитичар на Газета.Ru, Ил-22 е изнудено решение.

„Своевремено беа разгледувани и неколку други варијанти: авиони од семејството Ан-140 и Ан-158 со турбомлазен мотор, а исто така Ту-214. Но, во моментот кога во 2009 година беше составувана државната програма за набавка за потребите на армијата, ниту еден од споменатите модели не беше во целост подготвен за монтирање на најновите системи за радиоелектронска борба“, вели воениот експерт за „Руска реч на македонски“.

Поради тоа, според него, новото оружје е монтирано на старите проверени машини.

„Тоа, секако, не е идеално решение. Но, немавме подобро и можевме да избираме или да останеме без авион за радиоелектронска борба, или да ја поставиме опрема на стари авиони кои се покажаа добро“, додава тој.

Како што нагласи Ходарјонок оваа одлука на Министерството за одбрана на РФ е привремена и во блиска иднина Ил-22ПП „Порубшчик“ ќе биде заменет со нови модели на авиони.

Системи за радиоелектронска борба во современата војна

Системите за радиоелектронска борба не се користат само како офанзивно средство, ами и за да ги направат своите единици „невидливи“ за непријателските ракети за време на борбените дејствија.

На пример, во Сирија борбените хеликоптери Ми-24 и Ка-52 се опремени со системи за индивидуална заштита Витебск и Президент.

„Системите за радиоелектронска борба кои се интегрирани во техниката можат да попречуваат и ракети кои имаат боеви глави со оптичко и инфрацрвено самонасочување, па дури и да им ја менуваат првичната траекторија на летот“, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на Известија Дмитриј Сафонов.

Можностите на системите за РЕБ кои се интегрирани во хеликоптерите можат да се илустрираат на слични радарски системи за заштита од ракети со топлотно насочување.

Инцидент е забележан во предградие на Алепо. Го имаат снимено припадниците на „Фронтот за веродостојност и развој“ од таканаречената умерена опозиција што ја поддржуваат САД. Антивладините сили отворија оган од пренослив зенитен ракетен систем Игла 1 врз сириски воено-транспортен хеликоптер Ми-17.

На снимките се гледа како се однесуваше електрониката.

Сафонов објаснува дека на сличен начин функционираат и „копнените“ системи за РЕБ.

На пример, околу руската воздухопловна база Хмејмим во Сирија во моментов се наоѓаат машини од типот „Красуха 4“. Оваа техника ги блокира сите непријателски копнени електронски системи во радиус од 250 километри.

Според експертите до 2020 година 70% од средствата за радиоелектронска борба ќе бидат модернизирани и заменети со најсовремени модели техника.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња