Државниот ракетен центар „В.П. Макеев“ доби договор за изградба на нова балистичка ракета за нуклеарните подморници од петтата генерација.
„Моментално во рамките на договорот со Министерството за одбрана развиваме копнени и морски балистички ракети. Конкретно, станува збор за тешката балистичка ракета Сармат која ќе ја обнови копнената групациија“, вели за весникот „Известија“ Владимир Дегтјар, генералниот директор и главен конструктор на Државниот ракетен центар „В.П. Макеев“.
Прототипот на новата ракета ќе се појави кон крајот на деценијата. Таа ќе ја замени морската балистичка ракета Булава која се користи во моментов.
Разработката на новата ракета е руски одговор на модернизацијата на американските нуклеарни сили која е планирана од 2020 година и на која Вашингтон ќе потроши 900 милијарди американски долари, вели за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Литовкин.
Според него, Сармат ќе добие подобрени енергетски карактеристики кои ќе го опремат со дополнителни средства за спротивставување на американскиот систем за противракетна одбрана. „Новата ракета ќе може да се спротивстави на космичкиот ешалон на офанзивни средства, а ќе може да се лансира од речиси секој реон и во сите правци“, вели стручњакот.
Како што за „Руска реч на македонски“ вели заменик-директорот на Институтот за политичка и воена анализа Александар Храмчихин, изградбата на нова ракета е органски развој на руските нуклеарни сили. „Сармат ќе ги земе предвид заканите за националната безбедност што доаѓаат во триесеттите години од веков. Ќе се базира исклучиво на нуклеарните подморници“, вели експертот.
Во моментов познато е само дека ракетата може да погоди цели на оддалеченост поголема од 11.000 километри. Таа исто така ќе добие суперсонични маневарски нуклеарни боеви глави кои можат да ги совладаат постоечките и идните системи за противракетна одбрана на непријателот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче