Може ли за пари да се организира средба со Путин?

AP
Руските експерти сметаат дека гласовите за тоа дека францускиот претседателски кандидат Франсоа Фион организирал средби на бизнисмени со Владимир Путин не одговараат на вистината. Сепак, стручњаците за лобирање сметаат дека во Русија е сосема можно за пари да се организира средба со политичари од највисок ранг.

Претседателскиот кандидат на француската Републиканска партија Франсоа Фион (француски премиер од 2007 до 2012 година) се најде во центарот на вниманието во врска со аферата поврзана со Русија. Весникот Le Canard enchaîné на 21 март објави дека Фион, наводно, за пари организирал средба на либанскиот милијардер Фуад Махзуми и на директорот на нафтената компанија „Тотал“ Патрик Пујане со Владимир Путин. Како што тврди весникот, Фион добил од своите „клиенти“ 50.000 евра за тоа што ги запознал со претседателот на Русија на Санктпетербуршкиот економски форум во 2015 година.

„Смешна сума“

Францускиот политичар ова тврдење го окарактеризира како „срамна лага“. И руските власти се скептични за оваа вест. На пример, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека веста „личи на дезинформација“. Сите средби на политичарите со бизнисмени се одржуваат во рамките на протоколот, така што улогата посредник во овој дел е исклучена, истакнува Песков.

Сумата што наводно ја добил Фион за своите посреднички услуги е исто така сомнителна, смета Дмитриј Орлов, генерален директот на Агенцијата за политички и економски комуникации. „Оваа приказна ми изгледа како измислица, пред сè зашто станува збор за смешна сума. Човек кој може некого да поврзе со рускиот претседател би побарал многу поголема сума за организација на средба“, вели Орлов за „Руска реч на македонски“.

Тој исто така објасни дека бизнисмените во рамките на Санктпетербуршкиот економски форум можат слободно да комуницираат со политичарите од највисок ранг. „Вие таму сосема легално се регистрирате, плаќате за учество (минатата година се плаќаше 290.000 рубли /5.041 долар/), и комуницирате со кого сакате“.

Вообичаено лобирање

Постои и сосема поинакво мислење според кое Фион навистина можел да одигра улога на лобист, дотолку повеќе што во 2015 година тој не беше на официјална државна функција, што значи дека не го прекршил законот. Вакво е мислењето на Павел Салин, директор на Центарот за политиколошки истражувања на Финансискиот универзитет.

„Со слични работи се занимаваат многу претставници на политичката елита, и оние кои веќе ја имаат завршено својата кариера, и оние кои, да кажеме, се во преодна фаза помеѓу две функции. Тие ги користат своите познанства за да ја поврзат личноста А со личноста Б“, вели Салин за „Руска реч на македонски“. Според него, во такви случаи личноста со која бизнисменот сака да се состане (во овој случај Путин) не знае дека таа услуга е направена за паричен надомест.

Салин е уверен дека станува збор за вообичаена практика. „Доколку за таа услуга парите не ги прима влијателниот политичар (со кој се организира средба) или неговото опкружување, тогаш тоа не е корупција, ами легално лобирање“. Политикологот вели дека ваквата практика е вообичаена во целиот свет и не сфаќа зошто во случајот со Фион и Путин тоа предизвикува скандал. „Мислам дека причината за тоа е определена психоза која моментално го има обземено Западот, каде нервоза предизвикува сè што е поврзано со Русија“, смета тој.

Руска реалност

Слично лобирање, кога бизнисмени плаќаат посредници за организација на средба со политичари, постои и во Русија. Руските закони не го контролираат лобирањето (на парламентот периодично му се поднесуваат нацрт-закони за регулирање на лобирањето, но сите тие се одбиени). Во секој случај, помошта во организирање средба е сосема легална.

„Со тоа се занимаваат професионалните лобисти. Тоа се адвокатски фирми и бизнис-консултанти“, рече во емисија на радиото „Комерсант ФМ“Павел Толстих, раководител на Центарот за проучување на проблемите за заемно дејствување на бизнис-круговите и властите. Толстих објасни дека средбата е само „шлаг на тортата“, кој означува склучување договор. Главната работа на лобистот се состои во тоа да ги убеди политичарите да донесат одлука што им одговара на бизнисмените. Притоа политичарите не мора да знаат дека тие всушност комуницираат со лобисти.

„Во Русија не постои закон за лобирање и затоа за ова прашање се расправа отворено“, објаснува Толстих. Тој предлага највлијателните лобистички компании да го преземат организирањето на средба на своите клиенти со Владимир Путин. Таква средба би можела да чини и до милион американски долари.

„Славно“ минато

Задачата на лобистите, нагласува Толстих, би се состоела во тоа да организираат средба така што претседателот да не знае дека тој човек платил за средба со него, зашто тој, во спротивно, најверојатно ќе одбие да се состане. Лобистите дејствуваат внимателно и скриено. За волја на вистината, Дмитриј Орлов потсетува дека имало периоди кога бизнис-круговите за контакти со власта плаќале многу поотворено, и тоа повеќе личело на нескриена корупција, одошто на лобирање.

„Во деведесеттите години од минатиот век отворено се ширеа информации дека, на пример, може да се организира потребно обраќање на пратеник до органите на извршната власт и дека тоа чини 5.000 долари“, вели Орлов. „И други услуги исто така не се криеја: толку чини средба со (претседателот) Елцин, толку и толку усвојување федерален закон...“ Орлов не ја исклучува можноста дека тие гласови не биле вистинити, но самиот факт дека тие се шират сведочи за сериозноста на корумпираноста на елитата. Оттогаш многу нешта се имаат сменето во квалитативна смисла – и во рускиот државен апарат и механизмите за влијание врз елитата, смета Орлов, додавајќи дека сега ситуацијата во врска со ова прашање е многу поцивилизирана.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња