Уметност на воените иновации

Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу веќе издаде наредба некои од пронајдоците претставени на изложбата да се воведат во употреба. Извор: ИТАР-ТАСС.

Министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу веќе издаде наредба некои од пронајдоците претставени на изложбата да се воведат во употреба. Извор: ИТАР-ТАСС.

Кон крајот на минатиот месец во Москва беше одржана првата изложба на најновите воени проекти „Ден на иновациите на Министерството за одбрана на РФ“. Нашата редакција ви ги претставува најинтересните пет иновации од воената технологија.

Тенк Т-80 на надувување

Веднаш по влегувањето во комплексот во кој се одржува изложбата е поставен тенк на надувување – макетата на тенкот Т-80 е направен во природна величина. Според идејата на производителот, вакви и слични објекти треба да ги доведат во заблуда противничките средства за набљудување и за собирање податоци. Слични вакви „тенкови“ веќе се произведуваат во Кина, но руските модели имаат низа предности во однос на своите конкуренти. За разлика од кинеските пандани, тенковите Т-80 на надувување не се херметички, а тоа значи дека рускиот „тенк“ нема да се издувува при некоја механичка повреда. Освен тоа, макетата се загрева во пределот на моторот и на издувните цевки, односно токму на оние места на кои и вистинскиот тенк би ја акумулирал топлината. Тоа помага во попречувањето на работата на термовизорот на противникот. Тенкот на надувување може лесно да се спакува во помала вреќичка, а за десет минути може да се надува со помош на специјални пумпи.

Егзоскелет „Exoatlet“

Припадниците на војската првпат имаа можност да донесат свој суд за изложениот егзоскелет од руско производство. Оваа направа го проширува кругот на човековите можности и му овозможува да пренесува товар до 100 килограми и тоа без користење сервомотор и под минимално оптоварување за организмот.

Навистина би сакал што повеќе млади луѓе, млади таленти кои денес се дојдени на изложбата, во иднина да дојдат да работат во фабриките и претпријатијата, а што е најважно – ние од нив да го добиеме оној резултат што го очекуваме.

Сергеј Шојгу, министер за одбрана на РФ

„Во одредени моменти на движење се затвораат механичките зглобови на коленото, Благодарение на ова, целиот товар кој е на човекот се пренесува на конструкцијата и го заобиколува самиот човек“, објаснува Александар Формаљски, раководител на лабораторијата за изработка на егзоскелет. Кога ваквата конструкција врз себе ќе ја преземе тежината на опремата и на оружјето, таа го прави војникот неколку пати поподвижен и поиздржлив.

Тренажер за виртуелна борба „Логос“

На изложбата припадниците на војската го тестираа „Логос“, што претставува назив за комплексни тактички тренажери за мотострелачки чети. Тие веќе ги поминаа државните тестирања во декември минатата година и подготвени се да влезат во вооружувањето на армијата.

„Ова е добра помош за командирите во обучувањето на своите потчинети за тактички дејствија на терен. Ова е можност тие да повежбаат пред да излезат на терен и пред да земат борбено оружје во рака“, ги искажа своите впечатоци поручникот Егениј Деревјанкин, кој лично го тестираше новиот пронајдок.

Тренажерот се произведува во две варијанти: компјутерска и железна, која во целост ја симулира ситуацијата во борбено возило.

Во иднина се планира „Денот на иновациите“ да се одржува двапати годишно и на оваа манифестација да се привлечат сите заинтересирани, како искусните инженери, така и младината која уште од училишните денови се занимава со наука и со иновации.

 Нараквица „Часовој“ („Стражар“)

Компанијата „Аргус Спектар“ изработи и на изложбата ја претстави нараквицата „Часовој“ („Стражар“), која има улога на апаратура за разузнавање. Според идејата на конструкторот, ако човекот со нараквица не се движи определено време или ако е киднапиран, сигналот за ваквиот настан ќе стаса во штабот. Но, ако човекот и самиот гледа дека му се приближува некој сомнителен, тој може да го притисне копчето за тревога на нараквицата.

Сергеј Шојгу веќе издаде наредба единиците на војската кои го покриваат Кавказ да бидат опремени со вакви нараквици за време на Олимпијадата во Сочи. На министерот за одбрана посебен впечаток му оставило тоа што новиот проект овозможува безбедност не само на професионалните припадници на војската, туку и на војниците кои служат воен рок.

Гел-наметка „Мантос“

Противпожарната гел-наметка „Мантос“ е уште еден од изложените новитети на воена опрема. „Ваква гел-наметка засега не постои во ниту една армија. Таа овозможува гаснење пожар од класа А (горење на цврсти материи) и од класа Б (горење на течни материи)“, ни објасни подетално Маријана Скраган, директор за развојни технологии на компанијата „Комплексни технологии за безбедност“. Таа додаде дека наметката може да изгасне оган од човек за две секунди.

Овој пронајдок може да се користи за гаснење пламен и за тлеењето во моторниот дел кај воената техника. Сергеј Шојгу веќе предложи со вакви наметки да се опремат сите тенковски посади.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња