Претседателот на Русија Владимир Путин во текот на обраќањето до медиумите по неговата годишна „Директна линија“. 15 јуни 2017, Москва, Русија.
APПретседателот на Русија Владимир Путин по петнаесетти пат беше на годишната „директна линија“ со народот, односно одговараше на прашањата на граѓаните од цела Русија. За четири ласа тој разгледа многу теми, меѓу кои Сирија, Украина, САД, патиштата на Бајкал, иднината на фабриките, индустријализацијата на Арктикот, корупцијата, односите со опозицијата, економијата и „руската трага“ на американските избори.
Претседателот повторно настапи во улога на човек кој, би се рекло, е единствениот што навистина ги решава проблемите, и тоа од секаков вид: од меѓународни односи до јаглен прав, од депонии во близина на Москва до пукнатини во ѕидовите. Како што истакнува Павел Салин, директор на Центарот за политиколошки истражувања на Финансискиот универзитет при владата на РФ, принципот на „рачно управување“ со земјата и понатаму е доминантен. „Власта знае дека жителите очекуваат да се обрне внимание на социјално-економските прашања, на нискиот животен стандард, на лошите патишта и ветените пари кои сè уште ги нема. Меѓутоа, не се кажува со кои мери ќе се постигнат позитивни промени. Од 'директната линија' може да се изведе заклучок дека постои само еден начин на кој човек може да си ја подобри ситуацијата: треба да се почека една година до следната 'директна линија' и да се обиде да му постави прашање на претседателот“, смета Салин.
Навистина имаше многу поплаки за троши станови и безизлезна финансиска ситуација, иако врската со народот претседателот ја започна со зборовите „кризата е надмината“. Од друга страна можеби најголемите очекувања од „линијата“ не се огледаа во тоа. Постои веројатност дека ова е последна „директна линија“ на Путин, зашто во 2018 година во Русија ќе се одржат претседателски избори, а плановите на шефот на државата сè уште не ѝ се познати на јавноста.
Претседателот на Русија Владимир Путин разговара со медиумите по неговата годишна „Директна линија“ во Москва, Русија. Извор: AP
Путин не зборуваше многу за меѓународните проблеми, а она што го кажа може да се сведе на еден постулат: „Доколку сакате да се дружиме, ние сме подготвени. Ако не сакате – не морате, ние може да почекаме“. Тоа е прагматичен пристап, смета политичкиот технолог Дмитриј Орлов, генерален директор на Агенцијата за политички и економски комуникации: „Ние сме заинтересирани за максимално поволни односи со сите земји. Секако, под определени услови. Но, кога станува збор за дипломатијата, Русија нема да трча пред сите други, ниту кому било ќе создава суперкомфорни услови. Ако на нашите партнери им е потребно, ќе започнеме со преговори. Ако не, тогаш тоа значи дека, меѓу другото, и ситуацијата со санкциите може да биде конзервирана на неопределено време. Путин добро рече дека санкциите не претставуваат опасност за националните интереси“.
Точно е дека во Америка постои русофобија, и дека во врска со тоа американските медиуми ги обзема хистерија, но сето тоа е резултат на политичка борба, смета Кремљ. „Според тоа, да не беше Крим, ќе измислеа нешто друго за одвраќање на Русија“, рече Путин.
За волја на вистината, тука првиот човек на Руската Федерација не кажа ништо ново, само го повтори ставот што го имаше повторено неколку пати претходно. На Европа ѝ посака среќа во односите со украинските „регрути“, а во врска со Сирија беше доследен, велејќи дека целта на вооружените сили на РФ е решавање на конфликтот во регионот, од каде Русија засега нема намера да замине, ами само дека ќе се премести во своите бази во Сирија доколку сириската армија зајакне.
Претседателот на Русија Владимир Путин пристигнува за да се обрати на медиумите по неговата годишна „Директна линија“ во Москва, Русија. Извор: AP
На жалбите на граѓаните претседателот повеќе пати одговори дека „Федерацијата (Руска) има издвоено пари“, само што прашање е каде завршиле тие пари. Затоа тој предложи прашањата да им се постават на губернаторите или на јавното обвинителство. Некој го потсети претседателот на неговите зборови „своите не ги оставаме на цедило“ и праша дали тоа се однесува на корумпираните функционери. „Јас нив не ги третирам како свои“, одговори Путин.
Во прашањето дали Путин е подготвен да разговара со опозицијата се одрази темата за масовните митинзи против корупцијата кои пред неколку дена завршија со приведување на демонстрантите поради нарушување на законите и започнување кривични и прекршочни постапки против нив. „Подготвен сум да разговарам со сите оние чија вистинска цел е подобрување на животниот стандард на граѓаните и решавање на проблемите, а не користење на сегашната тешка ситуација за политичка кариера и за самореклама, односно за стекнување корист благодарение на тешкотиите“, рече првиот човек на Руската Федерација.
Општиот впечаток по „директната линија“ е дека Русија денес се наоѓа во состојба на политичка турбуленција, смета Орлов. Тој смета дека претседателот можел да дејствува во две насоки кога станува збор за протестите: можел детално да ги коментира истакнатите барања и да одговори на нив, или да покаже дека приоритет има мнозинството жители со своите проблеми, а не учесниците на протестите. Претседателот ја избра втората варијанта, што според Орлов изгледа прилично „воочливо и умесно во контекст на тие турбуленции.
Во текот на „директната линија“ не можеше да се дознае дали Путин има намера да се кандидира за втор мандат или веќе има наследник. Тој од своите белешки само го прочита прашањето: „Кого планирате да оставите по својот мандат?“, а потоа одговори: „Прво, јас сè уште работам. Второ, за тоа треба да решат самите избирачи. Јас ќе кажам која варијанта според мене е најдобра, нема да кријам, но само избирачите можат да донесат одлука“.
Сепак, ништо друго не требаше да се очекува пред есента, смета Салин, зашто Путин јасно даде на знаење дека сега е рано за почеток на кампањата. „Но, тој очигледно го формулираше најголемиот предизвик што стои пред новиот претседател“, вели Орлов. Дословно беше речено: „Да се обезбеди пораст на приходите и да се ослободиме од сиромаштијата и бараките“.
Некои во одговорите на Путин сепак видоа сигнали дека тој се подготвува за нов мандат.
Владимир Путин ретко зборува за своето семејство, но овој пат рече дека неодамна добил внук. Весникот „Комерсант“ веќе изнесе претпоставка дека темата „дедо Путин“ може да го освежи имиџот на рускиот претседател наспроти изборите во 2018 година. „Доколку темата за 'дедо Путин' се презентира добро, таа може да обезбеди нови симпатии кај избирачкото тело“, смета весникот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче