Ан-124-100 „Руслан“ лета над ѕвездите на Кремљ за време на пробата на Парадата на победата. Авионот се смета за врв на советската индустрија. Извор: РИА Новости
Победи Ил-476
Како што им соопшти на новинарите Сергеј Дементјев, директор на фабриката за авиони „Авиастар-СП“ од градот Улјановск (околу 900 км на југо-исток од Москва), Министерството за индустрија и трговија на РФ поставило задача да се изработат алтернативни варијанти за производство на авионот Ан-124 во случај да се прекине соработката со украинските претпријатија. Истовремено тој призна дека за развивање на производството на ваков авион (практично од нула) потребно е вложување огромни средства и пронаоѓање на нарачатели за авионите, така што понатамошната судбина на Ан-124-100 засега е непозната.
Ан-124 беше проектиран во осумдесеттите години од минатиот век во Проектантското биро „Антонов“, во времето кога Украина беше дел од СССР. Се смета за врв на советската индустрија. Сериското производство на овие авиони е прекинато во 2004 година, а денес „Руслан“ полека почнува да се отпишува како машина која си го одработила својот летачки потенцијал. До 2030 година можно е да останат само 15.
Темата која се однесува на обновувањето на производството на воздушните гиганти се појави во последниве десет години, колку што помина од моментот на прекинувањето на нивното производство. Првобитно беше планирано основниот нарачател да биде руското Министерство за одбрана, зашто „Руслан“ најпрво беше користен како средство за превоз на воени формации со борбена техника и вооружување од длабока површина до поприштата и зоните на борбените дејствија. Но, руската војска го направи својот избор кон крајот на 2012 година во корист на Ил-476, така што авионот Ан-124 не е вклучен во списокот на воено-транспортни авиони што им се потребни на руските Воено-воздушни сили, а министерот за одбрана Сергеј Шојгу донесе одлука 22 „Руслан“ кои постојат во вооружувањето на Воено-воздушните сили на Русија само да бидат ремонтирани и модернизирани.
Извор близок на Министерството за одбрана за „Руска реч на македонски“ објаснува дека откажувањето од „Руслан“ е условено од финансиски причини.
Авионите Ил-476 се помали по носивост, но затоа се поевтини. „Потреба за ваков авион имаат цивилните комерцијални авиокомпании кои се занимаваат со превоз на крупен товар“, соопштува изворот.
Кон крајот на 2013 година Русија со Украина сепак потпиша спогодба за обновување на производството на „Руслан“. Министерот за индустрија на РФ Денис Мантуров изјави дека производството ќе започне од 2018 година и дека финансирањето на проектот е предвидени преку државната програма за развој на воздухопловната индустрија до 2025 година. Планирано е покрај државните средства да бидат ангажирани и дополнителни ресурси од руската Обединета воздухопловна корпорација и украинскиот КБ „Антонов“.
Но сега, со почетокот на украинската криза, воено-техничката соработка помеѓу Русија и Украина е фактички прекината за сите заеднички проекти.
52 тони злато и железничка локомотива
Но, „Руслан“ и понатаму поставува рекорди. За време на воената вежба која беше одржана на 2 јуни годинава во Централниот воен округ (ЦВО) тој префрли две хеликоптерски единици (8 машини) ударни хеликоптери Ми-24 од воената воздухопловна база „Толмачево“ во Новосибирската област (во Сибир) на аеродромот Кољцово во Свердловската област (Урал).
„Руслан“ мораше да изведе два борбени лета, а самите хеликоптери требаше делумно да бидат демонтирани, но ваквата операција беше извршена за првпат. „Претходно ваквиот начин беше применуван за испорака на определени технички мостри“, беше изјавено во прес-центарот на ЦВО.
Четири борбени хеликоптери во товарниот простор на „Руслан“ не претставува најегзотичен товар за овој воздушен гигант. Авионите Ан-124-100 имаат превезувано 52 тони злато од ОАЕ во Швајцарија, 300 тони концертни уреди за Мајкл Џексон во 1993 година, па дури и цела железничка локомотива преку Атлантскиот океан – од Канада во Ирска. Ова не може да го направи ниту еден друг авион, освен „Руслан“.
Воено-транспортниот Ан-124-100 сега главно функционира во цивилната сфера. Улјановкста авиокомпанија „Волга-Днепар“ го поседува најголемиот пар со „Руслан“ (10 парчиња), кои се користат во комерцијални цели. Авионите ќе превезуваат тешки товари со огромни димензии кои не смеат да се одвојуваат на составни делови, ниту да се превезуваат во неколку тури со авиони со помала носивост. Така „Руслан“ на заедничкото претпријатие „Волга-Днепар“ и на украинските „Авиолинии Антонов“ го изнесуваат товарот на НАТО од Авганистан. Овој договор засега важи до крајот на 2014 година, а неговата вредност не се објавува.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче