Научниците се сè поблизу до создавање обновлив извор на енергија

ShutterStock/Legion-Media
Руските научници работат над нов ефикасен метод за добивање енергија со помош на фотосинтеза. Тие сметаат дека оваа технологија ќе биде револуција во енергетиката и ќе помогне да се спаси светот од нафтената зависност.

Иако рускиот буџет се полни главно за сметка на приходите од извоз на природни ресурси, научниците и истражувачите од Институтот за физиологија на растенијата „Тимирјазев“ при Руската академија на науките во Москва се обидуваат да создадат самообновувачки енергетски извор. Заедно со странските колеги од Германија, Нов Зеланд, Канада и Иран тие работат над нов метод кој може да го спаси човештвото од нафтената зависност.

Научниците веќе откриле катализатор кој ја разградува водата на кислород и на водород на ист начин на кој тоа го прават растенијата - со помош на фотосинтеза. За таа цел се користи манганов комплекс, кој е идеално погоден за вештачка фотосинтеза, бидејќи е со природно потекло и не го нарушува балансот.

Благодарение на откритието во иднина ќе биде можно автомобилскиот резервоар да се полни не со бензин, ами со течен водород. Едно такво полнење ќе биде доволно за две-три илјади километри, тврдат научниците. Та, нели фотосинтезата ја претвора светлината во енергија со коефициент на ефикасност повисок од 90%, а во исто време кај сончевите батерии тој е во просек од околу 16%.

„Досега не беше возможно да се создаде средина во која се распаѓа водата - коментира шефот на Лабораторијата за глобална екологија на фотосинтезата при Институтот за физиологија на растенијата Павел Воронин. - Катализаторот ќе ја разградува водата на кислород и водород и ние ќе почнеме да добиваме самообновувачка енергија. Кога тоа ќе почнеа да се прави во индустриски обеми, ќе се случи револуција во енергетиката, бидејќи сонцето е природен и непресушен извор на енергија, а водата - природен и непресушен извор на електрони“.

Но, според научниците не треба да се очекува новото откритие да биде спроведено брзо во реалноста. Пред да започне примената на пронајдокот, ќе треба да биде декодиран процесот на лачењето на кислородот од молекулите на водата и да се разбере принципот на оксидација на водата за време на фотосинтезата. Според истражувачите, руски и странски научници, во суштина треба да се пресоздаде структурата на листовите на растенијата, а дури потоа откриеното да се применува како модел во индустријата.

„Во иднина количеството водород произведено преку методот на фотосинтезата ќе биде доволен за неговото втечнување во огромни количества, со цел да се користи при работата на водородните мотори“, вели заменик-директорот на Институтот за физиологија на растенијата Владимир Цидендамбаев.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња