Зошто Русите ја нарекуваат Москва „Третиот Рим“?

Варвара Гранкова
„Како вотката ...“, „Зошто Путин ...“ „Руска реч на македонски“ ги собра најпопуларните прашања од Интернет-пребарувачите кои се однесуваат на Русија. Во серијата написи „Зошто Русија“ ние детално ќе одговориме на секое прашање. Денес ќе ви раскажеме зошто ја споредуваат престолнината на Русија со Рим.

Во Русија ја нарекуваат Москва на најразлични начини - главниот град има многу имиња и прекари. Има почитувани епитети: на пример „престолнината“ наведува дека токму Москва е првата престолнина на младата руска држава, а „златоглава“ укажува на златните куполи на московските храмови. Има подбивни: „не е гумена“ (навестување дека дури и во огромната Москва нема место за сите кои сакаат да живеат во неа) или „големото село“. Но, едно од најпознатите вообичаени називи, кој има корени уште од средниот век, е „Третиот Рим“. Од каде доаѓа тоа?

Наследничка на Рим и на Константинопол

За првпат Москва е наречена „Третиот Рим“ од православниот монах Филотеј Псковски, кој во 1523-1524 година пишува посланија до московскиот велики кнез, во кои се повикува на борба против ересите. Московското кнежевство, според монахот, е последната тврдина на вистинската вера. „Сите христијански царства го достигнаа крајот и се слеаја во единственото царство на нашиот господар“, тврди Филотеј во едно од посланијата свои. „Два Рима паднаа, третиот се држи, а четврти нема да има“.

Првиот Рим, според терминологијата на Филотеј, е вистинскиот Рим, главниот град на Римската империја, која под своја власт имала десетици народи. Во IV век христијанството постепено станува доминантна религија во првично паганската империја, а Рим станува христијански главен град на светот. Тој е наследен од Константинопол, главниот град на Византиската империја, каде по расколот на христијанската црква на католичка и православна (1054 година) се вкоренува православието. Од православна гледна точка католичкиот Рим паѓа, бидејќи е ангажиран во ерес, а престолнина на вистинскиот христијански свет, „Втор Рим“, станува Константинопол.

„По покрстувањето на Русија во Х век Русите го признаваат авторитетот на византискиот император како заштитник на сите христијани“, забележува историчарот Светлана Лурје. Но, по неколку века паѓа и „Вториот Рим“: во 1453 година Отоманската империја го освојува празниот од политички кризи Константинопол и го нарекува Истанбул. Водечка православна престолнина станува Москва, која во XV- XVI век околу себе ги обединува разорените руски земји.

Заборавената идеја

Како што пишува американскиот историчар Маршал По (Marshall Poe), автор на публикацијата „Москва, Третиот Рим: корени и трансформации на еден 'основоположнички момент“', идејата за „Третиот Рим“ на Запад често се користи за да се објасни советската, а подоцна и руската надворешна политика: небаре во нејзината основа лежат експанзионистички идеи за создавање на империја, слична на Римската. Самиот тој смета дека овој пристап за неправилен: „Тоа (идејата за Трет Рим) не кажува ништо за долгорочните трендови во руската надворешна политика или руската народна психологија“.

Историчарот нагласува: значењето на концептот се преувеличува. Всушност, откако на почетокот на XVI век монахот Филотеј ја изразува идејата за „Третиот Рим“, по три века таа е успешно заборавена. Руската држава расте, но не поради соништата на владеачите за православна империја, ами поради природни причини: борба за ресурси, излез на море и сл.

За прв пат на идејата на Филотеј се потсетиле дури во втората половина на XIX век, при управувањето на императорот Александар II, кога неговите посланија се издавани во големи тираж. Концептот „Москва - Трет Рим“ е земен како оружје од руското пансловенско движење, кое сонува да ги обедини словенските народи под покровителство на Руската империја. Но, по револуцијата од 1917 година и земањето на власта од болшевиците идеите на панславизмот паѓаат во заборав.

„Градот на седумте ридови“

Покрај статусот на империска престолнина стекнато уште во средниот век, Москва нема речиси ништо заедничко со Рим - руската престолнина е со сосема друг вид архитектура и е со многу сурова клима. Една од ретките заеднички карактеристики, за кои зборуваат, е дека, наводно Москва, како и Рим, е сместена на седум ридови.

Историчарот Александар Фролов, специјалист за Москва, вели дека изразот „Градот на седумте ридови“ не одговара на реалноста. Тој прецизира дека при набројувањето на „ридовите“ во летописите се споменуваат мали висорамнини, кои тешко дека можат да се сметаат за ридови. Единствениот вистински рид е Боровицкиот, на кој во моментов се наоѓа московскиот Кремљ. Останатото Фролов го нарекува „убава легенда“. „Плод на романтичарски мечти“, вели историчарот. „Очигледно желбата Москва да се нарекува Трет Рим е огромна“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња