Какви се реакциите по терористичкиот напад во Санкт Петербург?

Ројтерс
Експлозијата во метрото во Санкт Петербург и официјално беше дефинирана како терористички напад. Политичарите и општествените работници, како во Русија, така и надвор од неа изразуваат сочувство за настраданите и зборуваат за заедничката борба против тероризмот. Во градот е објавена жалост.

Експлозијата што се случи вчера во санктпетербуршкото метро, а која, според официјалните податоци, однесе 14 човечки животи, Истражниот комитет на Русија (ИКР) ја квалификуваше како терористички напад. Без оглед на тоа што, според претседателот Владимир Владимирович Путин, засега „се проверуваат сите верзии“ на настанот, верзијата за терористички напад фактички веднаш стана основна.

Kremlin.ruKremlin.ru

Неколку часа по терористичкиот напад во медиумите се појави фотографија на човек за кој се претпоставува дека во вагонот на метрото оставил ранец со бомба – станува збор за маж со брада во темна облека. Според податоците на телевизискиот канал „РЕН“, тој спокојно излегол од метрото, по што се губи неговата трага. Сите оние што имаат некаква информација се замолуваат да се обратат во полиција.

Гнев и тага

Ова е ужасен терористички напад, а организаторите и извршителите треба да се утврдат и да бидат сурово казнети“, напиша на Инстаграм првиот човек на Чеченија Рамазан Кадиров, додавајќи на постот фотографија со цитат на Путин, во кој ја допушта можноста за терористички напад. Кадиров ги нарече организаторите на терористичкиот напад „злосторници“, за кои односот треба да биде „не само цврсти, ами и жесток“, зашто предупредувањата не функционираат.

Други руски политичари се изјаснуваат повнимателно, ограничувајќи се на сочувство кон блиските луѓе на оние што загинаа или што настрадаа во експлозијата. „Тоа е наша заедничка болка“, напиша на Фејсбук премиерот Дмитриј Медведев. Губернаторот на Санкт Петербург Георгиј Полтавченко настанот го нарече „страшна трагедија“ и ги повика сите жители на градот да бидат особено внимателни.

Федералната агенција за туризам (Ростуризм) им се обрати на гостите на Санкт Петербург, повикувајќи ги да останат смирени. Според достапните информации, немало туристи меѓу настраданите во терористичкиот напад.

Гласови на сочувство

Меѓународната реакција на претпоставениот терористички напад е типична за сите случаи кога во кој било град се случува голем терористички напад: политичарите и официјалните лица изразуваат тага и солидарност со Русија. „Престрашен сум од веста за експлозијата во Санкт Петербург“, напиша, на пример, првиот човек на британското МНР Борис Џонсон на Твитер. „Мое сочувство до жртвите и до нивните семејства“, додава тој. Генералниот секретар на ОН Антониу Гутериш, од своја страна, го осуди настанот и изјави дека сторителите треба да одговараат за своите ужасни дејствија.

Дел од странците своите мисли ги изразија на руски јазик. Така сочувство на кирилица напишаа од амбасадата на САД во Русија и првиот човек на компанијата „Епл“ Тим Кук. „Искрено сочувство до сите оние кои ги затече оваа трагедија во Санкт Петербург“, напиша Кук, додавајќи емоџи со руското знаме.

Транспортен колапс

Додека официјалните лица им изразуваа сочувство на жителите на Санкт Петербург, тие мораа да се справуваат со последиците од експлозијата – во градот беа затворени сите станици на метрото, па во градот се образуваа големи застои во сообраќајот. Властите на градот го направија надземниот транспорт бесплатен, градските такси-служби им излегоа во пресрет на луѓето и ги возеа бесплатно од центарот.

Во секој случај, немаше доволно коли за сите, па возачите кои имаа слободно место во автомобилот на социјалните мрежи го пуштаа хаштегот #дома според кој ги превезуваа пешаците. Во исто време на Интернет се појави табела на која оние што сакаат можеа да си најдат друштво за дома. „Во вакви моменти треба да бидеме поблизу еден до друг“, напишано е на неа.

Без оглед на тоа што некои таксисти решија да ги накачат цените, оние што искрено помагаа ги имаше повеќе. „Луѓето се сетија дека се луѓе“, пишуваа жителите на градот на социјалните мрежи.

Солидарност на градовите

Во Санкт Петербург е објавена тридневна жалост. Во знак на сочувство во градот се положуваат цвеќиња пред зградата на метро-станицата „Технически институт“ (каде се случи терористичкиот напад). Жителите на Москва, од своја страна, положуваа цвеќе кај стелата „Град-херој Ленинград“ во алејата на градовите-херои на Големата татковинска војна.

РојтерсРојтерс

Еден од оние што положува цвеќе за новинската агенција ТАСС појасни дека каменот во чест на градот-херој Ленинград (кој ја држеше одбраната во текот на 872 дена од блокадата на германската армија) е најпогодното, според него, место за изразување солидарност .Истиот ден солидарност покажаа дури и навивачите на фудбалскиот клуб „Спартак“, кои обично немаат топли чувства кон Санкт Петербург. На мечот против „Оренбург“ тие истакнаа банер:Безмерна болка што ги кине срцата на парчиња. Питер, тагуваме“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња