„Русија исклучително внимателно ги следи случувањата во Северна Кореја“, изјави претседателот на комисијата за одбрана во Советот на федерацијата Виктор Озеров, додавајќи дека според владата територијата на Русија не е цел на стрелби на проектили од страна севернокорејскиот сосед.
„Но, од друга страна техника е техника и нашите воени структури прават сè што зависи од нив за да не се дозволи погодување на ракети на руска територија во случај на нестандардна ситуација“, изјави претставникот на горниот дом во парламентот.
За Далечниот Исток се одржуваат дополнителни вежби и се проверува подготвеноста на персоналот за војна околу границите на Русија.
„Севернокорејската ракета може и 'ветрот да ја однесе' кон нас. За да не се случи такво нешто, сите офицери од деловите на ПВО во Далечниот Исток се со прекинати одмори и се наоѓаат на едноминутна пристапност до позициите“, изјави за „Руска реч на македонски“ воениот аналитичар на весникот Известија Алексеј Рам.
Во регионот дополнително се распоредени комплекси С-400, кои се специјализирани, меѓу другото, и за уништување на балистички проектили на противникот на растојание до 400 километри.
Според зборовите на Рам пред тоа системите се наоѓале во режим на дежурства, без распоредување на лансирни летала - мониторинг на небото, следење на цели. Но, во моментов се во готовност по наредба веднаш да урнат ракета на противникот кој лета во насока на Русија.
„Соодветно се подготвени и доставени од складовите дополнителна муниција за системите за противракетната одбрана. Се спроведува и активна проверка на сите системи и механизми на системите за ПВО“, додава аналитичарот.
На крајот на април жителите на Далечниот Исток на Русија почнаа да си праќаат еден на друг клипови, на кои се гледа како луѓе кои се сметаат за воени лица, пренесуваат тешка опрема преку Хабаровск за Приморие кон границите со Северна Кореја.
„Еве, вие велите дека сите вести од Кореја се претерани. И патем, за денешниот велигденски ден (16 април) тоа е веќе трет ешалон со техника. Значи не е сè е толку едноставно. Изгледа дека сепак на границата со Кореја нешто се прави“, вели зад сцената авторот на клипот.
Но, според зборовите на началникот на службата за односи со јавноста на Источниот воен округ Александар Гордеев техниката која се пренесувала била наменета за вежбите, кои завршиле на 29 април.
„Не можам да кажам конкретно за секоја композиција, но во моментов техниката нормално се пресели во регионите во врска со спроведување на плански контролни проверки на резултатите од зимскиот период на обука“, ги цитираат приморските медиуми зборовите на портпаролот на Министерството за одбрана.
Според него војската излегува на нови полигони и ги одработува борбените задачи во непозната локација. „Неодамна заврши слична наша проверка во Забајкалскиот крај. Со голема веројатност возот враќал техниката во пунктот на нејзиното постојано распоредување“, вели Гордеев.
Експертите се на мислење дека употребата на делови и единици за нивната директна намена е малку веројатно, но сега најважно е да се провери борбената готовност на војниците за секое сценарио на границите.
„Тоа се проверува на многу начини - движење кон местата за дислокација, распоредување на комплексите, почеток на масовно следење на воздушните цели и пренос на податоците до командните пунктови за донесување одлуки. Тоа е традиционална воена рутинска активност која се одвива во целиот свет за време на сите воени вежби или воени дејствија во близина на државни граници“, вели за „Руска реч на македонски“ професорот од Академијата за воени науки Вадим Козјулин.
Притоа експертот смета дека дури и на војската да ѝ се наложи да собори севернокорејска ракета, Москва нема да учествува во војна на корејскиот полуостров.
„Ние ќе испратиме протесна нота, ќе започне традиционалната за вакви случаи рутинска политичка и дипломатска активност, но во голема војна нема да се мешаме“, додава професорот од Академијата за воени науки.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче