Соопштението на екстремистичката група „Катибат ал Имам Шамил“ („Баталјон на имамот Шамил“), која на себе ја зеде одговорноста за санктпетербуршкиот терористички напад, се појави на 14 април на еден од мавританските сајтови. Според информации од медиумите, овој ресурс често го користат џихадистите.
Досега непознатата група се обрати на „рускиот народ“, повикувајќи го да изврши притисок врз властите за тие да ја запрат „војната против муслиманите во Сирија, во Чеченија и во Либија“. Во изјавата на екстремистите извршителот на терористичкиот напад Акбарџон Џалилов го нарекуваат како еден од членовите на „баталјонот“ и ѝ се заканија на Русија со нови напади.
Од текстот следува дека групата е поврзана со Ал Каеда, забележуваат медиумите. Според информациите на Би-Би-Си, изјавата ја разгледувале влијателни приврзаници на организацијата со помош на месинџерот Телеграм.
Постојат две верзии за тоа од каде доаѓа групата. Според една, која се споменува на мавританскиот ресурс, „баталјонот“ е наречен во чест на чеченскиот екстремист од времето на двете војни во Чеченија од деведесеттите години од минатиот и првата деценија на овој век – Шамил Басаев. Втората се повикува на имамот Шамил, кој ги обедини севернокавкаските горнанци во 19 век и кој војувал со Русија неколку децении.
Тоа што организацијата досега не е позната, не значи дека изјавата не е вистинита, претпоставуваат експертите. Според мислењето на Сергеј Демиденко, експерт-ориенталист од Институтот за општествени науки при Руската академија за народно стопанство и државна администрација, ваквите групи е сосема можно да постојат. „Постоењето на ваков вид структури не може да се прогнозира. По правило, ваквите групи се појавуваат, во извесен степен се обидуваат да се покажат со цел потоа да се заколнат на верност на нешто посуштинско (во дадениов случај на Ал Каеда). Во Ирак и претходно ваквите групи се појавуваа како печурки“, изјави експертот во интервју за „Руска реч на македонски“. Според Семјон Багдасаров, директор на Центарот за проучување на Блискиот Исток и на Централна Азија, постојано се појавуваат голем број екстремистички групи.
Како што укажува Александар Шумилин, прв човек на Центарот за анализа на блискоисточните конфликти на институтот за САД и Канада при Руската академија на науките, не постои ништо чудно во тоа што изјавата се појавила на мавританскиот сајт – џихадистите ги користат сите достапни платформи за ширење на своите соопштенија.
Според Шумилин, појавувањето на „баталјонот“ може да биде сведоштво за тоа дека во редовите на терористите се случуваат сериозни измени. „Сега се случува прегрупирање на силите во основните терористички организации. Како што се уриваат базичните формации на ИДИЛ во Сирија и во Ирак, бунтовниците и нивната оперативна дејност се поместува на периферијата, меѓу другото и на Северен Кавказ“, претпоставува аналитичарот.
Како што подвлекува Демиденко, во редовите на екстремистите на Блискиот Исток војуваат многумина од Русија. Според експертот, од Сирија постојат групи кои во целост се составени од Чечени. Во услови кога тие се истуркани од регионот, постепено почнуваат да се враќаат во татковината.
Претходно за можните врски на бунтовниците кои се поврзани со терористичкиот напад во метрото со екстремистите од Блискиот Исток зборуваше судијата која го даде налогот за апсење за еден од учесниците во нападот. Таа укажуваше на информациите за финансирање на терористичкиот напад од членови на меѓународна екстремистичка група од Турција.
Експертите укажуваат дека за да се возврати на заканите од страна џихадистите, потребна е изработка на комплексна стратегија. Не е доволно само да се активира борбата со екстремистите на Блискиот Исток – во тој случај тие едноставно ќе почнат брзо да се враќаат во своите земји, меѓу другото и во Русија.
Како што смета Демиденко, руските специјални служби „треба да се фокусираат на родниот дом – за да бидат подготвени за нивното доаѓање“. Сепак да се потпира само на воените методи би било стратешка грешка, со оглед на тоа што во дадениот случај предизвик за општеството се носители на сосема определена идеологија – приврзаници на радикалниот ислам или на вахабизмот.
Овој радикализам не може да се победи со оперативни мерки, со оглед на тоа што постоењето на идеологијата е определено од неговата социјална компонента, забележува експертот. Нејзината егалитаристичка основа е ориентирана на „понижените и навредените“. Фактички ова е ново издание на левата идеологија“, утврдува истражувачот. За успешно спротивставување на радикалните идеи потребна е добро изградена внатрешна политика и пропагандистичка работа, со цел екстремистите „да се најдат во културен, политички и економски вакуум“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче