Владимир Зворикин. Извор: AP
Владимир Зворикин е роден на 29 јули 1889 година во градот Муром (на 300 километри источно од Москва) – родното место на рускиот херој од билините Иљја Муромец. И животот на големиот научник потсетува на легенда: Зворикин преживеал две револуции, две големи војни, го обиколил светот и пронашол повеќе од 20 изуми, од кои еден е телевизијата.
Од трговец до офицер
Никој од синовите во семејството не сакал да оди по стапките на таткото кој бил трговец. Како и постарите браќа, и Зворикин решил да се посвети на науката.
Во 1906 година Зворикин се запишува на Петербуршкото техничко училиште, каде се запознал со професорот Борис Љвович Розинг, автор на првите трудови за електронско предавање на слика на оддалеченост, што всушност значело и почеток на понатамошните интереси на младиот студент.
Револуционерен скок
Во 1912 година дипломецот Зворикин, кој бил на практика во Германија, бил повикан како офицер во царската армија. Русија влегла во Првата светска воја. Во текот на година и пол Зворикин служел на фронтот на подвижна воена радиостаница.
Подоцна започнала Февруарската револуција, починал таткото на Зворикин. Семејната куќа во која тој бил роден и во која израснал, била експроприрана. Во ваква ситуација не можело да стане збор за каква и да е научна дејност.
„Беше очигледно, - пишува Зворикин, - дека враќањето во нормалните услови, кога може да се занимавам со истражувачка работа, во блиска иднина нема да се случи. Не сакав да учествувам во граѓанската војна. Згора на тоа мечтаев да работам во лабораторија за ги реализирам идеите што ги имав во главата. Дојдов до заклучок дека за една таква работа ќе треба да заминам во друга земја, а таа друга земја за мене беше Америка“.
Заминувањето во САД е уште една авантура во биографијата на Зворикин. На научникот му било предложено да се зафати со организацијата за радиоврски за времената влада во Омск, град кој се наоѓа на север од земјата. За неколку месеци, менувајќи возови, бродови, па дури и патување со мразокршач, Зворикин одвај дошол до својата цел. Од Омск дури и го испратиле во Америка за да ја купи потребната опрема за радиостаницата. Откако ја завршил задачата повторно се вратил во Омск, но овој пат преку Јапонија и Кина, така што го заобиколил светот. Откако ја донел потребната техника, тој повторно бил вратен во САД, но овој пат не се вратил во Русија.
Раѓање на телевизијата
Во Америка Зворикин извесно време работел во фирмата „Вестингхаус“, каде се занимавал со разработка на прототипите на првите телевизори, но таму не ја нашол потребната поддршка за своите проекти. Човекот на кој Зворикин му ги поверил своите разработки бил еден друг емигрант од Русија – Давид Сарнов, претседател на „Radio Corporation of America“.
Меѓу другите разработки од областа на електрониката, Звоиркин има и апаратури за медицината, за биологијата и за воениот ресор. Тој исто така одиграл важна улога во усовршувањето на електронскиот микроскоп.
„Што е потребно за вашата разработка да стане средство за телевизиско емитување за масовната публика?“, го прашал Сарнов Зворикин. „Сто илјади долари и две години работа“, одговорил научникот. Понатамошните трошоци ја надминале оваа сума за 30 пати, но тоа не претставувало пречка.
Во 1931 година Зворикин ја создал конечната конструкција на предавачката цевка – иконоскопот, кој станал основа за идниот систем на електронската телевизија, а веќе во 1932 година фабриките на компанијата RCA започнала со производство на телевизори со кинескопската конструкција на Зворикин, а жителите на Њујорк и на околината во радиус од 100 километри станале првите гледачи.
Голем човек, лош Американец
Откако проживеал петнаесетина години во САД, споредувајќи се себеси со поасимилираните емигранти, како што бил Сарнов, Зворикин сфатил дека тој никогаш нема да стане „стопроцентен Американец“. Според сеќавањата на својот секретар и пријател Фредерик Олеси, Зворикин на англиски зборувал со страшен акцент, сите навики и начинот на мислење останале руски, а омилена тема, која не се однесувала на електрониката, била сеќавањата за Русија пред Револуцијата. Сепак, откако ја посетил татковината и откако комуницирал со своите роднини, Зворикин решил да остане во САД, иако потоа во повеќе наврати го посетувал СССР, каде разменувал искуства со своите советски колеги.
Создадов Франкенштајн
Во поодминати години Зворикин зборуваше за своето чедо – телевизорот – со тага: Создадов монструм кој може да го испере мозокот на целото човештво. Ова чудовиште ќе ја доведе нашата планета до унифицирано размислување. Јас на своите деца никогаш не би им дозволил да му се приближат на телевизорот“. Најдобриот детаљ кај телевизорот, додавал Зворикин е копчето за исклучување. Сепак, како и да е, Зворикин се смета за „татко“ на телевизијата.
Текстот е составен според сеќавањата на Фредерик Олеси – секретар и биограф на Зворикин; на Александар Магун – директор на библиотеката на Давид Сарнов (САД); на Ољга Шчербина – директор на Музејот на историјата при Санктпетербуршкиот државен технолошки институт.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче