Како Кремљ се подготвува за претседателските избори?

Ројтерс
Помилувања, советувања во кабинетите на Кремљ, промена на губернатори и облози на „куцата патка“ - изборите за претседател во Русија ќе бидат точно по една година, но уште отсега започнаа подготовките за нив.

До претседателските избори во Русија останува една година, а претседателската кампања, која сè уште не е официјално прогласена, добива на интензитет. Вистината е дека засега тоа се базира само на еден постулат - подготовката оди со прилог на тоа дека Владимир Путин треба да победи. И тоа, како што наведуваат извори од регионалната елита, со голема активност на избирачите и импресивен резултат - над 70%.

И тоа е така, иако досега нема ниту стратегија, ниту јасна агенда со програмски тези: Кремљ дискутира, во претседателската администрација се точат врволици од политтехнолози, во регионите се прават промени на губернаторите, а од кабинетите во Кремљ доаѓаат гласови.

При сето тоа уште сега се појави јасност во врска со плановите на Кремљ за изборите за претседател.

Не избори, ами референдум за доверба

Сегашниот прв човек на државата сè уште не објавил дали ќе учествува во претседателската трка, но федералните чиновници, како што тврди изданието РБК, се водени токму од овој план - Путин ќе оди на изборите и тоа ќе биде неговиот последен мандат. Притоа ситуацијата во моментов е таква што ниту еден системски политичар не е подготвен да го предизвика Путин и изборите, во присуство и на други кандидати, во суштина, ќе се одржат на безалтернативна основа, изјави за „Руска реч на македонски“ директорот на Институтот за политички истражувања Сергеј Марков, кој е близок до Кремљ.

„Најсилната опозициска партија во земјата е Комунистичката партија (КПРФ). Таа остро го критикува социоекономскиот курс на Путин, но дури и таа практично го поддржува неговиот преизбор за нов мандат, бидејќи гледа во него стожер и симбол на современата руска државност“ , истакнува Марков, додавајќи дека политичките „суперпензионери“ на руската политика како Владимир Жириновски, Генадиј Зјуганов (никој од нив нема под 70 години) или 64-годишниот Григориј Јавлински не можат, се разбира, да биде вистинска конкуренција.

Владимир Жириновски (лево) и Генадиј Зјуганов (десно) / Алексеј Никољски / РИА Новости Владимир Жириновски (лево) и Генадиј Зјуганов (десно) / Алексеј Никољски / РИА Новости

„Пак и никој не може, Путин нема конкуренти“, се согласува и претседателот на независниот Институт за национална стратегија Михаил Ремизов. Граѓаните ќе го видат истиот тим кандидати, кој се претстави и пред 20 години, со мали промени. „Значи нас нè чекаат избори по сценариото за референдум за довербата лично на Путин“, прогнозира експертот.

Само убедлив резултат

Клучната задача на Кремљ (и главниот проблем) е високата активност на избирачите. Тоа е исклучително важно, бидејќи исклучително важно за идната власт е прашањето за нејзината легитимност. „Од 2018 година во земјата ќе започнат болни економски реформи кои ќе влијаат врз огромен дел од населението. За да се спроведе сето тоа, не треба никој да се сомнева во легитимноста на претседателот и бројките треба да зборуваат сами за себе“, изјави за „Руска реч на македонски“ генералниот директор на Центарот за политичка технологија Игор Бунин.

Згора на тоа Путин, кој ќе стане „куца патка“, ќе сака сепак да се повлече со зголемен авторитет, со зголемена популарност и овие избори треба да станат народна проценка на целата негова активност на претседателската функција. Само да се зголеми одѕивот не е лесно: дури и на луѓето кои го поддржуваат Путин и кои се убедени во неговата победа, им недостасува мотивација да станат и да одат да гласаат. „Зошто? Ако тој и онака ќе победи и без мене ќе се справи. Тука логиката е таква“, појаснува Ремизов.

За овој проблем треба да се најде решение. Сигурно не за сметка на неочекуваните кандидати кои како што беше наведено погоре, сигурно нема да ја зајакнат интригата.

Млади технократи

Кадровските назначувања денес се најголемата предизборна активност на Кремљ. За недела и половина во февруари петмина гувернери беа ослободени од должноста и овој процес сè уште не е завршен.

Тоа се претежно оние за кои има најмногу забелешки, а кај населението се има акумулирано големо незадоволство. Сега се именуваат не поранешните чувари на претседателот и блиски до него енергетски фигури, ами младите луѓе, т.н. „ефективни менаџери“. Генерално исто толку лојални и верни како милитантните лица, но без јасен политички капитал и амбиции.

Зад сето ова стои новиот куратор на внатрешната политика, заменик-шефот на администрацијата на претседателот Сергеј Кириенко. Тој, според Ремизов, ја добил задачата да се намалува конфликтноста на сите со сите: без разлика дали станува збор за односите меѓу гувернерите и населението или пак на либералната јавност со власта.

Почит за либералите

Зборувајќи за либералната јавност, тогаш и за неа Кремљ веќе ja отвори неофицијалната предизборна кампања со помилувања. За еден месец беа отповикани пресудите за три дела кои гласно одекнаа во јавноста. Меѓу нив се жените, осудени за репостирање на видео на социјалните мрежи и за СМС до Грузија, и опозиционер, кој не прв пат излезе на мирни, но несогласувани протести и поради тоа беше лишен од слобода.

Ова „затоплување“, како што го нарекоа медиумите, се разбира, треба да ги намали тензиите во градовите со милиони жители, каде што овие процеси активно се следат, забележува Марков.

Во овој тренд засега не се вклопува случајот на Алексеј Наваљни, чие разгледување не доведе до ништо, и политичарот како и досега, според руското законодавство, не може да се кандидира на изборите. По ова прашање, сепак, како што вели за „Руска реч на македонски“ извор од Кремљ, засега нема реално решение во врвот. Едни се да му се дозволи на Наваљни да учествува на изборите - та тој нема никакви шанси да добие сериозен процент, но сепак така ќе го зајакне легитимитетот на гласови. Други, токму спротивното, се на мислење дека таков лик ја дискредитира претседателската власт во Русија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња