Руската армија се ориентира на роботи

Уран-9

Уран-9

mil.ru
Роботите стануваат секојдневие на руските вооружени сили и ги преземаат најопасните и „највалкани“ работи, формирајќи на тој начин армија од сосема нов вид. Како ќе изгледа бојното поле во иднина? Каква улога ќе играат на него руските борбени роботи и што умеат да направат тие сега?

Целта на амбициозната програма за роботизација до 2025 (донесена кон крајот на 2014 година) е создавање борбени роботи кои можат да функционираат во вода, во воздух и на земја. Ова го изјави заменик-началникот на Управата за научноистражувачка дејност и национални проекти при Министерството за одбрана на РФ Роман Кордјуков.

Во тек е формулирање на единствените технички норми и стандарди за роботите за воена намена. Треба да се реши проблемот на замена на увозната стока со домашни производи, да се направат полигони за тестирање и да се воспостави ефикасна соработка помеѓу воената индустрија и Министерството за одбрана како краен корисник на борбените роботи.

Мобилниот робот „Варан“ пронаоѓа и демонтира експлозивни направи, работи место човек во средина контаминирана од хемиско и биолошко оружје. (Фото: Михаил Синицин)

Веќе е во тек тестирањето на постоечките нови роботички системи. Според Сергеј Попов, началник на Државниот научноистражувачки тест-центар, војската ќе ги добие во текот на 2016 година.

Руски офанзивни беспилотни летала: лајт-верзија

На изложбата „Роботизација РФ“ (одржана во Москва кон средината на февруари годинава под покровителство на Министерството за одбрана) руската воена индустрија за првпат претстави низа офанзивни борбени роботички системи.

 

Обединетата корпорација за производство на уреди го обелодени проектот на воздухопловниот роботички систем „Разведчик“, кој е составен од робот-хеликоптер, коптер-набљудувач, коптер-разузнавач и офанзивен коптер со модул за исфрлање гранати. Сиве овие летала можат да дејствуваат како група, но и самостојно. На пример, тие самите ја избираат патеката, се ориентираат во просторот, „комуницираат“ со другите беспилотни летала, го набљудуваат теренот и пренесуваат податоци во командниот центар. „Коптерот со фрлач на гранати, кој е дел од системот 'Разведчик' е првото беспилотно летало во Русија“, вели за „Руска реч“ Леонид Хозин, претставник на Обединетата корпорација за производство на уреди. Ова летало не беше донесено на изложбата, но компанијата објави видеоснимка на која се гледа како коптерот лета и отвора оган од фрлач на гранати. Според снимката не може да се каже дали во тоа време коптерот имал задача да погоди некоја цел, но се гледа дека колебањето за време на исфрлањето граната не влијае на летот на коптерот, што значи дека со погоден нишански систем овој апарат може да биде прецизен стрелец и да го оправда називот прво офанзивно беспилотно летало, макар и во оваа „лајт-варијанта“.

„Корсар“ и неговото „око што гледа сè“

Како што велат за „Руска реч“ од Обединетата корпорација за производство на уреди, веќе во текот на оваа година Русија може да добие и други офанзивни летала, кои налето 2016 година ќе бидат и официјално тестирани. Станува збор за беспилотното летало со средна величина и мал дострел под назив „Корсар“. За него се знае малку: во достапните извори нема ниту негова слика, зашто производот се држи во тајност.

Беспилотното летало „Фрегат“ во моментов е единствената перспективна разработка од својот тип. Способна е да понесе 1–1,7 тони товар и да остане во воздух околу 10 часа. Развива брзина до 700 км/ч. Сериското производство ќе почне по 2022 година. (Фото: Михаил Синицин)

Според конструкторите, ова беспилотно летало има „високо ниво на борбена готовност, тоа веќе лета и покажува добри резултати“. Главна задача на „Корсар“ е набљудување на теренот, меѓу другото и со користење на технологијата на хиперспектар, благодарение на која ништо не може да се скрие од „будното око“ на „Корсар“. Тоа не може да се излаже со помош на традиционалните методи на маскирање, на пример со помош на макети на надување. Беспилотното летало веднаш ќе ја открие измамата и „ќе види“ дека не станува збор за метал, ами за некој друг материјал. Покрај хиперспектралните камери на леталото можат да се монтираат и други видови уреди, на пример радари, средства за радиоелектронска борба, па дури и оружје.

„Во овој момент не постои офанзивна верзија на 'Корсар', но постои можност таков уред да се монтира на него“, уверен е Леонид Хозин.

 

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња