Фотографија: Oлга Соколова
Фотографии: Олга Соколова
Едно од најголемите места за изложба на јахти е „Московското боут-шоу“, кое оваа година по седми пат се одржа во московскиот „Крокус Сити“. Во трите хали на изложениот комплекс околу 350 учесници од Русија, од Велика Британија, од Германија, САД, Холандија и од други земји ги претставија своите новини од светот на моторните и на едрилични јахти.
Моторни станови
Централно место на „Боут-шоуто“ оваа година беше салата во која беа собрани експозициите на најдобрите играчи на пазарот на скапи моторни јахти, кои се најпопуларни во Русија. Тоа се пред сè „Burevestnik Group“, „Акватехника“ заедно со „Azimut Yachts Russia“, „West Nautical“ и англиската „Princess Yachts International plc“.
Во Русија за првпат беше претставена јахтата од 55 стапки „Sunseeker Manhattan 55“, која ја имаше својата премиера во Кан есента 2013 година. Англичаните од „ Princess Yachts International plc“, кои претставија пет моторни јахти, исто така ги израдуваа посетителите на изложбата со најновиот модел „Princess 43“. Премиерата на оваа јахта се одржа во јануари годинава на „Dusseldorf Boat Show 2014“
Како што покажува практиката, Русите претпочитаат да ја користат својата „флота“ најмногу на езерата и акумулациите во централниот дел на Русија, на Црното и на Каспиското море, како и на Средоземното море. Исто така, мошне популарни се скапите моторни јахти на Русите, кои имаат своја недвижност во Шпанија и на југот од Франција.
Школа на морето
Освен скапите јахти, на изложбата беа претставени и едрилици, меѓу кои и оние за привлекување на децата и тинејџерите во едрењето.
„Родителите малку си ја чукнаа главата, изјави за 'Руска реч на македонски' координаторот на некомерцијалното партнерство за развој на едриличарскиот спорт 'Кој е кој' Андреј Полтанов. – Тие на крајот сфатија дека децата се оставени сами на себе. Во врска со тоа, денес тие почесто ги даваат своите деца во школи за едрење. Родителите самите сакаат нивните деца да поминат школа на животот, на ветрот и на морето“.
Според зборовите на координаторот на партнерството, детскиот едриличарски спорт во Русија не секогаш го има онаму каде што има вода. Многу поважен фактор е постоењето на луѓе со иницијатива, кои имаат организаторски способности.
„Во моментов на овој план би ги издвоил градовите како што се Москва, Санкт Петербург, Таганрог и Владивосток, - рече Полтанов. – Во останатите градови каде што има големи води, ентузијастите со сите сили ја поддржуваат старата флота, а исто така купуваат и нови пловила. На изложбава ни приоѓаат многу луѓе, се интересираат за купување едрилица, како за себе и за своите деца, така и за клубовите. Постојат многу едриличарски детски клубови во викенд-населбите што се наоѓаат на вода.
Јахта со свои раце
Но, најуникатен експонат на „Московското боут-шоу“ беше малечката едрилица „Саид“ која е направена во домашни услови, а чија должина изнесува само 3.7 метри. Сепак, малите размери не претставуваа пречка за 65-годишниот Евгениј Гвоздев од Махачкала во периодот од 1999 до 2003 година со оваа едрилица да направи пат околу светот. Гвоздев ја направил „Саид“ со свои раце од стаклена волна и од различни други материјали што му биле при рака. Едрилицата била подготвувана за пат и била чувана на балкон од обичен стан во зграда.
Третата обиколка на светот на јахтата „ГЕТАН-2“ за Гвоздев заврши трагично на 19 септември 2008 година кога тој исплови од Новоросијск, а на 10 декември властите на Италија официјално соопштија дека јахтата и телото на патешественикот се пронајдени на брегот недалеку од Неапол. Причината за неговата смрт сè уште не е позната.
До денешен ден Евгениј Гвоздев е единствен руски патешественик на јахта, кој има направено две обиколки околу светот под руско знаме од територијата на Русија. Освен тоа, Гвоздев е единствениот поединец кој го помина патот на Магелан од исток на запад со ултрамало пловило.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче