Ако изборите за претседател не беа закажани за март 2018 година, ами за идниот викенд, тогаш за Владимир Путин, без да се двоумат, би гласале 48% од Русите. Ова го покажуваат резултатите од анкета на социолошката агенција „Левада-центар“ (на репрезентативен примерок од 1.600 испитаници со дозволена грешка до 3.5%) објавени на 2 мај.
Путин нема особено силни конкуренти. Најблиску по него во трката за гласови на граѓаните се лидерите на Комунистичката партија и на Либерал-демократската партија Генадиј Зјуганов и Владимир Жириновски - тие добиваат по 3% од гласовите на анкетираните. Уште помалку луѓе се подготвени да го изберат сегашниот премиер Дмитриј Медведев, министерот за одбрана Сергеј Шојгу или опозиционерот Алексеј Наваљни - по 1%.
Социолозите признаваат дека ако Путин одлучи да се кандидира на изборите (досега тој не го потврдил учеството), триумфот на кандидатот на власта практично е неизбежен. „Има ли шанса на изборите во 2018 година да победи некој друг освен Путин? Само ако тој се откаже од вториот круг и предложи наместо себе некој друг. Ако тој сам се кандидира, таква шанса нема“, изјави во интервју за РБК Валериј Фјодоров , генерален директор на Серускиот центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ).
Малку помалку од една година пред претседателските избори нивото на популарноста на Владимир Путин останува без промена, посочува социологот од „Левада-центар“ Денис Волков. За „Руска реч на македонски“ експертот истакна дека во свеста на мнозинството Путин продолжува да се држи до економскиот подем од почетокот на првата деценија на векот, кога поминаа двата негови први мандата, а исто така и со преродбата на Русија како „голема држава“ (со пристапувањето на Крим во 2014 година).
Рејтингот на Путин скокна токму по пристапувањето на полуостровот, потсетува Волков - во април 2015 година рекорден удел од 62% од Русите беа подготвени да гласаат на претстојните избори. Следуваше мал пад - 53% во април 2016 година и 48% оваа година. „Сега ефектот од Крим постепено одминува - еуфоријата падна, луѓето почнаа да размислуваат повеќе за внатрешните проблеми. Би рекол дека настапи извесна нормализација“, вели Волков.
Владимир Жириновски (лево) и Генадиј Зјуганов (десно) / Алексеј Никољски / РИА Новости
Уште еден фактор за популарноста на Владимир Путин, забележува социологот, е отсуството на сериозна конкуренција. „Политичари како Зјуганов и Жириновски, вградени во системот, колку повеќе време поминува, толку помалку ги доживуваат сериозно“, откри Волков за „Руска реч на македонски“. „А, несистемските опозиционери како Наваљни немаат широка трибина за докажување, не ги канат на федералната телевизија. Затоа се создава чувство дека алтернатива нема“.
Резултатите од анкетата на „Левада“ покажуваат дека многу Руси засега не се подготвени да гласаат. Во моментов 13% се убедени дека нема да учествуваат на изборите, 10% се колебаат дали да излезат на гласање или не, а 19% изјавиле дека не знаат за кого да гласаат. Вкупно тоа се 42% од граѓаните кои не знаат кого да поддржат на претседателските избори и може ли воопшто да не учествуваат на нив.
Слабиот одѕив за претседателските избори во 2018 година е крајно непожелен за власта, изјави за „Руска реч на македонски“ Павел Салин, директор на Центарот за политиколошки истражувања на Финансиската универзитет. „Власта беше многу незадоволна од ниската активност на парламентарните избори во септември 2016 година (тогаш владејачката „Единствена Русија“ доби 54% од гласовите, но гласаа само 48% од населението - заб. ред.)“, вели Салин. „И веќе половина година во Кремљ бараат начин да ја зголемат активноста на претседателските избори кои се поважни за власта“.
Валериј Фјодоров од ВЦИОМ исто така, забележува дека за Путин, ако одлучи да се кандидира на изборите во 2018 година, е важно не само да победи убедливо, но и да победи на избори во кои е вклучено мнозинството. Притоа, според зборовите на социологот, веројатноста од ниска излезеност се засилува токму од високиот рејтинг на Путин – уверувањето дека тој и така ќе победи може да го спречи да биде мобилизиран лојалниот електорат.
Сега власта има два начина за зголемување на активноста на гласачите, коментира Павел Салин. Првиот е „технолошки“ и сугерира манипулирање на показателите за активноста, користење на административниот ресурс и други сомнителни средства. Ова може да биде ефикасно од гледна точка на сликата на активноста на гласачите, но ќе го намали легитимитетот на власта во земјата. Вториот, според политикологот, е оптимален - да се понуди на земјата позитивна програма, „слика за иднината“ која ќе биде привлечна за целната публика, за да отиде до гласачките места и да гласа. „Тука, се разбира, е важно и власта да може да го убеди населението дека таа е во состојба да го реализира овој лик“, нагласува политикологот. Времето ќе покаже за кој од овие два патишта ќе се одлучат во Кремљ.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче