Во вторникот на 4 април Истражниот комитет на РФ го објави нецелосниот список на загинати во терористичкиот напад во санктпетербуршкото метро. Од вкупно 14 згинати наведени се имиња на 10 жртви кои се досега идентификувани. Експлозијата во вагонот помеѓу станиците „Плошад Сенаја“ и „Технологически институт“ одекна во понеделникот во 14.40. Повредени се над 50 патници. Најмладата жртва е на 17, а најстарата на 71-годишна возраст.
22-годишниот Максим Аришев, студент на Санктпетербуршкиот државен економски универзитет, родум од Казахстан, се враќал дома од предавања. Пријателите на Максим велат дека тој сакал да стане програмер и дека бил среќен со својата сакана Александра. „Изминатава година со него ми влеа доверба дека тој е човекот со кој би сакала да го поминам сиот свој живот“, напиша таа на социјалните мрежи.
Фотографија: vk.com/duckky
Дента кога се дозна дека Максим загинал во медиумите се појави вест дека токму тој е бомбашот-самоубиец, но набргу тоа беше демантирано. Студентите од групата на Максим велат: Тој беше весел човек, беше дружељубив, сакаше саркастични шеги. Беше омилен во друштвото. Имаше многу пријатели.
Тој на Интернет ги следеше шегите на Џими Кар, стриповите за инженерот Дилберт и песните на групата „Агата Кристи“. Еден од неговите статуси е со цитат од песната „Ќилим-хеликоптер“ во кој се вели: Ние летаме, а вие ползите. Чудаци сте вие, чудаци.
21-годишната Дилбара Алиева исто така се враќала од факултет во истиот вагон. Студирала психологија и сакала да работи со спортисти. Во болница им подлегна на здобиените повреди.
Таа одамна се преселила во Санкт Петербург со семејството. Пријателите Дилбара забележале дека последен пат се појавила на социјалните мрежи три минути пред експлозијата. „Таа не сакаше кога некој пцуе или прави скандали. Беше мирољубива. Никој никогаш од неа нема слушнато лош збор или оговарање – толку беше чиста и добра“, раскажува нејзината другарка Василиса Спаска.
Фотографија: vk.com/id164508402
Во возилото на итната помош на тешките повреди им подлегна и педесетгодишната Ирина Медјанцева. Како што вели нејзината внука Марија Левкина, Ирина во моментот на експлозијата ја скрила со своето тело ќерка си Елена, која сега е на интензивна нега, но е надвор од животна опасност.
Ирина била предавач, а се занимавала и со уметност – правела авторски кукли. Нејзините пријатели велат дека била мошне талентирана. По трагедијата на социјалните мрежи се појави апел да се купуваат куклите на Ирина и дека со тоа материјално ќе му се помогне на нејзиното семејство.
Оксана Даниленко во последните моменти од животот успеала да ја сними буката и криците на луѓето на станицата, и да ја објави снимката на социјалните мрежи. „Судејќи според пораката што ја има поставено нејзината сестра Кристина, Оксана се наоѓала токму во тој вагон“, пишуваат медиумите. Но, потоа е изгубена врската со неа. Оксана имаше 25 години.
Загина и 25-годишниот Денис Петров. На неговата страница многумина оставаат пораки со изјави на сочувство. Денис беше првак на Русија во армиски боречки вештини и првак на Санкт Петербург и на Ленинградската област во кик-бокс.
Денис Петров / vk.com/id344742174
Тој на 3 април одел во спортскиот клуб каде работел како тренер. „Тргна со метро на тренинг и се нашол токму во тој вагон. Беше многу добар човек. Децата многу го сакаа, со задоволство одеа на неговите тренинзи. Малкумина спортисти има како него. Пред него беше голема иднина“, изјавува за изданието „Лајф“ колегата на Денис, Аљона.
Најстар меѓу загинатите е 71-годишниот Јуриј Налимов. Најмладиот патник, пак, е 17-годишниот Мансур Сагадеев кој се враќал од часови од колеџот за телекомуникации. <
Ангелина Свистунова имаше 27 години. Непосредно пред смртта има напишано: Благодарна сум на мајка ми и на татко ми што ми подарија убав живот, што ми дале најубаво име, прекрасно детство и исклучително убава младост. Благодарна сум за тоа што се секогаш покрај мене, што наоѓаат соодветни зборови и поуки, што се секогаш искрени кон мене“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче