Ракетата од типот „Војвода“ може да се лансира за 10 до 20 минути откако ќе добие наредба за старт. Фотографија: mil.ru
Интерконтинентална балистичка ракета, каква што е, на пример, „Војвода“ („Сатана“ по класификацијата на НАТО), би можела да се употребува и за уништување на ненадејно воочени помали вселенски тела чии димензии се до 100 метри и кои за Земјата би можеле да претставуваат опасност, доколку на оваа ракета ѝ се додаде дополнителен погонски блок, изјавува Сабит Саитгараев, водечки научен соработник во Државниот ракетен центар „Академик В.П. Макеев“ (град Миас, Челјабинска област).
„За борба против ненадејно воочените објекти со мали размери успешно можат да се применат ракетите-носачи, кои се прават на база на интерконтиненталните балистички ракети на течно гориво (на база на хидразин) од типот ‘Војвода’, кои по извесна доработка можат десет и повеќе години да бидат подготвени за лансирање“, вели Саитгараев.
Тој нагласува дека гриогеното гориво со кое се полнат вселенските ракети-носачи од тешка класа од типот „Сојуз“, „Ангара“ и други, не може долго да се чува, тие мораат да се наполнат со гориво пред самото лансирање. Подготовката на ваквите ракети за лансирање изискува неколку дена, поради што тие не се погодни за уништување мали небесни тела што можат да се воочат само неколку часа пред судирот со Земјата.
Саитгараев дополнително објасни дека ракетите од типот „Војвода“ можат да се користат за уништување на ненадејно воочени помали вселенски објекти со димензии до 100 метри, кои можат да бидат опасни за Земјата, доколку ваквата ракета би се опремила со дополнителен трет степен (или со погонски блок). Ракетата што би била модификувана на ваков начин би можела да ликвидира објекти што се забележани пет до шест часа пред моментот на претпоставениот судир со Земјата.
Според него, овие ракети би можеле да бидат лансирани за 10 до 20 минути откако ќе биде добиена наредбата за старт. Во следните два часа ракетата би требала да дојде до целта, уште два часа за прецизирање на патот на небесното тело и околу еден час за усогласување на лансирањето со претседателите на другите земји.
Тој додаде дека ракетите на течно гориво се попогодни за овие цели одошто ракетите на цврсто гориво, токму поради нивниот поголем енергетски потенцијал. Според проценките на Саитгараев, со користење на научно-техничкиот потенцијал за соработка на претпријатијата на чело со Државниот ракетен центар „Академик В.П. Макејв“, ракетно-космичкиот сегмент за борба со астероиди може да биде реализиран во текот на пет-шест години со прифатливи трошоци. Но, тој, сепак, се воздржа од прецизирање конкретна сума.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче